АМСМ – домаќин на тркалезна маса како дел од Декадата за акција за безбедност во сообраќајот на Обединетите нации.

ДА СЕ МИНИМИЗИРААТ ФАКТОРИТЕ НА РИЗИК

Во март 2010 година Генералното собрание на Обединетите нации ја најави Декадата за акција за безбедност на патиштата (2011-2020 година). Бројот на жртвите во сообраќајните незгоди треба да се намали за 50 проценти, да се избегнат 5 милиони смртни случаи и 50 милиони повредени, а да се заштедат околу 3 трилиони долари.

На 24 септември АМСМ беше домаќин на тркалезна маса како дел од Декадата за акција за безбедност во сообраќајот (2011-2020 година) на Обединетите нации. Тркалезната маса се одржа на првиот ден од 25. Европски сообраќајно едукативен натпревар на ФИА, што се одржуваше во Скопје. Тркалезната маса беше дел од кампањата на ФИА ,,Да ги направиме патиштата безбедни” (Make roads safe) во организација на ФИА-фондацијата, АМСМ и Источната алијанса за безбеден и одржлив транспорт (Eastern Alliance for Safe and Sustainable Transport).

Секоја година 1,3 милиони луѓе се жртви во сообраќајни незгоди. Се очекува оваа бројка до крајот на оваа декада да се зголеми на 1,9 милиони.

Во март 2010 година, на иницијатива на ФИА, а поддржана од Светската здравствена организација, Светска банка и ФИА фондацијата, Генералното собрание на Обединетите нации ја најави Декадата за акција за безбедност на патиштата (2011-2020 година). Резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации беше прифатена од 100 земји. Целта на Резолуцијата е да се стабилизира и постепено да се намалува бројот на жртвите во сообраќајот. За да се постигне целта на Декадата ќе биде потребно бројот на жртвите во сообраќајните незгоди да се намали за 50 проценти, или да се преполови. На овој начин ќе се избегнат 5 милиони смртни случаи и 50 милиони повредени, а ќе се заштедат околу 3 трилиони долари.

Декадата за акција за безбедност на патиштата (2011-2020 година) е совршена платформа за да се нагласи важноста на безбедноста на патиштата, да се зголеми свеста и да се потенцира улогата на владите, ФИА-клубовите, медиумите и сите што учествуваа или можат да помогнат за нејзино реализирање во Централна и во Источна Европа.

Тркалезната маса се одржа во одличен тајминг на тој начин што послужи како Европска платформа за оваа акција, да обезбеди и да поттикне дополнителни напори за дополнителни активности во регионот. Во работата на тркалезната маса учествуваа еминентни гости од ФИА-фондацијата, но и од нашата држава. Со тркалезната претседаваше Питер Догвилер од ФИА фондацијата, кој изрази задоволство за успешната организација на АМСМ.

Поздравувајќи ги присутните на Тркалезната маса Трајко Вељаноски, претседател на собранието на Република Македонија истакна, меѓу другото, дека Владата работи на примена на сите мерки од националната стратегија и преку своите комисии ја следи нејзината имплементација. Во оваа прилика тој го потенцираше значењето на едукација на младата популација која треба да почне уште од мали нозе. Едукација за безбедност во сообраќајот, рече Вељаноски треба да биде наша постојана преокупација.

Варнер Краус, претседател на Регија 1 на ФИА, и претседател на Австрискиот автомобилски клуб (OAMTC) од Австрија, изрази задоволство што сите клубови ја применуваат кампањата „Make road safe“, при што се согласи дека со едукација на младите можат да се спречат многу сообраќајните незгоди.

Проф. д-р Спасе Јовковски, претседател на АМСМ, им се заблагодари на гостите и на организаторите. За АМСМ, рече тој, претставува задоволство што е домаќин на ваков настан. Претседателот Јовковски нагласи дека АМСМ секогаш бил активен учесник во сите акции поврзани со безбедноста во сообраќајот „Make roads safe“. Во оваа прилика тој објави дека многу бргу почнува соработката на европските земји преку форум кој ќе биде во контекст на оваа декада.

Раководителот на Секторот за сувоземен сообраќај во Министерството за транспорт и врски, Стевче Јолаковски, ги презентираше ставовите на Владата на Република Македонија кога станува збор за безбедноста во сообраќајот. Координативното тело кое ја следи имплементацијата на Националната стратегија за безбедност во сообраќајот подготви акционен план во областа на безбедноста на сообраќајот. Притоа, тој истакна дека безбедноста ќе се подобри со меѓусебна соработка и почитување, и координирање на акциите.

Дмитри Самбук, меѓународен координатор ФИА-фондацијата, во оваа прилика истакна дека многу влади го поддржаа формирање на Декадата, која ги објави извештаи од глобалната кампања за безбедност, според кои, за жал, се зголемува бројот на жртви во сообраќајни незгоди. Во своето излагање тој се заложи за зголемување на проширувањето на активностите кои се спроведуваат на национално, регионално и глобално ниво. Објаснувајќи ја акционата програма тој ги изнесе петте клучни столбови. Тоа се изградба на капацитети, поодговорно однесување на учесниците во сообраќајот, изградба на побезбедни патишта, создавање побезбедни возила и подобрување на негата на жртвите во сообраќајни незгоди. Во продолжение тој зборуваше за употребата на кацигите и сигурносните ремени, со тоа што ќе се усвои многу построга законска регулатива. Според него, без адекватно учество на организациите, владите, институциите, доследно спроведувањето на законите и едукација на најмладите Акциониот план на Декадата е осуден на пропаст. Беа заеднички настап, рече Самбук, не би можеле да зборуваме за намалување на бројот на жртвите во сообраќајните незгоди.

Во своето излагањето Ема Мек Ленан, директор на ЕАССТ- Источна алијанса за безбедност и одржлив транспорт (EASST), порача дека без обединување на сите сегменти во државите не може да дојде до намалување на бројот на жртвите. Според неа, ниту една кампања нема да успее само со нејзино објавување во медиумите. Најдобриот начин за спречување на зголемувањето и на намалувањето на бројот на жртвите во сообраќајните незгоди е доколку во акциите да бидат вклучени и граѓаните.

Г-ѓа Ема Мек Ленан ги спомена и најзначајните фактори на ризик. Tоа се некористење појаси и потпирачи за детето. Ремените го намалуваат ризикот за смрт за 50 отсто. Новороденчињата со соодветна контрола имаат 80 отсто повеќе шанси да преживеат. Слично е и со користењето кациги. Таа го намалува ризикот за сообраќајна незгода со смртни последици за 40 проценти, а за сериозни повреди повеќе од 70 проценти.

Возење во пијана состојба исто така е фактор на ризик, кој значително се зголемува со над BAC од 0.04g/dl. За неа, образованието и медиумските кампањи не се доволни. Тие треба да бидат комбинирани со одржлива примена.

За најдобри резултати потребно е активно вклучување на заедницата со дополнителна медиумска акција.

Во своето излагање Мајк Слин, директор за инфраструктура во ЕуроРАП објасни дека ЕуроРАП е меѓународна непрофитна организација која е формирана во 2001 за побезбедни патишта. Таа е сестра на иницијативата EuroNCAP.

Мајк Слин потенцирајќи ги целите на ЕуроРАП, ја посочи основната цел, а тоа е помош во намалување на смртноста и сериозните повреди преку систематска процена на ризиците и примена на стандардите. Притоа треба да се посочат главните безбедносни пропусти со предлагање конкретни мерки и акции. Тој рече дека е битно да се гради партнерство меѓу оние што се одговорни за безбедност на патниот систем.

Заложбите за побезбедни возила ги истакна Џејкоб Бансгаард, генерален секретар на еSafety Aware. Тој се осврна на предизвиците што произлегуваат од зголеменото производство на возила и производството во земјите во развој. Ги спомена опасностите за пропуштање слаби безбедносни стандарди при производството и увозот на возила, недоволната хармонизација на стандардите, конкуренцијата која се наметнува за сметка на квалитетот, ниските трошоци на производство и недостигот на свест, култура и безбедност што треба да ја имаат возилата.

За имплементацијата на Декадата во Европска унија зборуваше Вил Ботман, генерален директор на ФИА-Европско биро. Тој го потврди залагањето за преполовување на смртните случаи во Европската унија до 2020 година почнувајќи од 2010. Во таа насока ги презентираше стратегиските цели на Европската унија-одобрување на едукација и обука на корисниците на патот; зголемување на примената на правилата на патот; сигурната патна инфраструктура; сигурни возила; промоција на користењето на современата технологија за да се зголеми безбедноста на патот; и заштита на корисниците на патот.

Спроведувањето на целите на Европската унија за Вил Ботман, во голема мера, зависи од активностите на земјите-членки. Тоа се обуки, доследно спроведување на законите, подобрување на инфраструктура, безбеден пристап на системите, активно учество на автомобилските клубови во националните тела за безбедност на патот, кампања и совети од автомобилски клубови, размена на искуства и практики на европските клубови.

Со излагање на присутните се обратија Матјаж Логар и Никола Ангеловски, претседател на Републичкиот Совет за безбедност во сообраќајот на патиштата во Македонија. Во оваа прилика Ангеловски истакна дека основна задача на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) е да се грижи за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата во Република Македонија.

„Нашата определба е да вложуваме најголеми напори за едукација и превенција на децата во сообраќајот, што произлегува и од Московската декларација и од определбата во Македонската национална стратегија за „нула деца – жртви во сообраќајот“.

Како што истакна Ангеловски, токму од тие причини Републичкиот совет со големо задоволството ја прифати поканата за учество на Тркалезната маса како и подршката на Европскиот натпревар за деца (ЕТЕЦ).

Од дискусијата и од излагањата произлезе дека обезбедувањето безбедност на патиштата и намалувањето на бројот на сообраќајни незгоди е сложена и одговорна задача. Токму затоа, беше речено дека тоа треба да биде грижа на голем број фактори, учесници во сите сегменти на овој важен процес. Тука владиниот, невладиниот сектор, медиумите и граѓаните треба максимално да ги обединат силите и да се стават во функција на задачата што произлегува од Резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации како Декада за акција за безбедност на патиштата (2011-2020 година).

Учесниците заминаа од Македонија со нови сознанија и искуства за имплементација на обврската што ја презедоа сите земји членки на Обединетите нации. Домаќинот АМСМ ги доби сите пофалби за успешно организирање на тркалезната маса и за придонесот што со тоа го даде во оваа значајна акција од светски размери.

Извор: АМСМ

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Промени )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Промени )

Connecting to %s