Игор Спиров – Зизи го освои 4. место во отворениот Источно-Европски шампионат

Игор Спиров на Батајница

Претставникот на Мотоциклистичката федерација на Македонија и МК Гого, Игор Спиров го постигна досега најголемиот успех на македонски натпреварувач во рамките на отворениот Источно-Европски шампионат во мотоциклизам на кружни патеки. На крајот од сезоната Спиров се проби на четвртото место во генералниот пласман од класата супербајк до 600 ссм.

Во 2012 се одржаа 5 натпревари во ова престижно меѓународно натпреварување: по две трки во Плевен (Бугарија), две во Истанбул (Турција) и последната, изминатиот викенд на Батајница крај Белград (Србија). Во класата супербајк до 600 ссм настапија вкупно 38 натпреварувачи, а на крајот најуспешен беше Душан Благојевиќ (Србија), пред Ахмет Коџјигит (Турција) и Красимир Михајлов (Бугарија). Третото место му „избега“ на Спиров за само 6 бодови.

По првата половина од сезоната младиот Марин Сугарев (МК Сакамото) имаше шанса за подиум во генералниот пласман во класата спорт јуниор до 125 ссм, но поради технички проблеми на мотоциклот во Истанбул на крајот мораше да се задоволи со делба на петтото место, само еден бод зад четвртопласираниот Мартин Вугринец (Србија). Неговиот сонародник Никола Гајиќ ја освои шампионската титула во конкуренција на 23 млади мотоциклисти.

Марин Сугарев

Во класата супербајк до 1000 ссм искусниот Сашо Николов (МК Тумац) исто така заврши на делба на петтото место. Во најбројната класа годинава настапија дури 57 натпреварувачи, а најуспешен беше бугарскиот натпреварувач Димо Неделчев.

Сашо Николов – Тумац

Боите на Македонија годинава ги бранеа 8 натпреварувачи, а на крајот тимот на Мотоциклистичката федерација на Македонија го освои петтото место зад Бугарија, Србија, Романија и Турција. Вкупно 196 натпреварувачи поделени во 6 класи настапија во текот на 2012 година со што се потврди квалитетот на ова регионално натпреварување.

Извор: www.motori.com.mk

Advertisements

РОБЕРТ КУБИЦА СЕ ВРАЌА НА ТРКИТЕ СО ПОБЕДА

Возејќи Субару Импреза со Џулијано Манфреди, Роберт Кубица ги освои сите четири фази на Италијанското рели Ronde Gomitolo di Lana и беше севкупен победник со предност од речиси една минута над Омар Берго со WRC Мини. Пред почетокот на релито Кубица изјави дека овој настан го означува почетокот на “поактивна фаза” во закрепнувањето и дека тој се уште се надева дека ќе се врати во Формула 1:
“Да се надеваме дека ќе можеме да уживаме, без да ги гледаме етапните времиња, бидејќи на крајот важно е повторното воспоставување на начинот на возење и помагање на раката да се опорави подобро. Јас сум возач веќе 20 години, моето тело е навикнато на некои работи, и јас можам да ги почувствувам овие работи само додека возам, па ќе видиме.”

Извор: mkformula1

И велешани возеа на Балканското мото рели

На Балканскиот одговор на мото релито Дакар, учествуваа и велешаните Сашко Ванов и Методија Саздов. Колку тоа било опасно зборува и тоа што еден возач загина на патеката низ Бугарија.

Седум дена педесетина мотористи од  десетина  држави во Европа возеа  на четвртото  Балканско маратон рели  низ четири Балкански држави, вклучувајќи ја и Македонија. По шума, камен, реки, песок, по оф роуд предели го крстосуваа југот од Балканот. Ова е наш регионален одговор на светски познатото рели Дакар.  Победници на релито се  во ГПС класата – Красимир Колев (Бугарија),  кај мотоциклите во М1 – Хено Ван Бергеијк (Холандија), во М2 – Мартин Фонтин (Белгија) и кај теренските возила во Т1 – Трајанов/Маринков (Бугарија). Учесниците за седум дена од Тирана Албанија, преку Велинград Бугарија, Драма Грција стигнаа до Игуменица при што минаа 2,5 илјади километри.

Најдобар пласман од македонските мотористи имаа  Александар Петровски и Сашко Ванов кои го поделија 13-тото место додека Методија Саздов беше 18-ти. Сите тие возеа мотори  јамаха. Кај четвороциклите учествуваше Тони Димитровски (Хамачи рејсинг),  кој го освои 8 место. Тие четворицата беа македонската селекција на Балканското маратон рели.

Ова беше врвен предизвик, бидејќи се возеше низ сурови услови. Ова е Балкански одговор на познатото рели Дакар. Колку беше силен предизвикот зборува што  учесници на светски познатото рели, дојдоа да возат на оваа оф-роуд трка. Македонскиот дел од патеката беше мошне тежок, по планински и непрооден терен – вели Сашко Ванов еден од македонски учесници.

Четвртото Балканско маратон рели се одржа  од 7-ми до 14-ти септември.  Вкупна должина беше околу 2.500 километри од кои околу 2 илјади  километри се специјални испити по макадамски патишта. Натпреварувачите со мотоцикли, четвороциклите (АТВ) и теренски возила минаа  530 км низ Македонија на 8 и 9 септември. Се возеше на делниците  Ќафасан – Дебар,  Лазарополе – Маврово – Леуново,   Катланово – Градско,  четвртиот на релација Криволак – Штип и последниот  на релација Штип- Делчево. Македонски претставници се задоволни од нивниот настап оти за прв пат учествувале.

За разлика од останатите натпреварувачи немавме ЏСП навигација ниту неопходниот роудбук Така бевме во подредена позиција спрема овие волци на патиштата. И учеството беше по пат на самофинансирање, бидејќи мото спортот во Македонија е маргинализиран – додава Ванов.

Но се надева дека до година ќе имаат подобра организација, поголема поддршка и подобар резултат.  Вкупно 50 пријавени учесници од десеттина земји, од Италија, Германија, Велика Британија, Австрија,Франција, Израел, стартуваа на досега најтешкото маратонско рели во Европа, а само половина од нив пристигнаа  во петокот ,на целта во Игуменица Грција. За предизвиците низ каков терен се возело, колку е тешка патеката, зборува податокот што на  трасата низ Бугарија во близина на градот Гоце Делчев, загинал  55 годишниот  моторист Крис Стаболидис  од Грција. Меѓу учесничките  биле и две жени, Гркинка и Бугарка.

Извор: http://www.tirekovmirece.com

ОЖИВУВАЊЕ НА АВТОМОБИЛСКИТЕ ЛЕГЕНДИ НА RENAULT

Groupe CAT овласти два свои тима од експерти да ги вратат повторно на патеката легендарните Renault 4CV и Caravelle, специјално за овој викенд, кога во Гудвуд ќе се одржи трка на историски автомобили од 40-те, 50-те и 60-те години на минатиот век.

Моделот 4CV е првиот француски автомобил, од кој се продадени повеќе од милион примероци. Познат како quatre pattes (од фр. – четири шепи), тој се покажа мошне адекватен за натпреварувања. Освоен што имапе успех на 24 часа Ле Ман, се потврди и на легендарната Mille Miglia. Класичниот родстер Caravelle е доработен од тим од Саутемптон. Сигурно ако излезете со овој возбудлив автомобил по улиците ќе ги натерате луѓето да го свртат погледот кон вас.

На оваа трка на легендите ќе видиме  повеќе претставници од Mercedes-Benz и Auto-Union, па Ferrari 250GTO, кои исто така ја одбележаа автомобилската историја.

Повеќе информации побарајте на http://www.goodwood.co.uk / revival.

Извор: Avto +

БАЛКАНСКАТА ЕЛИТА ВО ДЕЛЧЕВО

По повод Денот на независноста на Македонија, „8 септември“ на специјално подготвена патека се одржа 33-то Меѓународно крос рели за теренски возила – „Делчево 2012“.

Организатори на оваа манифестација беа Општина Делчево и АМК Џип Рели Спорт од Скопје. Ова крос рели се одржа на специјално подготвена патека и на стартот се најдоа 21 (пријавени) натпреварувачи од Србија, Грција, Бугарија, Албанија, Романија и Турција… Ова беше навистина собир на најдобрите возачи на балканот  кои според правилникот се натпреваруваа во шест категории. Теренците, согласно стандардите за вакви натпреварувања беа поделени во: прва категорија – до 1400 cm3, втора – од 1401 cm3 до 1700 cm3, трета – од 1701 cm3 до 2000 cm3, четврта – од 2001 cm3 до 2500 cm3, петта – од 2501 cm3 до 3000 cm3 и шеста – над 3000 cm3.

Со право се очекуваше „Делчево 2012“ во целост да ги потврди овие вредности и да привлече голем број фанови на оваа дисциплина. Овој пат натпреварувачите имаа тешка задача да ги минат препреките на специјално подготвената кружна патека,  која е во околината Делчево.

Манифестацијата беше потпомогната од многу институции, компании, фирми…, се со цел да се задржи традицијата која веќе со децении ја имаме во оваа сфера на овие простори.

Извор: Avto +

Кубица сепак не се откажува од Формула 1

Роберт Кубица планира да се врати во Формула 1 натпреварувањето и покрај тоа што се уште во целост не се опоравил од повредите добиени во текот на една рели трка во Италија, во февруари минатата година.

Полскиот автомобилист, потврди дека не може без адреналинот и оти е зависник од брзините враќајќи и се на рели конкуренцијата викендов, повторно на Апенините. Таму повтори дека на кренал раце ниту од „најбрзиот циркус“, па веројатно во блиска иднина ќе го видиме во Ф1 болид.

„Ова возење е напредок, меѓутоа би сакал да сум на едно друго место. Ме оечкуваат уште многу нешта и навистина не планирам да се откажам. Целта секако е враќање во Формула 1 и наскоро ќе дознаам дали ќе добијам шанса да се натпреварувам идната сезона или ќе мора да ја сочекам 2014-та година“, изјави Кубица, кој моментно нема договор со некоја екипа.

Кога го доживеа споменатиот инцидент беше дел од тимот на Рено, а пред тоа се споменуваше како замена за Фелипе Маса во Ферари. За можноста во иднина да соработуваат заедно, зборуваше и шефот на Формула 1 тимот на Лотус, Ерик Булие.

„Во весниците прочитав дека вози рели, меѓутоа со него немам разговарано. Одредени контакти со неговите менаџери постојат, но се уште ништо значајно не се случува“, вели Булие.

Пилоти на Лотус тимот за сезоната 2012 се Кими Раиконен и Роман Грожан, а трета опција е Жером Д’Амброзио.

Извор: Kurir.mk

КРОС РЕЛИ ЗА ТЕРЕНЦИ „ДЕЛЧЕВО 2012“

Благодарение на соработката меѓу Општина Делчево и АМК Џип Рели Спорт од Скопје, на 8 септември, на Денот на независноста на Македонија ќе се организира Меѓународно крос рели за теренски возила што е 33-то вакво рели кое се организира кај нас.

Извор: Avto +