И велешани возеа на Балканското мото рели

На Балканскиот одговор на мото релито Дакар, учествуваа и велешаните Сашко Ванов и Методија Саздов. Колку тоа било опасно зборува и тоа што еден возач загина на патеката низ Бугарија.

Седум дена педесетина мотористи од  десетина  држави во Европа возеа  на четвртото  Балканско маратон рели  низ четири Балкански држави, вклучувајќи ја и Македонија. По шума, камен, реки, песок, по оф роуд предели го крстосуваа југот од Балканот. Ова е наш регионален одговор на светски познатото рели Дакар.  Победници на релито се  во ГПС класата – Красимир Колев (Бугарија),  кај мотоциклите во М1 – Хено Ван Бергеијк (Холандија), во М2 – Мартин Фонтин (Белгија) и кај теренските возила во Т1 – Трајанов/Маринков (Бугарија). Учесниците за седум дена од Тирана Албанија, преку Велинград Бугарија, Драма Грција стигнаа до Игуменица при што минаа 2,5 илјади километри.

Најдобар пласман од македонските мотористи имаа  Александар Петровски и Сашко Ванов кои го поделија 13-тото место додека Методија Саздов беше 18-ти. Сите тие возеа мотори  јамаха. Кај четвороциклите учествуваше Тони Димитровски (Хамачи рејсинг),  кој го освои 8 место. Тие четворицата беа македонската селекција на Балканското маратон рели.

Ова беше врвен предизвик, бидејќи се возеше низ сурови услови. Ова е Балкански одговор на познатото рели Дакар. Колку беше силен предизвикот зборува што  учесници на светски познатото рели, дојдоа да возат на оваа оф-роуд трка. Македонскиот дел од патеката беше мошне тежок, по планински и непрооден терен – вели Сашко Ванов еден од македонски учесници.

Четвртото Балканско маратон рели се одржа  од 7-ми до 14-ти септември.  Вкупна должина беше околу 2.500 километри од кои околу 2 илјади  километри се специјални испити по макадамски патишта. Натпреварувачите со мотоцикли, четвороциклите (АТВ) и теренски возила минаа  530 км низ Македонија на 8 и 9 септември. Се возеше на делниците  Ќафасан – Дебар,  Лазарополе – Маврово – Леуново,   Катланово – Градско,  четвртиот на релација Криволак – Штип и последниот  на релација Штип- Делчево. Македонски претставници се задоволни од нивниот настап оти за прв пат учествувале.

За разлика од останатите натпреварувачи немавме ЏСП навигација ниту неопходниот роудбук Така бевме во подредена позиција спрема овие волци на патиштата. И учеството беше по пат на самофинансирање, бидејќи мото спортот во Македонија е маргинализиран – додава Ванов.

Но се надева дека до година ќе имаат подобра организација, поголема поддршка и подобар резултат.  Вкупно 50 пријавени учесници од десеттина земји, од Италија, Германија, Велика Британија, Австрија,Франција, Израел, стартуваа на досега најтешкото маратонско рели во Европа, а само половина од нив пристигнаа  во петокот ,на целта во Игуменица Грција. За предизвиците низ каков терен се возело, колку е тешка патеката, зборува податокот што на  трасата низ Бугарија во близина на градот Гоце Делчев, загинал  55 годишниот  моторист Крис Стаболидис  од Грција. Меѓу учесничките  биле и две жени, Гркинка и Бугарка.

Извор: http://www.tirekovmirece.com

БАЛКАНСКАТА ЕЛИТА ВО ДЕЛЧЕВО

По повод Денот на независноста на Македонија, „8 септември“ на специјално подготвена патека се одржа 33-то Меѓународно крос рели за теренски возила – „Делчево 2012“.

Организатори на оваа манифестација беа Општина Делчево и АМК Џип Рели Спорт од Скопје. Ова крос рели се одржа на специјално подготвена патека и на стартот се најдоа 21 (пријавени) натпреварувачи од Србија, Грција, Бугарија, Албанија, Романија и Турција… Ова беше навистина собир на најдобрите возачи на балканот  кои според правилникот се натпреваруваа во шест категории. Теренците, согласно стандардите за вакви натпреварувања беа поделени во: прва категорија – до 1400 cm3, втора – од 1401 cm3 до 1700 cm3, трета – од 1701 cm3 до 2000 cm3, четврта – од 2001 cm3 до 2500 cm3, петта – од 2501 cm3 до 3000 cm3 и шеста – над 3000 cm3.

Со право се очекуваше „Делчево 2012“ во целост да ги потврди овие вредности и да привлече голем број фанови на оваа дисциплина. Овој пат натпреварувачите имаа тешка задача да ги минат препреките на специјално подготвената кружна патека,  која е во околината Делчево.

Манифестацијата беше потпомогната од многу институции, компании, фирми…, се со цел да се задржи традицијата која веќе со децении ја имаме во оваа сфера на овие простори.

Извор: Avto +

Почна изградбата на делницата Демир Капија – Смоквица

Почна изградбата на делницата Демир Капија – Смоквица

 

Почнаа работите на последната и најскапа делница на меѓународниот патен Коридор 10 која чини вкупно 257 милиони евра. Почетокот на работите на делницата Демир Капија – Смоквица го означија премиерот Никола Груевски и владиниот тим. Делницата во наредните четири години ќе се гради делумно и со европски пари како грант од 45 милиона од Европската Унија, а 130 милиони се кредит од Европската инвестициска банка и 90 милиони кредит од Европска банка за обнова и развој.

Започна изградбата на автопатската делница од Демир Капија до Смоквица во должина од 28 километри. Ова е најголема инвестиција во патната инфраструктура во изминатите 21 годинa, истакна денеска премиерот Никола Груевски на поставувањето на камен – темелникот.

„Започнувајќи го овој проект Република Македонија докажува дека е способна за големи и капитални проекти, проекти кои носат големи придобивки за многу генерации. Ние знаеме дека добрите патишта се основа за безбедноста на нашите граѓани и забрзан економски развој“, вели Никола Груевски, премиер на Владата.

Инвестицијата вкупно чини 271 милиони евра. Од нив 45 милиони се неповратни средства од ЕУ, додека останатите се обезбедени преку кредити од Европските банки.

„Овој автопат ќе помогне во забрзувањето на регионалната интеграција и на тој начин ја симболизира самата амбиција на ЕУ подобро поврзување на нејзините граѓани и нејзините пазари ќе го намали времето за патување и ќе ја подобри безбедноста на патиштата. А со тоа ќе го подобри квалитетот на животот“, истакна Аиво Орав, специјален претставник на ЕУ во Македонија.

Градежните работи на изградбата на оваа делница од автопатот „Александар Македонски“ започнуваат на одбележувањето на денешниот празник, Денот на независноста. Ако пред 21 година македонскиот народ го доби најдрагоценото нешто, желба на многу генерации претходно, сега ние генерациите коишто живееме во Македонија треба да работиме за неа, за нас и за поколенијата, рече вицепремиерот Ставревски.

„Денес треба да ја продолжиме визијата на Даме, Гоце и на сите оние коишто го дадоа животот за Република Македонија. А таа визија е да се работи да се гради да се создава нова вредност и да се остави наследство на идните генерации“, смета Зоран Ставревски, вицепремиер на Владата.

Изградбата на овој дел од Коридорот 10 ќе заврши во наредните 4 години.

„Ќе биде изградена најтешката делница и ќе биде отстрането најтесното грло односно со целосно автопатско решение ќе биде премостена Демиркаписката клисура“, рече Пешевски,

„ Во целост ќе се комплетира изградбата на делот од меѓународниот Коридор 10 кој поминува низ Македонија на ниво на автопат. Нашата визија и цел за современа здрава патна инфраструктура станува реалност “, изјави Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски.

Новата автопатска делница од Демир Капија до Смоквица ќе се гради од спротивната страна на постоечкиот пат и реката Вардар и опфаќа две клучки, два двоцевни тунели, шест мостови, седум подпатници и пет надпатници.

Извор: http://www.kanal5.com.mk

КРОС РЕЛИ ЗА ТЕРЕНЦИ „ДЕЛЧЕВО 2012“

Благодарение на соработката меѓу Општина Делчево и АМК Џип Рели Спорт од Скопје, на 8 септември, на Денот на независноста на Македонија ќе се организира Меѓународно крос рели за теренски возила што е 33-то вакво рели кое се организира кај нас.

Извор: Avto +

Посебен сообраќаен режим по повод 8. Септември – проверете кои улици ќе бидат затворени.

Посебен сообраќаен режим по повод националниот празник 8ми Септември. Од Министерството за внатрешни работи информираат дека дел на од улиците во центарот на главниот град ќе бидат преземени посебни сообраќајни мерки со цел непречено да се одвива големиот концерт на арената „Филип Втори“.

Утре од 10 часот од крстосницата на улиците „Ленинова“ и „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ ќе биде воведен ограничен пристап на сообраќај на сообраќајниците кон националната арена, односно ќе се пропуштаат само возила за дотур на стока и возила за потребите на организаторите на манифестацијата.

Од МВР информираат и дека од 12 часот ќе биде задолжително дислоцирањето на сите автомобили паркирани на сообраќајниците во непосредна близина на арената „Филип Втори“. Час и половина пред почетокот на манифестацијата, поточно од 18,30 часот на булеварот „Илинденска“ ќе се ограничи пристапот, односно ќе бидат затворени за сообраќај улиците кои од овој булевар водат кон националната арена.

Од МВР упатуваат апел до граѓаните да го почитуваат предвидениот сообраќаен режим со цел настанот да помине во најдобар ред.

Извор: http://www.kanal5.com.mk