РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА – ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА ДРЖАВНИ ПАТИШТА

ВИДЕО КАМЕРИ НА ПАТНАТА МРЕЖА,

ПАТАРИНИТЕ И ГРАНИЧНИТЕ ПРЕМИНИ ВО

РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА - ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА ДРЖАВНИ ПАТИШТА

Извор: www.roads.org.mk

Advertisements

„СЕНЗОР“ ЌЕ ГИ СНИМА МАКЕДОНСКИТЕ ПАТИШТА

Во присуство на министрите за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и директорот на Јавното претпријатие за државни патиштa Љупчо Георгиевски денеска во Автомото сојузот на Македонија отпочна имплементацијата на меѓународниот проект „СЕНЗОР“ за безбедносна процена на автопатските рути во Југоисточна Европа – ЈИЕ и во Република Македонија… 

Извор: www.telma.mk

Околу 100 милиони евра за реконструкција и изградба на патишта во 2013.

Близу 100 милиони евра Владата ќе одвои за реконструкција и изградба на нови патишта низ земјава оваа година. Во 2013, 133 локални патишта со должина од 162 километри во 70 општини низ државата ќе бидат реконструирани или изградени, за нив се одвоени 17 милиони евра од буџетската каса.

Околу 100 милиони евра за реконструкција и изградба на патишта во 2013

Според владиниот портпарол Ѓорѓиев ќе бидат вложени и 30 милиони евра во 11 регионални патишта со должина од 160 километри.

Владата одвоила и 200 милиони денари за старт на проектот за модернизација и воведување електронски системи за наплата на патарините.
Пари ќе има за секоја општина независно од составот на населението, нејзината големина или пак политичката припадност на градоначалникот, вели Александар Ѓорѓиев, портпарол на Влада.

Патиштата дел од фокусот и на министерот за транспорт Јанакиески. Даде отчет за сработеното лани. Покрај инфраструктурните проекти во министерството се работеше и на набавка на 311 нови автобуси , проектот за водоснабдување и одведување отпадни води, се изградија 3 објекти, а 11 чекаат за целосна реализација на станови за социјално ранливи категории на лица, отуѓување на државно земјиште, решение за дивите превозници.

На граѓаните им се овозможени и пониски цени на авиобилетите преку проектот за финансиска поддршка на авиопревозници и склучениот договор со нискотарифната компанија Виз Ер која започна со оперирање на 6 нови дестинации од Скопје до Малме, Базел Мулуз, Ајндховен, Дортмунд и Меминген – Минхен. – Поволните авиобилети за само два месеци, од кога беа воведени ги искористија повеќе од 112.000 граѓани, вели Миле Јанакиески – министер за транспорт и врски.

2012 транспорт ја бележи и со стартот на големиот инвестициски циклус во железницата.

Во тек се проекти за целосна рехабилитација на пругите на три делници вредни 17,6 милиони евра. Се реконструира и делницата Куманово – Бељаковце за што се обезбедени 46,4 милиони евра. Добиени се средства и за изработка на проект за железничко поврзување со Албанија.

 

Извор: www.kanal5.com.mk

Груевски: По 27 години реконструиран патниот правец Катланово – Велес

Владата на Република Македонија во време на светска економска криза најде начин за целосна реконструкција на 27 километри долгиот автопат на делницата Катланово-Велес.

Груевски По 27 години реконструиран патниот правец Катланово-Велес

Ова го истакна премиерот Никола Груевски на свечено пуштање во употреба на автопатот.

Груевски  подвлече дека патниот правец Катланово – Велес е еден од најкористените патишта во Македонија како дел од Коридорот 10, а кој последен пат е рехабилитиран 1985 година.

– Од тогаш па до денес поминати се 27 години во кои немало никакви посериозни интервенции на овој патен правец, а истиот беше целосно амортизиран. Дваесет и седум години во кои велешани, скопјани, штипјани, прилепчани, битолчани, струмичани и сите наши граѓани кои го користеа овој пат возеа по делница која се карактеризираше со дупки, со одрони, лоша сигнализација и други недостатоци. И не само нашите граѓани, по овој пат поминуваат и многу странски граѓани кои ја посетуваа нашата земја или транзитираа кон Грција или Србија. Токму затоа Владата изнајде начин и средства да направи целосна рехабилитација и модернизација на овој патен правец, рече премиерот Груевски.

Тој најави дека се планира во текот на идната година рехабилитација и на другата автопатска делница од Велес кон Скопје која, рече, е исто така во лоша состојба и на која долго време не е интервенирано.

Премиерот посочи дека во меѓувреме се работи на проектот за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица кој претставува една од најголемите инфраструктурни инвестиции во последните 20 години во државата. Во тек се, додаде, и завршни активности за пуштање во сообраќај на делницата Радовиш – Струмица и патот кон ски-центарот Кожув.

Тој најави и повеќе нови проекти за подобрување на инфраструктурата.

– Сите овие проекти, како и оние кои во изминатите години ги реализиравме јасно говорат дека Македонија е способна за големи дела и крупни инвестиции во транспортната инфраструктура. Сите овие проекти ние ги ветивме, а граѓаните ги поддржаа на минатите парламентарни избори. Ние сме должни и обврзани пред граѓаните да го исполниме она што сме го ветиле и она за што тие ни дале мандат. Зад тоа стоиме и за тоа одговараме. Сите овие патишта се патишта на народот, се градат од средства на народот и ги користат сите граѓани без разлика на партиска, етничка, верска или национална припадност. Ќе продолжиме да градиме и да издвојуваме големи средства од Буџетот за вакви капитални и значајни проекти, рече премиерот Груевски.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески посочи дека на делницата Катланово

– Велес е извршена обнова на асфалтот, поставена на современа хоризонтална сигнализација, изработени се целосно нови банкини, мрежа за заштита од одрони, а поставени се и повеќе од 230 знаци во вертикална сигнализација по целата должина на делницата.

Тој додаде дека во соработка со НАТО се реализира проект за рехабилитација и зацврстување на 13 мостови на овој дел од Коридорот 10, инвестиција од 8,6 милиони евра за што, вели, постапката за избор на изведувач е во тек, а градежните работи треба да отпочнат 2013 година.

– Обезбедени се средства од европските фондови за рехабилитација на патните делници по должината на Коридорот 10. Приоритет е даден на проектот за рехабилитација на делницата Велес – Катланово како дел од овој Коридор и ако се биде во ред реконструкцијата треба да започне во првата половина од 2013 година, рече Јанакиески.

Директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски истакна дека со Буџетот за 2013 година се планира да отпочне рехабилитација на регионалните патишта Струга – Дебар, Радовиш – Конче – Лувница, Ангелци – Вељуса – Водоча – Баница, Липково, Арачиново, Тетово, Јажинце и на Велес – Кадрифаково. Воедно во 2013 година треба да се изрши реконструкција и рехабилитација на 180 локални патишта во вкупна должина од 280 километри.

Градежните работи на делницата Катланово – Велес ги изврши АД „Гранит“, а траеја 16 месеци.

Тунелот Солиште доби целосна светлосна сигнализација, а  во должината на целиот автопат се поставени банкини.

Груевски посебно им се заблагодари на пратениците кои со гласањето на буџетот овозможија да се заврши реконструкцијата на овој автопат.

Вкупната сума за реконструирање на овој автопат е 7. 300.000 евра.

 

 

Извор: www.kurir.mk

Ќе се градат автопати помогнати од Кина

Изградба на автопатска делница Миладиновци – Штип и надградба на патната делница Штип – Кочани, како и изградба на автопат Кичево – Охрид и на патот Охрид – Св. Наум, се приоритетни инфраструктурни проекти за македонската Влада што треба да ги реализира преку соработка и поддршка со Владата на Народна Република Кина.

Меѓудржавниот договор денеска во Скопје го потпишаа министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и кинескиот амбасадор во Скопје Цуј Џивеи.

– Со Договорот се дава приоритет на изградбата на инфраструктурните проекти, односно патна и железничка мрежа, мостови, електроенергетски и телекомуникациски објекти и активно се охрабрува соработка помеѓу банките и компаниите во двете држави со цел непрекината и успешна соработка, рече министерот Јанакиески по потпишувањето на договорот.

Според него, паралелно ќе се работи на изградбата на сите планирани делници, но најбргу може да се почне со автопатот Миладиновци – Штип за кој веќе е изготвен финален проект и е почнат процес за експропријација. На ниво на автопат ќе биде и патот Кичево – Охрид, за кој исто така веќе се изготвени проекти, а за патот Охрид – Св. Наум Агенцијата за државни патишта во наредните две години треба да изготви проектна документација.

За финансирање на делниците се планира да се искористат дел од 10 милијарди евра што ги најави кинеската Влада за развој на Југоисточна Европа, со кредитирање преку кинеската Експорт импорт банка. Динамиката и димензионирањето на тие проекти, според Јанакиески, ќе биде согласно Стратегијата за надворешниот  долг на Република Македонија.

– Моментно Владата на НР Кина најави дека имаат на располагање 10 милијарди евра наменети за развој на земјите од Југоисточна Европа, но можеби  во иднина ќе има и други можности  за развој на инфарструктурата. За патот Миладиновци – Штип нашата тенденција е да искористиме дел од тие 10 милијарди евра, а во иднина можеби ќе има и други  поповолни линии или друг начин на финансирање. Во конкретниот случај  за тие 10 милијарди евра се работи за  многу поволно кредитирање од кинеската Ексим банка, појасни Јанакиески.

Владата, укажа, сака да се реализираат сите приорити, но мора да се исполнат сите услови согласно Стратегијата за надворешниот долг, капацитетот на двете држави и сите останати мерки што ќе бидат преземени во иднина.

– Како  држава се уште сме во границата на ниско задолжени земји, но сепак треба да се почитува Статегијата за надворешниот долг во РМ при евентуални кредити за изградба на инфраструктурата. Но, овие проекти се наш приоритет и во соработка  со Министерството за финансии и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски ќе утврдиме динамика, бидејќи паралелно Министерството за транспорт  и врски со Министерството за финансии работи и на обезбедување  средства за изградба на Коридорот 8 кон Бугарија  и за гасификацискиот систем, појасни Јанакиески.

Кинескиот амбасадор во Скопје оцени дека договорот е резултат на долги подготовки и разговори помеѓу двете влади и претставува можност за продлабочување на соработката.

Договорот за соработка, меѓу другото, опфаќа и техничка помош од експерти, професионалци специјализирани за обука на домашни лица за изработка на развојни планови и други работи поврзани со инфраструктурните проекти, одржување тренинг курсеви, набавка на машини, опрема и материјали, размена на искуства  за сигнализација и интегрирани системи…

 

Извор: www.denesen.mk