Македонија претставена на светскиот конгрес за автомобилска индустрија

Инвестициските можности што ги нуди  Македонија  во  автомобилската индустрија се претставени на светскиот конгрес за најновите случувања и перспективи во тој сектор, што се одржува во Детроит, од 15 до 17 јануари.

Македонија претставена на светскиот конгрес за автомобилска индустрија.

На  конгресот,  настан во пресрет на најважниот годишен автомобилски настан во светот North American International Auto Show (NAIAS), македонскиот штанд го претставија директорот на  Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо со неговиот тим и економскиот промотор во Детроит, Дејан Величков.  Тие имаа средби со претставници на голем број компании со кои контактираат веќе подолго време, како и со компании присутни на економското претставување на Македонија од страна на Владата во ноември лани во Детроит.

– Присуството на државна институција од Македонија на конгресот беше позитивно оценето и од организаторот и од голем дел од учесниците кои го посочија ова како пример за држава која работи активно на промоција на можностите и привлекување странски инвестиции, соопшти Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.

На конгресот во Детроит учествуваат над 1.000 делегати од производители на автомобили и водечки производители на компоненти за автомобилска индустрија од САД и светот. Презентации извршија  претставници на Форд, Ауди, Крајслер, Хонда, Хјундаи и БМВ,  како и глобални производители на компоненти како Денсо, Континентал, Магна, Џонсон Контролс, Брос и Борг Варнер. Беа презентирани и перспективите и глобалните трендови на индустријата во 2013 година. Освен Македонија, со свои штандови на конгресот се претставија и Канада, Англија и региони како Вирџинија и Луизијана.

Извор: www.denesen.mk

Наследникот на Audi R8 на повидок

Претставниците на Audi потврдија дека компанијата размислува за развој на хибрид-дизел суперавтомобил кој би се поставил и над до сега неприкосновениот R8. Моделот би требало да биде конкуренција на McLaren P1, Porsche 918 Spyder и наследникот на Ferrari Enzo, а веројатно ќе го носи името R10.

Гласините велат дека во овој супер-брз автомобил ќе се најде технологија развиена за најновиот “R18 e-tron”, кој оваа година победи на Ле Ман. Директорот на технолошкиот развој на Audi, Волфганг Дурхајмер, во неодамнешно интервју изјави дека “дефинитивно има простор за спортски автомобил подобар од R8”. Тој напомена дека е уверен дека дизелскиот хибрид би се продавал одлично.

Доколку биде произведен, се очекува да има моќност од 700 коњски сили, а брзина од 100km/h би постигнувал за 3 секунди. Со таква моќност, највисоката брзина би изнесувала повеќе од 320km/h.

 

Извор: www.puls24.mk

Вака изгледа Мерцедес од иднината. (ФОТО)

„Мерцедес“ на претстојниот автомобилски саем во Лос Анџелес ќе претстави футуристички концепт на теренското возило Ener G Force.

Ener G Force концептот е развиен за натпреварувањето Design Challenge 2012 кое се одржува во рамки на Саемот за Автомобили во ЛА.

По замислата на неговиот создавач, овој концепт претставува наследник на денешната Мерцедес Г класа, за 2025 година.

 

 

Извор: www.kurir.mk

ТOYOTA ПОДГОТВУВА НАСЛЕДНИК НА SUPRA ЗАЕДНО СО BMW

Откако Toyota и BMW ги претставија првите планови за соработка, веќе се појавија и најави дека Јапонците сакаат да направат нов спортски автомобил заедно со баварскиот концерн.

Во интервју за Autoblog, шефот на британската филијала на Toyota, Џон Вилијамс, изјави дека компанијата започнува развој на нов модел, кој ќе биде наследник на легендарната Supra. Според Вилијамс, Toyota треба да го искористи успехот на GT86 и да се развива во соодветна насока. Новиот модел ќе биде хибрид, кој ќе располага со најсовремените технологии на Јапонците и на BMW, а во гените ќе носи ДНК на култ изведбите, како Celica, Supra и MR2.
Ова е модел што ќе биде спакуван од Јапонците, но ништо не се наведува што е тоа што BMW ќе користи од Тоyota, што е особено интересно по разводот на Баварците со Peugeot.

Извор: www.avtoplus.mk

Hyundai во Париз ќе ја претстави три-вратната изведба на i30

Hyundai во Париз ќе ја прикаже третата каросериска изведба на моделот I30. Покрај досега претставените, стандардниот пет-вратен хечбек и караванската изведба, наскоро на пазарот ќе се појави и три-вратна верзија на моделот.

Освен очигледната разлика во бројот на вратите, оваа изведба од пет-вратниот модел се разликува по различниот дизајн на предниот браник кој има нови магленки, а променети се и централна решетка и предните светла. Помалку видливи се промените на задниот дел каде што браникот е со променет дизајн..

Што се однесува до техничкиот дел, три-вратната изведба нема да се разликува во ниту еден дел со останатите две верзии, што меѓу другото подразбира и дека моторите остануваат исти.

Извор: AvtoPortal

Смарт форСтарс концептот ја трасира иднината на марката

Најновиот концепт форСтарс ќе биде главната ѕвезда на штандот на Смарт на претстојниот париски авто саем.

Според компанијата, иако според дизајнот веднаш се гледа дека е Смарт, форСтарс е всушност најава за дизајнерскиот правец на следната генерација на форТу, а претставува и навестување и за нови модели со истиот амблем.

Она што веднаш се забележува е дизајнот на предните и задните светла, за кои од Смарт велат дека „изгледаат како да туркаат нанапред како стрели – како капките на прозорецот од кокпитот кога полетува авионот“.

Други поистакнати детали се „веѓите“ на предните светла, кои им даваат облик на U, конвексната форма на покривот над главите на патниците и „месните“ гуми.

Прожекторот вграден во предниот дел од хаубата е многу фин детаљ, иако тешко дека ќе влезе во конечната производствена верзија.

И внатрешноста на концептот е еднакво футуристички изведена.

Моторот на форСтарс е „позајмен“ од форТу брабус ев. Бензинскиот мотор е надополнет со електромотор од 80КС, за кој од Смарт тврдат дека е сосема доволно за возење и претекнување во град со максимална брзина од 130 км/ч.

Погледнете го видеото за Smart ForStars…

Извор: www.mkd.mk

PEUGEOT НАВЛЕГУВА НА ТУЃА ТЕРИТОРИЈА

По специјалната Onyx едиција на RCZ претставена летово, Peugeot подготвува и спортски автомобил со истото име.

Веста случајно се најде на насловните страници на автомобилските интернет изданија откако Peugeot го постави на својот сервер промотивното видео со кое за салонот во Париз се најавува концепт со име Onyx, без притоа да го проследи ниту со по некоја фотографија, ниту со по некој збор. Затоа, само ќе претпоставуваме врз основа на гласините што ги среќаваме низ виртуелниот свет дека се работи за спортски автомобил со футуристички дизајн и моќни карактеристики, кои со сигурност ќе ги добива од хибриден погон, најверојатно составен од 1,6 литарски турбо мотор со некои 250 KS и електромотор со барем половина од таа вредност. Што и да е, сепак, како што на крај видеото сугерира, ќе мора да се стрпиме до 29-09-2012.

Погледнете го видеото за новиот Peugeot Onyx…

Извор: Avto +

ИНТЕРВЈУ СО СЛАВЧЕ ТАНЕВСКИ, НАЈМЛАДИОТ ДИЗАЈНЕР ВО МЕРЦЕДЕС

Славче Таневски е најмладиот дизајнер во Мерцедес, а ние може да се пофалиме дека е наш сограѓанин. Тој е Македонец, студирал овде, но и во Германија. И покрај напорната работа, Славче одвои време за нас и ни одговори на неколку прашања. 

1. Што точно работиш во компанијата и како стигна до тоа место?
Моментално ја дизајнирам надворешноста на сите сериски возила на Мерцедес-Бенз. Од А-класа, сите лимузини, СУВ возила, до СЛС. Мојата работа се состои од давање предлози за изгледот на возилата како и нивна изработка во 3Д простор односно ЦАС или модели од глина. За моделирањето се задолжени специјализирани моделари кои ги насочувам како да го изработат според мојата замисла. Знаејќи го фактот дека само 12 дизајнери ги создаваат сите Мерцедес модели (а ги има доста) јасно е дека овој клуб од професионални дизајнери е ексклузивен и дека е многу тешко да се успее до таму. Мене најмногу ми помогна талентот и целата енергија што ја вложив додека студирав. Бев упорен и не се откажував. Заслуга за тоа што сум сега секако има и мојот факултет кој има одлична врска со студијата за дизајн во Германија и пошироко. За да биде комплетен пакетот, освен квалитетн дизајнер, треба да бидете пред се’ човек и професионалец, и а може да се интегрирате во тим. Ова шефовите за дизајн го еволуираа кај мене за време на 6 месечната дипломска работа кои ги поминав во истото студио каде што работам денес. Уште како студент во 5 семестар добивав задачи за сериско производство кои веќе можат да се видат на новата А-класа, но добив и фантастичен буџет за изработка на два сопствени проекти: Нимбус и Ариа.

2. Си студирал и на македонски и на германски факултет. Можеш ли да направиш споредба помеѓу факултетите овде и таму?
Најголемата разлика е процентуалната поделеност на теоретски и практичен дел. Студирав индустриски дизајн на Машинскиот Факултет во Скопје каде учев многу непотребни теоретски предмети, додека пракса имаше многу малку. Во Минхен беше сосем спротивно. Во Германија постои индустрија, во Македонија не. Во Минхен секогаш на 1во место било квалитетно да се изработи проектот и на крај студентот да добие работа. Во Македонија најважни се оценките и дипломата, во Германија тоа е портфолиото.

Од друга страна можноста да студирате дизајн е лимитирана. За 10ина места на смерот транспортен дизајн годишно конкурираат над 1000 ученици. Студиите траат 7 семестри и секој има право да студира максимум 11. Испитот смее да се преполага само 2 пати. Доколку паднете на било кој предмет по трет пат, автоматски добивате исписница.

3. Дали факултет е главната причина поради која се вработи во Мерцедес или има и побитни работи кои ти помогнаа во успехот?
Како што спомнав претходно, талентот и напорната работа се најважни. На факултетот се оптимираат вештините на студентот и преку спонзорираните проекти студентите се во фокусот на шефовите од автомобилските дизајн студија, односно идните работодавци.

4. Дали сметаш дека може да се постигне толкав успех во Македонија?
Не. Барем не како дизајнер. Како прво во Македонија нема индустрија. Второ во Македонија нема зантересираност за дизајн пред се, а и вредните и чесни луѓе не проаѓаат славно. Мислам дека трудот не е доволно ценет и луѓето добиваат признание за она што биле и што го работеле после нивната смрт, за жал.

5. Дали имаш идоли или луѓе кои те инспирираат?
Секако. Како луѓе мои идоли секогаш биле моите прекрасни родители на кои им должам многу. Како млад човек најголем идол ми е Тоше Проески. Дечко за пример во секој поглед. Како уметници почитувам многу луѓе: Милчо Манчевски, Марчело Гандини, Заха Хадид, Крис Бенгл со кој лично се знам и многу други. Многу ме инспирираат и моите колеги на работа кои секогаш добронамерно ме критикуваат и ме поттикнуваат да напредувам.

6. Како ги помниш студентските денови? Дали би сакал да ги живееш одново?
Студентските денови ќе ги помнам по убаво. Не беа многу различни од професионалниот живот денес, но имаа некоја магија. Немаше можеби многу дружење, но многу убави работи ми се случуваа уште од 2 семестар со Ламборџини Анкониан, како и со Ламборџини Мадура. Следуваа многу награди, посети на саеми како и ангажманите прво во МИНИ Десигн (9 месеци) а веднаш потоа и во Мерцедес-Бенз. Сепак слободата што ја имам сега како професионален дизајнер не би ја менувал за студентските денови.

7. Што би им порачал на сегашните и идните македонски студенти?
На македонските студенти би им препорачал да бидат упорни и да се вложуваат максимално во тоа што го сакаат, доколку навистина имаат цел. Да се интересираат и да контактираат со луѓе кои успеале. Да ги влечат професорите за ракав и да бараат знаење и совет од нив. Треба да покажат глад за знаење и да бидат самоиницијативни.

Извор: Fakulteti.mk