Казни за возење без зимска опрема од денес

Законската обврска за поседување зимска опрема во возилата стапува во сила од денес.

Од Авто Мото Сојузот на Македонија информираат дека обврската важи без оглед на моментната временска состојба. Под зимска опрема се подразбираат гуми за зимска употреба на погонските тркала, односно радиални пневматици на сите тркала или пневматици со летен профил, чија длабочина на шарата изнесува 4 мм, ако во возилото во приборот има синџири за погонски тркала, а за автобуси и товарни возила и лопата.

Законската обврска за носење зимска опрема во возилата ќе трае до 15 март следната година.

Извор: www.kurir.mk

Advertisements

Колку кандидати го положија е-тестот за возачка?

Официјално од вчера стартуваше електронското полагање за теоретскиот дел за стекнување со возачка дозвола.

Како што дознава Курир во испитните центри во Скопје, Куманово, Тетово и Штип вчера за полагање се пријавиле вкупно 127 кандидати. Сто од нив паднале на теоретскиот дел.

Во Скопје пријавени биле 53 кандидати од кои положиле само 8. Од 45 пријавени го Тетово испитот го поминале 9 кандидати.

Во Куманово за полагање биле пријавени 6 кандидати, а само половина од нив поминале. Само 7 од пријавените 27 го положиле испитот во Штип.

За време на полагањето имало кандидати кои сакале испитот да го полагаат во печатена верзија. Сепак и тој испит е дел од многуте комбинации од електронското полагање, а не од тестовите кои во минатото се полагаа.

Со воведување на електронските тестови МВР очекува да се добие пореален приказ за познавањето на сообраќајните правила и прописи од страна на кандидатите а наедно и да се зголеми знаењето на идните возачи.

Извор:  www.kurir.mk

Јанкулоска присуствуваше на пуштањето во употреба на новиот систем за полагање за возачка

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска присуствуваше на официјалното пуштање во употреба на новиот систем за полагање на теоретскиот дел од возачкиот испит во електронска форма, во Испитниот центар за полагање за возачка дозвола во Тетово.

Со новиот начин, потенцира Јанкулоска, бројот на комбинации на испитните прашања е речиси неограничен, односно има над еден милион од овие комбинации, а тоа значи дека секој кандидат полага различен тест.

– Исходот се дознава веднаш по завршувањето на испитот. Во изминатиот месец кандидатите имаа можност да се обучат за електронско полагање преку симулатор на нашата веб-страница. Се уште е рано за првите резултати, меѓутоа од информациите што ги добиваме од сите осум центри во Македонија каде што денеска започна овој начин на полагање повеќе се оние кои не го положиле отколку оние кои го положиле, што значи дека и самите авто-школи, но и кандидатите треба да посветат повеќе внимание на теоретскиот дел бидејќи нема тестови на кои одговорите треба само да се меморираат, туку секој тест е нова ситуација, изјави министерката за внатрешни работи.

До 31 декември 2013 година Законот предвидува можност оние кои не можат или не сакаат да го полагаат електронски да може тоа да го направат во печатена верзија. Но, и во овој случај, посочи Јанкулоска, генерирањето на прашањата ќе оди на новиот начин само што тие потоа ќе бидат испечатени и кандидатот ќе ги добие во писмена форма. И во овој случај, истакна, не ќе може да има повторување на прашањата како што е и во електронската форма.

Возачкиот испит во испитниот центар во Тетово денеска го полагаа 20 кандидати, а во Гостивар уште 12 лица кои полагаа на електронски начин за возачка дозвола.

Извор: www.press24.mk

Пристигнуваат новите полициски возила (ФОТО)

Пристигнуваат околу 150 нови возила „шкода јети“, кои наскоро ќе станат полициски.

Според фотографиата на Утрински, во близина на Куманово, пред неколку денa два камиона ги пренесуваа чешките автомобили. Како што е познато, „Порше Македонија“ го доби тендерот на МВР, вреден околу 3,2 милиона евра, за набавка на возила што ќе ги заменат досегашните „крајслер“.

Извор: www.kurir.mk

Почнува електронското тестирање за возачки испит

Во просториите на испитниот центар на АМСМ во Тетово, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска ќе присуствува на отпочнување на електронското тестирање на кандидатите при полагањето на теоретскиот дел од возачкиот испит.

Како што веќе најави МВР, согласно проектот „е-тестови“, сите кандидати кои од 01.10 годинава се пријавени за полагање на теоретскиот дел од испитот за возачка дозвола прашањата ќе ги добиваат во форма на електронски генерирани тестови.

Извор: www.kurir.mk

Акција за дарување крв во Полиција

Во рамките на програмските активности на Комисијата за крводарителство Општинската организација на Црвен крст Велес на 25 септември организираше крводарителска акција за вработените во МВР – Сектор за внатрешни во Велес. Во акцијата, што ја изведе екипа на Институтот за трансфузиона медицина од Скопје, 21 доброволни дарители даруваа крв.

Извор: www.crvenkrst-veles.org.mk

Казни за возење со стара возачка дозвола

За возење со стара возачка дозвола, од денес ќе се плаќа казна. Казната изнесува 45 евра или 25 казнени поени.

 

 

Од МВР велат дека казна нема да платат оние возачи кои имаат закажано термин, односно ја започнале процедурата за вадење на нова возачка дозвола.

Откако истече рокот, термините се преполни. Минатата недела веќе почна да се закажува сликање на возачка дозвола во термин во 2013 година.

Нова возачка дозвола по редовна постапка се вади за 600 денари, а доколку сакате по итна постапка да дојдете до нов документ, ќе платите 1150 денари.

Освен на телефонскиот број 0800 192-92, термин можете да закажете и на Интернет страната на МВР.

Извор: www.kurir.mk