Во Европа бензините итаат кон 3 евра.

            Како што деновиве анализира “Дојче Веле”, се помали се шансите цената на горивата да се стабилизира или да се намали. Според нив, три фактори се одлучувачки за цените, а тоа се високата цена на суровата нафта, слабеењето на еврото и големите добивки на рафинериите

Загрижувачки раст на цените на горивата во Европа. Возачите се во летен ценовен шок, оти горивата во повеќе европски земји за литар достигнуваат над две евра.

Како што деновиве анализира “Дојче Веле”, се помали се шансите цената да се стабилизира, или да се намали. Според нив, три фактори се одлучувачки за цените што се истакнати по бензинските пумпи, а тоа се високата цена на суровата нафта, слабеењето на еврото и големите добивки на рафинериите.

Експертите укажуваат дека сегашните големи добивки на рафинериите ја стабилизираат индустријата која во последните години претрпе многу нервоза. Во моментов пазарниот индекс на бруто приходот за рафинериите во северозападна Европа е со бруто-профит од 18.79 долари за барел. Но, сепак треба да се има предвид дека тоа не е чиста добивката, оти од сумата треба да се извадат трошоците за преработка на суровата нафта.

Цената, пак, на суровата нафта се формира на берзите, а таа е зависна и од очекувањата и други фактори надвор од физичкиот нафтен пазар.
-Токму поради тоа, во последниве години варирањето на цените на сурови горива се зголемија – раст од 30% во рок од само седум недели – предупредуваат експертите за “Дојче Веле” и додаваат дека тешко може тоа да се објасни без влијание на финансиските пазари.

Експертот од Хамбург, Штефан Буколд, е на мислење дека од крајот на јуни, кога почна цената да скока, се забележува особено голема шпекулација со цените на суровата нафта, особено на “бренд” горивото од Северното Море.
-Ако на први јули годинава тон евродизел чинел 878 долари, сега тој достигнува цена од 1.020 долари, односно за скоро два месеци 16 долари повеќе, а тоа се прекршува на грбот на европскиот возач – вели Буколд и додава дека има скок на цената на горивата во набавка. Зголемување има и кај бензините. Тон бензин на почетокот на јули се продавал за 918 долари, а сега на пазарот се нуди за 23,7% повеќе, односно 1.135 долари за тон.

Што треба да се направи за да паднат цените на горивата?
-За да паднат цените на горивата, треба пред се да падне цената на суровата нафта, а тоа во моментов многу тешко би се реализирало – смета Буколд оти само по неколку години понудата нема да може да ја покрие побарувачката. Според него, цените ќе скокнат уште повеќе, оти хамбуршкиот експерт очекува следната година барел нафта да чини 150 долари.
Тој нагласува дека во ваква ситуација еврото, како валута, мора да ја зголеми својата вредност. Но, од гледна точка на неизвесноста за иднината на заедничката европска валута, тоа не е многу веројатно.
-Еврокризата е причина потрошувачите да плаќаат скапо за увозните производи, меѓу кои се и горивата – потсетува експертот.

Цените на бензинот во Германија во моментов се предмет на внимание од страна на Картелната служба. Таа е формирана во мај годинава за да ги следи и контролира цените на горивата. Мартин Котхаус, портпарол во Министерството за финансии деновиве повторно кажа дека нема да има намалување на даноците за бензините, оти тоа во моментов не е клучно решение.
Слично размислува и македонскиот премиер Никола Груевски кој укажа дека против кризата ќе се бориме со исти даноци, во ситуација кога многу европски земји ги зголемуваат даноците и акцизите. Македонија во моментов има најниски даноци – акциза за горивата е 0,295 евроценти за литар бензин и 0,172 евроценти за литар дизел.

Поради растот на цената на суровата “бренд” нафта која се движи кон 117 долари за барел, неофицијално во понеделник и македонските граѓани ќе се соочат со нова повисока цена на горивата.

Српската Влада, пак, додека најавува зголемување на акцизата за горивата за 1,5 динари, францускиот премиер Жан Марк Оро најави дека наскоро ќе има благо снижување на цените на акцизите, а со тоа ќе се намалат и трошоците за горивата во малопродажбата. Според него, така ќе се намали ударот врз граѓаните од постојаниот раст на цените на горивата. Од друга страна, пак, производителите на горива реагираат до француската Влада и ја предупредуваат да не воведува лимит за цените на бензините, оти пак тоа може да предизвика недостаток на горива на пазарот.

И италијанската Влада размислува да ги ограничи трошоците на горивата.

Корисни препораки до возачите
Европските возачи против високите цени можат да се борат доколку возат поекономично, да патуваат по пократките маршрути и да бараат најниски цени по бензинските пумпи. Тие, исто така, можат да ги заменат своите автомобили со поекономични модели. Во повеќе европски земји, меѓу кои и Грција расте бројот граѓани кои купуваат велосипеди како најекономично средство за превоз, при што за трговците на велосипеди ова лето нема криза.

Во меѓувреме “Форбс” ја објави листа на топ 10 држави во светот со најниски цени на бензините. Прва е Венецуела каде литар бензин чини речиси неверојатни 0,10 центи, потоа следи Египет со 0,11центи и Саудиска Арабија со 0,12 центи. Катар е четврта земја на оваа листа каде бензинот чини 0,15 центи, иако просечната плата во земјата достигнува 3.500 евра. На листата следат Бахреин со 0,16 центи за литар бензин, Либија – 0,16 центи, Туркменистан, Кувајт и Алжир со 0,20 центи и 10 на листата е Иран со 0,25 центи за литар.

ТАБЕЛА НА ТОП 10 ЗЕМЈИ СО НАЈЕВТИН БЕНЗИН:

10. Иран 0,25 центи
9.    Алжир 0,20 центи
8.    Кувајт 0,20 центи
7.    Туркменистан 0,20 центи
6.    Либија 0,16 центи
5.     Бахреин 0,16 центи
4.     Катар 0,15 центи
3.     Саудиска Арабија 0,12 центи
2.     Египет 0,11 центи
1.      Венецуела 0,10 центи

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s