РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА – ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА ДРЖАВНИ ПАТИШТА

ВИДЕО КАМЕРИ НА ПАТНАТА МРЕЖА,

ПАТАРИНИТЕ И ГРАНИЧНИТЕ ПРЕМИНИ ВО

РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА - ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА ДРЖАВНИ ПАТИШТА

Извор: www.roads.org.mk

Сообраќајот се одвива без забрани и ограничувања

Според најновите информации добиени од ЈП Македонија пат, сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата се одвива непречено, по претежно суви коловози.

Сообраќајот се одвива без забрани и ограничувања

Влажни коловози се бележат на повисоките планински и осојничави места. По клисурите и засеците можна е почеста појава на поситни одрони, посебно на патните правци Маврово-Дебар-Струга, Д.Капија-Удово и Катланово-Велес, кои можат да го попречат движењето на возачите. Дежурните екипи на ЈП Македонијапат се на терен, редовно ги контролират и одржуваат проодни сите патни правци.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.

На граничните премини нема подолготрајни задржувања за влез и за излез од државата.

АМСМ ги потсетува сите возачи дека законската обврска за поседување на зимската опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба, трае до 15.03.2013.

 

Извор: www.kurir.mk

Од 19-ти јануари единствени европски возачки дозволи

Од 19-ти јануари единствени европски возачки дозволи

Наместо досегашните стотици модели возачки дозволи во Европската унија, од следната сабота 19-ти јануари ќе започне издавањето со единствените нови пластични дозволи во формат на кредитните картички.

Новата директива за возачките дозволи стапува на сила на 19-ти јануари 2013 година, што значи дек ановите возачки дозволи издадени по тој датум во сите земји членки ќе мора да бидат според единствениот европски модел.

Со новите прописи се укинуваат возачките дозволи со неограничено важење кои постојат во некои земји членки од Европската унија и тие ќе мора да заменат до 19-ти јануари 2033 година. Земјите членки на ЕУ имаат можност да издаваат дозволи со рок на важење од 10 до 15 години. Дозволите за професионални возачи ќе важат пет години, а при секое продолжување на важноста професионалните возачи ќе мора да минат лекарски преглед.

Се воведуваат и построги правила за управување со мотоцикли. За управување со скутери, најмалите мотоцикли, ќе се бара полагање на теоретски испит, а земјите членки може да се одлучат и за воведување на практичен испит.

За поголемите мотоцикли предвидени се две можности: полагање на возачки испити ќе биде можно со навршени 24 години, наместо како досега со 21 година, а втората можност е да се овозможи пристап за полагањето на испитите со навршени 20 години за оние кои имаат најмалку две години искуство во управување со помал мотоцикл. Со таа мерка се сака да се принудат мотоциклистите искуство прво да стекнат искуство на помали скутери пред да минат на посилни мотоциклисти.

Новата директива треба да ја оневозможи практиката оние на коишто ќе им биде одземена возачката дозвола во една земја членка да полагаа во друга земја членка на Европската унија. Исто така, предвидено е и високо ниво на заштита од фалсификување.

Директивата беше донесена во 2006 година, а земјите членки мораа да га вградат во своите законодавства до крајот на минатата 2012 година, за да може да се спроведува од 19-ти јануари 2013 година.

Главните цели за воведувањето на ваквите единствени возачки дозволи се подобрување на безбедносната во сообраќајот, олеснување на користењето на слободата на движењето на возачите во Европската унија, но и спречување на измами Новата директива значи дека граѓанин на ЕУ на кој му е одземена возачката дозвола, било поради управување на возило во алкохолизирано било поради други прекршувања на законот или од здравствени причини, не смее да ја мине границата и да побара издавање на нова во друга земја членка, што досега се случуваше во Европа.

 

Извор: www.lisica.mk

Околу 100 милиони евра за реконструкција и изградба на патишта во 2013.

Близу 100 милиони евра Владата ќе одвои за реконструкција и изградба на нови патишта низ земјава оваа година. Во 2013, 133 локални патишта со должина од 162 километри во 70 општини низ државата ќе бидат реконструирани или изградени, за нив се одвоени 17 милиони евра од буџетската каса.

Околу 100 милиони евра за реконструкција и изградба на патишта во 2013

Според владиниот портпарол Ѓорѓиев ќе бидат вложени и 30 милиони евра во 11 регионални патишта со должина од 160 километри.

Владата одвоила и 200 милиони денари за старт на проектот за модернизација и воведување електронски системи за наплата на патарините.
Пари ќе има за секоја општина независно од составот на населението, нејзината големина или пак политичката припадност на градоначалникот, вели Александар Ѓорѓиев, портпарол на Влада.

Патиштата дел од фокусот и на министерот за транспорт Јанакиески. Даде отчет за сработеното лани. Покрај инфраструктурните проекти во министерството се работеше и на набавка на 311 нови автобуси , проектот за водоснабдување и одведување отпадни води, се изградија 3 објекти, а 11 чекаат за целосна реализација на станови за социјално ранливи категории на лица, отуѓување на државно земјиште, решение за дивите превозници.

На граѓаните им се овозможени и пониски цени на авиобилетите преку проектот за финансиска поддршка на авиопревозници и склучениот договор со нискотарифната компанија Виз Ер која започна со оперирање на 6 нови дестинации од Скопје до Малме, Базел Мулуз, Ајндховен, Дортмунд и Меминген – Минхен. – Поволните авиобилети за само два месеци, од кога беа воведени ги искористија повеќе од 112.000 граѓани, вели Миле Јанакиески – министер за транспорт и врски.

2012 транспорт ја бележи и со стартот на големиот инвестициски циклус во железницата.

Во тек се проекти за целосна рехабилитација на пругите на три делници вредни 17,6 милиони евра. Се реконструира и делницата Куманово – Бељаковце за што се обезбедени 46,4 милиони евра. Добиени се средства и за изработка на проект за железничко поврзување со Албанија.

 

Извор: www.kanal5.com.mk

ПО НАЈАВАТА ДЕКА ГЕРМАНСКА КОМПАНИЈА ВО ВЕЛЕС ЌЕ ГРАДИ ФАБРИКА…

Советот на општината го вклучи алармот – подготвува локација.

Советот започна процедура за промена на планот и земјиштето од земјоделско да стане градежно. Со ова ќе се овозможат услови новите инвеститори непречено да дојдат и да инвестираат во Велес, вели Славчо Чадиев, претседател на Советот на општината

ПО НАЈАВАТА ДЕКА ГЕРМАНСКА КОМПАНИЈА ВО ВЕЛЕС ЌЕ ГРАДИ ФАБРИКА...

Владата најави изградба на германска фабрика од автомобилската индустрија во Велес, а општинските власти се растрчаа да подготват терен. Советот започна постапка за промена на Деталниот урбанистички план во индустриската зона Речани 2″, бидејќи таа локација, според инвеститорот, била најпривлечна.
– Советот започна процедура за промена на планот и земјиштето од земјоделско да стане градежно. Со ова ќе се овозможат услови идните инвеститори непречено да дојдат и да инвестираат во Велес. Наше е да им понудиме добри услови – вели Славчо Чадиев, претседател на Советот на општина Велес.

Веста за фабриката брзо се прошири во Велес. Граѓаните засега се претпазливи. Дел се сомневаат дека целата работа можеби е предизборен маркетинг. Сепак, сите се согласуваат во тоа дека на Велес, некогаш најразвиен индустриски центар, му е потребна ваква инвестиција.
– Слушнав и мислам дека е за поздравување. Најавуваат дека 600 луѓе ќе работат таму. Тоа е одличен број за да заживее градот. Ако се реализира тоа, ќе биде одлично, пред се за младиве. Нема да бараат работа во светот, туку ќе имаат шанса да се вработат – вели жител на Велес.

Овој и наредниот месец се клучни дали германскиот инвеститор ќе гради фабрика во Велес. Министерот за странски инвестиции, Веле Самак, изјави дека пречки засега нема. Изградба на фабрика во Велес е неговиот приоритет.
– Најизгледен проект ни е германска фирма од автомобилска индустрија која начелно го има избрано Велес како една од локации, иако не споредуваа со Србија и Бугарија, но јас се надевам дека до крајот на февруари ќе ги завршиме овие преговори и ќе донесеме и во Велес уште една гринфилд инвестиција – вели Самак.

Ако се реализираат најавите, изградбата на фабриката ќе чини 20 милиони евра. Таму ќе се вработат помеѓу 500 и 1000 лица.

Извор: www.vecer.com.mk

Апел до сите учесници од сообраќајот од РСБСП

Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, апелира до сите учесници во сообраќајот да обрнат посебно внимание на сложените услови за одвивање на сообраќајот за време на зимскиот период. Во продолжение проследете ги во целост препораките упатени до учесниците во сообраќајот.

getimagethumbnail2

Препорачуваме, во секоја можна пригода да се користи градски или јавен превоз.

Возачите на моторни возила треба да обрнат посебно внимание на одржување на техничката исправност на своите возила.

Препорачуваме употреба на зимски гуми, заради зголемената безбедност при управување со возилото.

Поседувањето на комплетна зимска опрема е задолжително.

Пред возење, по потреба, возилото треба темелно да биде исчистено од снег и мраз, а стаклата од замагленост.

Потребна е добра проценка на состојбата на коловозот при учество во сообраќај, заради можноста за снежни наноси и голомразица, кои се основни причини за сообраќајни незгоди во овој период.

Брзината на движење и растојанието помеѓу возилата мора да биде прилагодено на условите на патот, а будноста и свесноста за движењето на останатите учесници во сообраќајот да биде на високо ниво.

Доколку се патува вон градските средини, потребно е навремено да се провери состојбата на тој патен правец. За таа цел, најпогодна е консултација на телефонскиот број на АМСМ,15 555.

Во случај за потреба од помош на пат, обратете се на телефонскиот број 196.

Природниот гас поевтинува за шест денари

Компанијата Макпетрол а.д. Скопје ја намали цената на природниот гас за стопанството за 6,23 денари.

Природниот гас поевтинува за шест денари

Новата цена изнесува 30,03 денари за кубен метар гас за разлика од досегашните 36,26 денари.

Според компанијата, споредено со минатиот месец намалувањето е за 17,18 проценти.

Причина за намалувањето е пониската набавна цена на гасот за првиот квартал годинава во споредба со четвртиот квартал од минатата година за 14,3 проценти, односно цената од 579 долари за 1.000 метри кубни се намалува на 496 долари, соопшти „Макпетрол“.

 

Извор: www.kurir.mk

Груевски: По 27 години реконструиран патниот правец Катланово – Велес

Владата на Република Македонија во време на светска економска криза најде начин за целосна реконструкција на 27 километри долгиот автопат на делницата Катланово-Велес.

Груевски По 27 години реконструиран патниот правец Катланово-Велес

Ова го истакна премиерот Никола Груевски на свечено пуштање во употреба на автопатот.

Груевски  подвлече дека патниот правец Катланово – Велес е еден од најкористените патишта во Македонија како дел од Коридорот 10, а кој последен пат е рехабилитиран 1985 година.

– Од тогаш па до денес поминати се 27 години во кои немало никакви посериозни интервенции на овој патен правец, а истиот беше целосно амортизиран. Дваесет и седум години во кои велешани, скопјани, штипјани, прилепчани, битолчани, струмичани и сите наши граѓани кои го користеа овој пат возеа по делница која се карактеризираше со дупки, со одрони, лоша сигнализација и други недостатоци. И не само нашите граѓани, по овој пат поминуваат и многу странски граѓани кои ја посетуваа нашата земја или транзитираа кон Грција или Србија. Токму затоа Владата изнајде начин и средства да направи целосна рехабилитација и модернизација на овој патен правец, рече премиерот Груевски.

Тој најави дека се планира во текот на идната година рехабилитација и на другата автопатска делница од Велес кон Скопје која, рече, е исто така во лоша состојба и на која долго време не е интервенирано.

Премиерот посочи дека во меѓувреме се работи на проектот за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица кој претставува една од најголемите инфраструктурни инвестиции во последните 20 години во државата. Во тек се, додаде, и завршни активности за пуштање во сообраќај на делницата Радовиш – Струмица и патот кон ски-центарот Кожув.

Тој најави и повеќе нови проекти за подобрување на инфраструктурата.

– Сите овие проекти, како и оние кои во изминатите години ги реализиравме јасно говорат дека Македонија е способна за големи дела и крупни инвестиции во транспортната инфраструктура. Сите овие проекти ние ги ветивме, а граѓаните ги поддржаа на минатите парламентарни избори. Ние сме должни и обврзани пред граѓаните да го исполниме она што сме го ветиле и она за што тие ни дале мандат. Зад тоа стоиме и за тоа одговараме. Сите овие патишта се патишта на народот, се градат од средства на народот и ги користат сите граѓани без разлика на партиска, етничка, верска или национална припадност. Ќе продолжиме да градиме и да издвојуваме големи средства од Буџетот за вакви капитални и значајни проекти, рече премиерот Груевски.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески посочи дека на делницата Катланово

– Велес е извршена обнова на асфалтот, поставена на современа хоризонтална сигнализација, изработени се целосно нови банкини, мрежа за заштита од одрони, а поставени се и повеќе од 230 знаци во вертикална сигнализација по целата должина на делницата.

Тој додаде дека во соработка со НАТО се реализира проект за рехабилитација и зацврстување на 13 мостови на овој дел од Коридорот 10, инвестиција од 8,6 милиони евра за што, вели, постапката за избор на изведувач е во тек, а градежните работи треба да отпочнат 2013 година.

– Обезбедени се средства од европските фондови за рехабилитација на патните делници по должината на Коридорот 10. Приоритет е даден на проектот за рехабилитација на делницата Велес – Катланово како дел од овој Коридор и ако се биде во ред реконструкцијата треба да започне во првата половина од 2013 година, рече Јанакиески.

Директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски истакна дека со Буџетот за 2013 година се планира да отпочне рехабилитација на регионалните патишта Струга – Дебар, Радовиш – Конче – Лувница, Ангелци – Вељуса – Водоча – Баница, Липково, Арачиново, Тетово, Јажинце и на Велес – Кадрифаково. Воедно во 2013 година треба да се изрши реконструкција и рехабилитација на 180 локални патишта во вкупна должина од 280 километри.

Градежните работи на делницата Катланово – Велес ги изврши АД „Гранит“, а траеја 16 месеци.

Тунелот Солиште доби целосна светлосна сигнализација, а  во должината на целиот автопат се поставени банкини.

Груевски посебно им се заблагодари на пратениците кои со гласањето на буџетот овозможија да се заврши реконструкцијата на овој автопат.

Вкупната сума за реконструирање на овој автопат е 7. 300.000 евра.

 

 

Извор: www.kurir.mk

Како се вози кога има магла?

Од АМСМ деновиве препорачуваат внимателно возење заради појавата на магла и намалената видливост на дел од патните правци. Еве неколку корисни совети за тоа како да возите кога има магла, кои што секако нема да ви бидат на одмет.

Како се вози кога има магла???

За безбедно возење низ магла најважно е да имате исправни фарови за да бидете забележани на патот. Во магла се користат кратки светла за осветлување на патот или специјални светла за магла, а може и двете истовремено.

Има возачи што не знаат како правилно се користат светлата за магла. Тие се вклучуваат само за време на намалена видливост за време на дожд, снег и магла. Во никој случај не треба да се користат во други прилики, на пример, ноќе, затоа што им пречат на останатите возачи.

Второто важно правило е да возите бавно. Најмногу 50 километри на час, но често ниту таа брзина не е возможна. Неопходно е да забавите кога ќе забележите возило пред вас затоа што заради намалената видливост тешко ќе процените дали тоа стои или се движи. Кога маглата е густа најчестите верижни судири се случуваат токму заради задоцнетото забележување на другите автомобили.

Исто така не се препорачува ниту претекнувањето, затоа што возилото што оди во спротивна насока тешко можете да го забележите, а оддалеченоста и брзината на автомобилот што го претекнувате исто така неможете точно да ја утврдите кога е намалена видливоста. Затоа немојте да се нервирате кога некој пред вас „лази“ и не обидувајте се да го заобиколите.

Исто така, зголемете го растојанието, сконцентрирајте се, ако е можно не разговарајте со останатите во автомобилот, намалете го тонот на музиката.

Ако сте се решиле да застанете и да почекате да се разведри во никој случај не заборавајте да ги оставите светлата на автомобилот вклучени.

 

 

Извор: www.kurir.mk