Модерна магистрала ќе ги поврзе Радовиш и Струмица.

Радовиш и Струмица ќе се поврзат со модерна магистрала која ќе овозможи побрз проток и побезбеден сообраќај. Се очекува овој патен правец да биде пуштен во употреба во јануари наредната година.

Патниот правец е во должина од 10 километри на кој е предвидено брзина на движење од 100 километри, наместо досегашните 40 километри што ги овозможува постоечкиот патен правец. Како се одвиваат работите на терен денеска се информираа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески заедно со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски.

– Патниот правец од Радовиш до Струмица е ветување за граѓаните во овој дел. На терен се работи во полна пареа. Агенцијата за државни патишта и изведувачот „Гранит“ и во наредните неколку недели ќе продолжат со интензивно темпо на изградба и на почетокот на следната година ќе се заврши овој патен правец. Калдрмата ќе биде минато, а овој модерен пат ќе биде иднината која ќе помогне за граѓаните од овој регион да се возат безбедно и да имаат полесен пристап до Штип, па и до Скопје, изјави вицепремиерот Ставрески.

Тој најави дека во наредните четири години во патната и во железничката инфраструктура ќе се реализираат крупни проекти. Притоа посочи дека по насока од Владата Агенцијата за државни патишта ќе изготви проект за проширување и на патниот правец Велес – Кадрифаково на кој се случуваат сообраќајни несреќи бидејќи е тесен. Агенцијата треба да изработи проект во кој ќе предвиди патен правец широк 11 метри со две главни и две помошни ленти со што ќе се зголеми безбедноста и на овој патен правец и ќе се олесни патувањето на тој дел од Република Македонија. Во делот на источниот дел од земјава, како што рече министерот, има интензивна изградба и ќе има и во наредниот период.

Говорејќи за инфраструктурните проекти во наредните четири години, вицепремиерот Ставрески истакна дека е отворен градежен фронт, дека се работи на автопатот Демир Капија – Смоквица како еден од најголемите проекти што ќе се реализираат во наредните неколку години и дека Владата настојува да обезбеди финансиска конструкција и средства за реализација на автопатите кои беа најавени од Кичево до Охрид и од Миладиновци до Штип.

Тој изрази надеж дека ќе се обезбеди и концесионер за делниците од Гостивар до Кичево и од Скопје до Блаце, бидејќи станува збор за патни правци каде што има поголем проток на возила и од тој аспект се поатрактивни за концесија.

Владата ќе продолжи, како што најави министерот, и на реализација на проектите за изградба на регионални и локални патишта.

Патниот правец Радовиш чини 445 милиони денари, средства обезбедени од Буџетот на Република Македонија и градежните работи ги извршува „Гранит“ откако е раскинат договорот со претходниот изведувач поради доцнење со роковите (хрватска ИНГРА).

 

Извор: www.kurir.mk

Advertisements

Каде Ван Перси го паркира својот автомобил !?

Робин ван Перси два дена го оставил својот автомобил на местото наменето за хендикепирани лица.

Лондонскиот весник „The Sun“ објави фотографија од фудбалерот на Јунајтед, Робин ван Перси паркиран на аеродромот во Манчестер, на просторот наменет за хендикепирани лица.

Холанѓанецот го оставил автомобилот таму пред патувањето во Португалија за мечот против Брага од Лигата на шампионите, а се вратил по два дена.

-Воопшто не му беше гајле што го паркирал на овој простор, дури и погрешно го паркирал. Нема шанси да не го видел означувањето бидејќи местото е добро означено, вели очевидец за „The Sun“.

Аеродромот во Манчестер не планира да покрене постапка против фудбалерот.

-Човекот само погрешил, кусо искоментирале надлежните.

 

Извор: www.kurir.mk

Замрзнато ветробранско стакло? Volkswagen има решение!

Volkswagen развива нова технологија која треба да го го спречи замрзнувањето на ветробранското стакло – технологија наречена Low-E Coating…

VW групацијата заедно со Институтот за површинска технологија развива нова технологија наречена Low-E Coatting која претставува тенок премаз од индиум оксид, кој го спречува замрзнувањето и замаглувањето на ветробранското стакло. Oвој премаз би требало да спречува замрзнување на ветробранските стакла до темпертаури од -18 целзиусови степени.
Директорот на VW Thomas Drescher изјави дека овој премаз не може да ја спречи кондензацијата и замрзнувањето на ветробранското стакло на неодредено време, но сепак може многу да го ограничи тој процес.
Сепак, и ова револуционерно решеније има свои недостатоци, на пример е тоа што Low-E Coatting го блокира приемот на сигнали од мобилните мрежи. Доколку VW најде решение и за овој проблем, со сигурност може да кежеме дека Low-E Coatting ќе биде едно од најпрактичните решенија за замрзнатите ветробрански стакла и еден вид ново револуционерно решение во автоиндустријата.

Извор: koli.com.mk

МВР со нов систем за електронско полагање на теоретскиот дел за возачка дозвола

Зголемена  контрола и квалитет на тестовите за полагање за возачка дозвола ќе овозможи новиот систем на електронско тестирање,  што го промовира денеска на прес-конференција министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Новиот систем има над 80 милиони комбинации. Осумте испитни центри и нивните подружници низ државата веќе се поврзани, опремени и првично оспособени за реалзиација на проектот, но со електронското тестирање ќе се почне кон крајот на наредниот месец, за да се остави простор на идните кандидати да се запознаат со прашањата.

Досега во новиот систем во првата фаза се внесени 842 испитни прашања на македонски и на албански јазик со графика и со реални состојби во сообраќајни ситуации и површини,  кружни крстосници, тунели, надвозници, а се планира да се внесат уште двапати по 400  испитни прашања.

Јанкулоска појасни дека е предвидено по случаен избор системот да генерира тест од различни испитни прашања. Не само што квантативно е зголемен бројот на прашања што се во оптек и бројот на сообраќајни ситуации, туку практично сведена е на минимум можноста еден тест да се повтори кај повеќе кандидати, а со тоа станува целосно безполезно учењето тестови на памет. Наместо претходните 30 комбинации на тестови со новиот систем добивме над 80 милиони комбинации на тестови, рече Јанкулоска.

Кога кандидат ќе дојде на тестирање, како што појасни, испитната комисија ќе го евидентира, а членовите го активираат неговиот кориснички профил, со што системот генерира корисничко име и лозинка за пристап, единствено за секој кандидат, кои се печатат од страна на испитната комисија и се дава на кандидатот. Кандидатот со тоа корисничко име и лозинка, може да се најави на системот само од строго определен и нумериран компјутер од испитното место кое го одредува испитната комисија. Од моментот кога кандидатот ќе кликне на копчето „Започни со решавање на тестот”, системот генерира тест и времето предвидено за решавање на тестот почнува да одбројува и тоа во секој момент од тестот ќе му биде видливо на кандидатот. Кандидатот може да избира кое прашање ќе го одговара во даден момент, но кога еднаш ќе го одговори прашањето (со кликање на копче „Одговори“), нема да може повторно да се врати и да го измени одговорот. Доколку кандидатот заврши со одговарање на прашањата пред истекот на предвиденото време, може да кликне на копчето „Заврши со тестирање“, со што веднаш излегуваат резултатите од тестот, односно известување за тоа дали кандидатот положил, со колку поени и слично.

Јанкулоска информира дека испитните прашања ќе бидат од областа на „Хуманите односи и етиката во сообраќајот“, „Сообраќајните правила и прописи“, „Сообраќајните крстосници, кружни текови и знаци што ги даваат полициските службеници при контрола и регулирање на сообраќајот“ и „Сообраќајни знаци, сообрасќајна сигнализација и уреди и опрема на патиштата“. Сите заинтересирани уште од денеска ќе може да имаат увид во прашањата и да ги проучуваат на интернет страницата ан МВР. Преку таа интернет страница, идните возачи ќе може да пристапат и до симулаторот кој ќе им генерира тест и на крајот ќе им каже дали нивното знаење е доволно или не за да се положи. Во наредниот период се очекува да биде објавен и прирачник кој ќе ги содржи правилата и прописите, но и објаснувањата за решавање на ситуациите.

Предвидено е прашањата да бидат на македонски и англиски, а доколку некој кандидат има проблем со познавањето на работата со компјутер, од страна на комисиите ќе му биде испечатен компјутерски генерираниот тест.

Министерката за внатрешни работи истакна дека со електронското полагање на теоретскиот дел од возачкиот испит ќе се обезбеди максимална заштита. – Сведена е на минимум можноста за неовластено откривање, симнување, снимање, зачувување, изнесување и давање на испитните прашања т.е комбинациите од прашања во форма на тест согласно утврден стандард за доверливост и одржливост на електронски системи, рече Јанкулоска, оценувајќи дека  воедно ќе се засили надзорот над работата на испитните центри.

Таа се надева дека најавата за менување на начинот на полагање ќе побуди интерес кај идните кандидати кои посериозно ќе мора да пристапат на теориското тестирање, бидејќи, укажа, нашата цел не е да ја направиме возачката дозвола понепристапна, туку да ги направиме поподготвени за вклучување во сообраќајот.

Извор: www.kurir.mk

А место за паркирање?

Најавениот нов сообраќан режим ќе оневозможи диво паркирање на улица Благој Ѓорев.

Со новиот сообраќаен режим ќе биде оневозможено незаконското паркирање по главната градска улица Благој Ѓорев. На тој начин околу 40 диви паркинг места ќе бидат избришани. Локалната власт предвидува решение за ова преку два нови паркинг простори кои ќе овозможат најмалку нови 60 легални паркинг места.

Првиот е уредување и поплочување  на паркингот кај ЕВН, кој сега најчесто е пуст и празен. Второто е уредување на лента за паркирање на улицата Наум Наумовски Борче, таа која е спроти ЕВН  во дворот на  Гимназијата. И онака сообраќајната а не го санкционира паркирањето на крстосниците, каде тоа не смее да се случува а во пракса сите сме сведоци дека го има, посебно пред Панини – вели градоначалникот Горан Петров

Извор: http://www.tirekovmirece.com

Пилот студија за нов сообраќаен режим на улица Благој Ѓорев во Велес

Се предвидува враќање на двонасочниот сообраќај до свиокот кон Болница, поставување на нови семафори, кружени текови,укинување на постојниот семафор или комплетно нов сообраќај по најфреквентните улици.

 Велес ќе добие нов сообраќаен режим за централните градски улици. Се предвидува  враќање на двонасочниот сообраќај  до свиокот кон Болница, поставување на нови семафори, кружени текови, укинување на постојниот семафор  или комплетно нов сообраќај по најфреквентните  улици Благој Ѓорев и  Алексо Демниевски Бауман. Проектантската куќа ЗУМ Проект од Скопје по барање на локалната власт понуди  студија за дел од улична мрежа во Велес со варијантни решенија за девет крстосници.

Оваа студија е работена на ниво на идејни решенија, кои можат да претрпат измени. Понудивме решенија кои се оптимални за градот, имаме повеќе кружени крстосници кои во пракса во Скопје се  покажаа како добри.  Работевме на задоволување на нараснатите потреби на градот кои ќе се јават во блиско време, пред се со изградбата на новиот театар и новата црква – изјави  Јани Христовски сообраќаен инженер еден од  авторите на студијата.

Тие избројале  дека во ударните термини наутро во осум и попладне во 4 низ главната градска улица во еден час минуваат по 900 автомобили, или на секој четири секунди по еден. Третина од нив се упатуваат кон Којник, вртат повеќе од километар за да сигнат дома. Пресметките покажале дека за ова тие трошат десетина минути  повеќе од стандардната релација. Ова е проблем за околу шест илјади велешани.

Со оваа студија се предвидува воведување на двонасочен сообраќај од Пошта до кривината кон Болница и од Трговскиот во Нова Населба до крстосницата кај Железничката зграда, отворање на нова улица до театарот и едно насочен на улица Прва Комуна. Кај крстосницата пред Пошта се нуди светлосна сигнализација, со тоа што ќе мора да се одземе  од просторот од пред зградата кај Градска аптека. На крстосницата за влезот кај Брза помош би се поставило едно островче.

На крстосницата кај Болница  а завршува  еднонасочната улица и започнува двонасочната, за што ќе треба да се постави хоризонтална и вертикална сигнализација. Влезот од новата улица од пред театарот на главната Благој Ѓорев ќе биде со семафори. Крстосницата кај ОУ Блаже Конески би се регулирала со разделно островче.  Кај  крстосницата Панини е предвидено во една варијанта  со турбо кружен тек а со втората со семафор. И во двете варијанти се отвора премин од лево кон улица Прва комуна за сите возила да одат директно кон неа. За реализација на двете варијанти ќе треба да се одземе простор од дворот на Гимназијата.

За крстосницата кај железничката исто така е предвидено две варијанти, семафори и кружен тек. Поставувањето на семафори на овие крстосници е со т.н. јамки кои преку индуктори овозможуваат влез на автомобили на главната улица Благој Ѓорев  само кога на споредните има возила. Во сите други случаи движењето по главната улица е постојано и непречено. Ако се оди на кружен тек ќе се дислоцираат сите времени објекти во негова близина и ќе се одземе дел од тротоарот од пред фонтаната.

Со воведувањето на двонасочен сообраќај од Трговски до Железничка, крстосницата пред Трговскиот нема да има промени. На крстосницата пред сендвичара Круг кај ЕВН се предвидува поставување на островче. На семафорите  кај бензинската на Макпетрол се предвидува наместо семафори да се  изгради турбо кружна крстосница. За  негова реализација е потребно да се добие простор од дворот на ЕВН и од дворот на Макпетрол. Авторите на оваа студија по барање на инвеститорот- Општина Велес понудија решение и за крстосницата кај ЗОИЛ Македонија, каде би се регулирал со разделни острови. Сигурно е дека на влезот од Велес  во правец од Штип ќе се гради кружен тек.

Повеќе фактори влијаеја да се побара изработка на ваква  сообраќајна студија. Основно е зголемениот број на возила во Велес, било приватни,  службени и такси превоз. Потоа привршува изградбата на два јавни објекти, црква и театар на главната градска улица, кои ќе го отежнат сообраќајот на неа. Имаме и барање на одреден број жители кои директно се погодени со постојниот сообраќаен режим. Важен ни е и пристапот до здравствените институции Болница и Брза помош, до кој сега да се стигне е потребно за дел до  велешани да кружат еден километар. Со воведување на светлосна сигнализација и  кружни токови на одредени делови ќе се поедностави,  сообраќајот ќе биде побезбеден, ќе се  намали  брзината,  со што ќе се придонесе по безбедноста на пешаците – вели Горан Петров градоначалник на Велес.

Тој сега очекува граѓаните да се изјаснат по оваа студија а потоа, откако ќе се соберат реакциите, ќе се пристапи кон избор на решенија и нивна реализација. Рок на воведување на овој нов сообраќаен режим би бил најмногу до една година.

Извор: tirekovmirece.com

Презентирана Сообраќајна студија за дел од улична мрежа во Велес

Се одржа презентацијата на Сообраќајна студија за дел од улична мрежа во Велес со варијантни решенија за одредени крстосници во големата сала на општина Велес. Предмет на студијата е анализа на постојниот еднонасочен систем на улиците Алексо Демниевски и Благој Ѓорев и разработка на нови сообраќајни решенија на дел од уличната мрежа во Велес кои ќе ги задоволат сообраќајните потреби на населението кое гравитира во овој дел на градот. Како што истакна градоначалникот на општина Велес Горан Петров, повеќе фактори влијаеле за донесување одлука за изготвување на една ваква студија, пред се, зголемување на бројот на моторни возила како и заради барањето на дел од населението во однос на постојниот режим на сообраќај, да се измени, односно да се скрати времето за пристигање до одредени големи делови од градот. Се обидуваме со една ваква сообраќајна студија да го скратиме времето за пристигнување до Болницата, Здравниот дом и други важни објекти, истакна Петров. Со воведување на семафоризација и кружни токови на одредени сообраќајници во многу ќе се поедностави сообраќајот и ќе биде побезбеден, додаде Петров. Оваа студија ја изработи проектантската куќа ЗУМ Проект од Скопје. Ова е прв случај на презентација на оваков вид на студија пред пошироката јавност во Македонија. Доколку поголемиот дел од граѓаните ја прифатат оваа студија, следниот чекор ќе биде избирање на варијантни решенија. Во одреден дел на варијантните решенија како што истакна Петров, многу бргу ќе може да се започне со реализација.

Извор: http://www.cdradio.com.mk