„Вози пребрзо – стигни прерано“.

Сакале ние тоа да го признаеме или не, на сите ни е јасно дека сите сообраќајните незгоди што се случуваат по нашите улици и патишта (од кои, за жал, некои завршуваат и со катастрофални последици) настануваат како резултат на непочитување на сообраќајните правила и прописи.

Во непочитувањето на сообраќајните правила и прописи практично може да се вгради сé, почнувајќи од непочитувањето на сообраќајната и патната сигнализација, па сé до екстремните случаи на возење, како што, на пример, е возење под дејство на алкохол.

Гледајќи ја секојдневно состојбата на нашите улици во градските средини, па и на отворените патишта и автопати, некако сам по себе се наметнува впечатокот дека оваа појава е толку масовна што, по мислењето на авторот на овој текст, добива загрижувачки размери. Самото излегување од станбената зграда, погледот на раскрсницата помеѓу ул. Орце Николов и ул. Никола Тесла (на која безмалку секој втор ден има сообраќајни незгоди и тоа сите, без исклучок, поради непочитување на улицата со првенство на минување), па понатамошното управувањето со возилото по градските улици (дури и како пешак), секој ден претставува една нова сообраќајна авантура.

Ќе речеме – такво е времето и начинот на живеење. Сите и секогаш некаде брзаме мислејќи притоа дека со непочитување на сообраќајните знаци за ограничување на брзината, со „кратење“ преку еднонасочни улици по кои воопшто е забрането движењето, со свртување таму каде што ни е забрането, ќе стигнеме побрзо до нашата крајна цел. Безброј пати сме констатирале дека тоа не е така, за што кристално јасна асоцијација ни дава и онаа убава кампања што се води со посредство на билбордите во нашиот главен град: „Вози пребрзо – стигни прерано“.

Можеби најмногу од сé загрижува податокот дека во ова непочитување на сообраќајните правила и прописи предничат оние што најмалку би требало да го прават тоа, а тоа се професионалните возачи и, пред сé, таксистите. Во овој наплив на голем број такси-возачи, што можеби е разбирливо со оглед на нашата тешка економска ситуација и огромниот број невработени работоспособни лица, впечатокот е дека токму тие во својата трка за патници и во борбата за профит пречесто го избегнуваат почитувањето на сообраќајната и на патната сигнализација. Секоја чест на исклучоците.

Каде е во целата приказна нашата сообраќајна полиција? Сигурно е дека сообраќајната полиција (барем во најголем дел) ефикасно и совесно си ја врши својата работа, но исто така, сигурно е и тоа дека полицајците задолжени за контрола на безбедноста во сообраќајот, сепак, ги нема во толкав број за да може да бидат присутни секогаш и секаде. Ние како возачи, знаејќи го тоа, често го злоупотребуваме тој факт и, свесно или несвесно, со секоја таква злоупотреба го загрозуваме безбедното одвивање во сообраќајот.

Значи, по сé, сепак најголемиот дел од ова останува кај нас, на нашата свест и совест или, ако сакате, на нашата сообраќајна, но и општа култура.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s