ПОВТОРНО СЕ НАЈАВУВА ЕЛЕKТРОНСKАТА НАПЛАТА НА ПАТАРИНИТЕ НИЗ ДРЖАВАВА

ПАТАРИНИТЕ БЕЗ ИНКАСАТОРИ ПО 2014

Електронскиот систем за наплата засега нема да ги поскапи патарините, иако Македонија има најниска цена во регионот, вели Љупчо Георгиевски, директор на Агенцијата за државни патишта

Патарини без инкасатори, бесплатна телефонска линија за поплаки и видеонадзор за следење на метежот на наплатните рампи. Ова е само дел од обемниот и амбициозен план за модернизирање на патарините, кој го најави Љупчо Георгиевски, директор на Агенцијата за државни патишта, која од 1 октомври ќе ја преземе надлежноста за нив од „Македонијапат“. Според него, воведувањето на новиот систем на наплата засега нема да ги поскапи патарините, иако, како што вели, тие во Македонија се најниски во споредба со земјите во регионот.
Електронската наплата на патарините се очекува да почне од 2014 година, најпрвин по Kоридорот 10, а потоа и по Kоридорот 8, со што се очекува да се надминат долгите колони и чекања пред рампите, како и проневерите со собраните пари. На 4 септември завршува рокот за пријавување на јавниот повик за електронска наплата на патарините, а од Агенцијата за државни патишта очекуваат дека до крајот на годината ќе биде познат изведувачот. Рокот на изведба на проектот е 18 месеци, а 17-те милиони евра се обезбедени од Европската банка за обнова и развој.
Планираме целосно да се изземе човечкиот фактор. Наместо со готови пари, ќе се плаќа со банкарски картички или со специјални смарт-картички, кои ќе може да се купат во секоја трафика, дуќан или бензинска пумпа. Ако некој нема картичка, не мора да плати веднаш. Неговото возило и регистрација ќе бидат снимени и ќе добие сметка на домашна адреса, која ќе треба потоа да ја плати. Странците ќе имаат опција да плаќаат со банкарски картички – појаснува директорот Георгиевски.
Тој информира дека ќе бидат преземени 257 вработени од „Македонијапат“, кои работат на патарините и кои ќе треба да се придржуваат кон новиот правилник за работа.
Со преминувањето кај нас тие потпишуваат дека ќе ги почитуваат правилникот и нашите акти, каде што стои дека мора да има резервен инкасант, раководител и 24-часовно присуство на дополнителен помошник-раководител. Недозволиво е од четири наплатни рампи да работи само една и не смее да се случи рампата на патарините да биде подигната. Ако не се почитува правилникот, ќе бидат спроведени санкции кон вработените – истакна Георгиевски и најави дека во следните три години, односно до воведувањето на електронскиот систем за наплата, нема да има намалување на нивниот број, освен тие што ќе си заминат доброволно или поради пензионирање.
За да се засили работната дисциплина, ќе се вршат засилени контроли и ќе се воведе бесплатна телефонска линија за граѓанитена која ќе може да пријавуваат нерегуларности.

Во делот на модернизацијата се планира да се обноват наплатните куќички и во нивна близина да се изградат потребни помошни објекти за вработените, а ќе се постави ново осветлување и сигнализација. Се планира, на јасно видливо место на секоја патарина, да се постави набљудувачка кабина, во која ќе има човек што ќе се грижи за безбедноста на наплатувачите и на возачите. За таа цел на наплатните рампи ќе се постават камери, а видеонадзорот ќе може да го гледаат и граѓаните на веб-страницата на Агенцијата за да се информираат дали има метеж на патиштата. Агенцијата за државни патишта планира да распише и јавен повик за собирање на средствата од наплатните рампи, односно собирањето на парите најверојатно ќе се врши преку банка, која ќе биде задолжена еднаш во текот на денот да гарантира за парите и да ги уплати на нивна сметка.

Доцнат парите од техничките прегледи

Апелирам до фирмите за технички преглед на возила редовно да ги плаќаат долговите кон Агенцијата за државни патишта и другите државни институции инаку ќе бидеме принудени да преземаме строги мерки за да ги добиеме овие пари, вели Георгиевски.
– Според законот, парите за одржување на патиштата што ги наплаќаат од граѓаните при техничкиот преглед на возилата мора да ги уплаќаат на наша сметка во рок од десет дена. Последната инспекција на работата на сервисите за технички преглед утврди дека тие ни должат околу 4 милиони евра за последниве неколку години – вели Георгиевски.

Тунелите ќе се осветлат

Во текот на следната недела ќе биде објавен и јавен повик за безбедносно средување на тунелите со комплетна промена на осветлувањето, белење на ѕидовите и обележување со флуоросценти бои. Исто така, ќе се осветлат влезовите и излезите од тунелите.
Според најавите, наскоро ќе се постави камен-темелник за автопатската делница од Демир Kапија до Смоквица и ќе се санира патот Смрдлива Вода-Kожув, кој беше оштетен од лошите временски услови. До Нова година ќе се доврши патниот правец Радовиш Струмица во должина од три километри. Годинава се завршени 56 локални патишта во 40 општини со вкупна должина од 129 километри во вредност од 10 милиони евра. До крајот на годината е планирано да се завршат уште 63 патишта во 44 општини со вкупна должина од 132 километра и вредност од 11 милиони евра.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s