ПО БАРАЊЕТО НА ССК, ВЛАДАТА ДОПРВА ЌЕ СЕ ИЗЈАСНУВА…Ограничување на увозот на половните возила!?

Увозниците на нови возила сметаат дека меѓу другото влезот на половни автомобили со еуро 1 и еуро 2 норматив негативно влијае на автомобилскиот сектор во Македонија

ПО БАРАЊЕТО НА ССК, ВЛАДАТА ДОПРВА ЌЕ СЕ ИЗЈАСНУВА...Ограничување на увозот на половни возила на владин колегиум.

Владата се уште нема одговор на барањето на импортерите на нови возила, увозот на употребувани автомобили да се ограничи на не постари од седум години. Оттаму информираат дека пред конечната одлука, барањето прво треба да ги помине сите утврдени владини процедури.
– Барањата кои Владата ги добива од субјектите по однос на одредени теми се разгледуваат во соодветна процедура која опфаќа разгледување на генерален колегиум и на комисиите на Владата, за потоа да дојдат на владина седница. По разгледувањето на ова барање со соодветна аргументација и препораки од телата ќе заземеме став за кој и ќе информираме – вели владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.

Импортерите на возила организирани во Сојуз на стопански комори (ССК) кои пред извесно време го доставија ова барање до Владата, објаснуваат дека се решиле на ваков чекор затоа што сметаат дека мерките со кои се дозволува увезувањето на возила со еуро 1 или еуро 2 норматив станале контрапродуктивни бидејќи во државата влегуваат многу стари возила кои се големи загадувачи на животната средина, а поради староста и техничката неисправност претставуваат и директна опасност во сообраќајот. Од друга страна, објаснуваат во ССК, со увозот на над 110.000 користени автомобили во последните три години е задоволен социјалниот момент на сегментот на потрошувачи кои покрај тоа што не беа во можност да купат нов автомобил, успеаја да го заменат својот престар автомобил со само стар автомобил кој не одговара на еколошките стандарди.
– Увозот на половни возила негативно влијае на автомобилскиот сектор во Македонија. Во 2012 во однос на 2008 година продажбата на нови возила е намалена за околу 73%. Овој податок не е во прилог на привлекување странски инвеститори во автомобилскиот сектор. Инвеститорите од овој сектор произведуваат производи по најнова технологија, производи кои ќе бидат продавани во ЕУ и во целиот свет, а додека со увозот на повеќе од 110.000 половни возила се дава прибежиште на старите технологии, односно возила за кои земјите со развиена автомобилска индустрија со разни мерки се борат да ги отстранат од сообраќај – објаснуваат од Комората и додаваат дека импортерите на нови моторни возила инвестираат во државата преку изградбата на модерни центри, дилерски салони, сервиси и технологии, исшколувале над 2.000 кадри и вработиле повеќе од 3.500 лица, за разлика од увозниците на половни возила кои немаат никакви инвестиции.

Импортерите на нови возила се жалат дека го живеат најтешкиот период, отпуштаат вработени, а може да се затворат и некои салони. Тие објаснуваат дека намалената продажба не може да биде причина за поевтинување на новите возила, бидејќи, како што велат, нивната цена сега е сведена на минимум.
Пред да се овозможи увозот на употребувани возила со намалени давачки, во 2009 година, во автосалоните се купуваа 3,5 пати повеќе возила отколку на плацовите за половни. Денес соодносот е обратен, во корист на продавачите на половни возила. Дилерите на нови автомобили предупредуваат дека новите возила се карактеризираат со ниска емисија на јаглерод диоксид и штетни честички во воздухот и имаат посебни филтри кои ги задржуваат штетните канцерогени честички да не влезат во атмосферата. Возилата со еуро 1 или еуро 2 норматив, пак, немаат заштитни филтри и емитуваат огромна количина на штетни честички во воздухот.

Извор: www.vecer.com.mk

Advertisements

Мал историјат на TÜV ознаката

Широко познатата ознака кога се работи за увоз на половни автомобили (TÜV) оваа година слави јубилеј од 50 години, откако се применува во Германија.

TÜV ознаката на регистарските таблички се користи од 1961 година. Се работи за мала лепенка во форма на круг, која се наоѓа на регистарските таблички и со која е означено дека возилото е технички исправно за сообраќај до одреден период (кој месец). Пред воведувањето на TÜV лепенките возачите на автомобили во Германија биле повикувани по пат на пошта и писма да дојдат на контрола за исправност на возилата.
Со годините системот за контрола на исправноста на возилата е усовршуван и стана се посложен, како поради екологијата, така и поради се поголемите сигурносни барања. Како што во таа област се воведуваат се повеќе електронски контроли, така од 2012 година се планира исправноста на возилата, а со самото тоа и TÜV ознаките (лепенките) да се контролираат со посебни електронски уреди.
Во првите години, па се до 1973 година контролната лепенка имала втиснати броеви на месеците во насока на стрелките на часовникот на бела подлога. Денес лепенката има 12 кружни делови со бројки кои се движат во обратна насока од стрелките на часовникот, а два црно означени исечоци овозможуваат полесно да се воочи во кој месец треба да се изврши TÜV тест на возилото.
Од 1980 година се менуваат боите на лепенките – сина, жолта, розева, зелена, портокалова и тоа на годишно ниво. Помеѓу 1985 и крајот на 2009 година воведени се хексагонски лепенки за тест на издувни гасови на предната регистарска табличка. И таа ознака ги следеше дизајнот и бојата на главната лепенка.
Извор: koli.com.mk