Груевски: По 27 години реконструиран патниот правец Катланово – Велес

Владата на Република Македонија во време на светска економска криза најде начин за целосна реконструкција на 27 километри долгиот автопат на делницата Катланово-Велес.

Груевски По 27 години реконструиран патниот правец Катланово-Велес

Ова го истакна премиерот Никола Груевски на свечено пуштање во употреба на автопатот.

Груевски  подвлече дека патниот правец Катланово – Велес е еден од најкористените патишта во Македонија како дел од Коридорот 10, а кој последен пат е рехабилитиран 1985 година.

– Од тогаш па до денес поминати се 27 години во кои немало никакви посериозни интервенции на овој патен правец, а истиот беше целосно амортизиран. Дваесет и седум години во кои велешани, скопјани, штипјани, прилепчани, битолчани, струмичани и сите наши граѓани кои го користеа овој пат возеа по делница која се карактеризираше со дупки, со одрони, лоша сигнализација и други недостатоци. И не само нашите граѓани, по овој пат поминуваат и многу странски граѓани кои ја посетуваа нашата земја или транзитираа кон Грција или Србија. Токму затоа Владата изнајде начин и средства да направи целосна рехабилитација и модернизација на овој патен правец, рече премиерот Груевски.

Тој најави дека се планира во текот на идната година рехабилитација и на другата автопатска делница од Велес кон Скопје која, рече, е исто така во лоша состојба и на која долго време не е интервенирано.

Премиерот посочи дека во меѓувреме се работи на проектот за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица кој претставува една од најголемите инфраструктурни инвестиции во последните 20 години во државата. Во тек се, додаде, и завршни активности за пуштање во сообраќај на делницата Радовиш – Струмица и патот кон ски-центарот Кожув.

Тој најави и повеќе нови проекти за подобрување на инфраструктурата.

– Сите овие проекти, како и оние кои во изминатите години ги реализиравме јасно говорат дека Македонија е способна за големи дела и крупни инвестиции во транспортната инфраструктура. Сите овие проекти ние ги ветивме, а граѓаните ги поддржаа на минатите парламентарни избори. Ние сме должни и обврзани пред граѓаните да го исполниме она што сме го ветиле и она за што тие ни дале мандат. Зад тоа стоиме и за тоа одговараме. Сите овие патишта се патишта на народот, се градат од средства на народот и ги користат сите граѓани без разлика на партиска, етничка, верска или национална припадност. Ќе продолжиме да градиме и да издвојуваме големи средства од Буџетот за вакви капитални и значајни проекти, рече премиерот Груевски.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески посочи дека на делницата Катланово

– Велес е извршена обнова на асфалтот, поставена на современа хоризонтална сигнализација, изработени се целосно нови банкини, мрежа за заштита од одрони, а поставени се и повеќе од 230 знаци во вертикална сигнализација по целата должина на делницата.

Тој додаде дека во соработка со НАТО се реализира проект за рехабилитација и зацврстување на 13 мостови на овој дел од Коридорот 10, инвестиција од 8,6 милиони евра за што, вели, постапката за избор на изведувач е во тек, а градежните работи треба да отпочнат 2013 година.

– Обезбедени се средства од европските фондови за рехабилитација на патните делници по должината на Коридорот 10. Приоритет е даден на проектот за рехабилитација на делницата Велес – Катланово како дел од овој Коридор и ако се биде во ред реконструкцијата треба да започне во првата половина од 2013 година, рече Јанакиески.

Директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски истакна дека со Буџетот за 2013 година се планира да отпочне рехабилитација на регионалните патишта Струга – Дебар, Радовиш – Конче – Лувница, Ангелци – Вељуса – Водоча – Баница, Липково, Арачиново, Тетово, Јажинце и на Велес – Кадрифаково. Воедно во 2013 година треба да се изрши реконструкција и рехабилитација на 180 локални патишта во вкупна должина од 280 километри.

Градежните работи на делницата Катланово – Велес ги изврши АД „Гранит“, а траеја 16 месеци.

Тунелот Солиште доби целосна светлосна сигнализација, а  во должината на целиот автопат се поставени банкини.

Груевски посебно им се заблагодари на пратениците кои со гласањето на буџетот овозможија да се заврши реконструкцијата на овој автопат.

Вкупната сума за реконструирање на овој автопат е 7. 300.000 евра.

 

 

Извор: www.kurir.mk

Advertisements

Со македонски возачки дозволи ќе се вози низ Албанија.

Македонските граѓани со македонски возачки дозволи ќе можат да возат во Албанија, информираше на денешната прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

На последната владина седница донесена е одлука за реципрочно признавање на возачки дозволи.

Ова значи дека македонските граѓани кои претстојуваат во Албанија ќе можат да возат со македонски дозволи без никакви дополнителни полагања.

Истото ќе важи и за албанските државјани во нашата земја. Ваквата пракса, македонската Влада очекува да биде применета и со уште неколку земји од регионот.

Реализацијата на оваа одлука се очекува да се примени по потпишувањето на Договорот кој се реализира во рамки на посетата на премиерот Никола Груевски на Република Албанија.

Според најавите, Груевски во рамки на посетата оствари средби со албанскиот колега, а беше потпишан и меѓународен договор.

 

Извор: www.bezpardon.mk

„Изградени и рехабилитирани 190 локални патишта – почната е изградба на околу 105“

Премиерот Никола Груевски денеска истакна дека заклучно со 2012 година изградени и рехабилитирани се 190 локални патишта во вкупна должина од 412 километри во вредност од 30 милиони евра, а отпочната е и изградба и рехабилитација на околу 105 локални патишта со вкупна должина од 216 километри во вредност од 20 милиони евра во 43 општини низ Македонија.

– Изградени се и рехабилитирани 15 регионални патишта во должина од 318 километри во вредност околу 50 милиони евра, а се работи на исти такви во должина од 72 километри и вредност од околу 11 милиони евра. Патот кон Порече кој е речиси завршен наскоро ќе биде пуштен во употреба, завршена е обиколницата кај Охрид, Куклиш-Банско веќе се заврши итн., посочи Груевски.

Тој истакна и дека стратегијата на Владата во првите години од времето откако ја добиле довербата на граѓаните, била главно фоксуирана на патишта кои најчесто се користат од граѓаните на Македонија и кои се дел од нивниот секојдневен живот.

– Тоа беа локалните и регионалните патишта. Во последниот период го враќаме фокусот на автопатиштата. Првата активност беше со патниот правец на Коридорот 10 и на автопатот Александар Македонски помеѓу Табановце и Куманово во должина од 7,62 километри каде што инвестиравме 15 милиони и 500 илјади евра и го завршивме тој дел од автопатот. Втората значајна работа беше обиколницата околу Скопје која што исто така е дел од овој автопат. Ова беше поголем зафат во кој што се инвестираа 125 милиони евра од кои околу стотина милиони евра се по изборите во 2006 година за автопатска делница долга околу 26 километри, рече Груевски.

Пред година и пол две, посочи тој, го завршивме тој дел и го пуштивме во употреба.

– Конечно неодамна по сите завршени подготовки, проекти обезбедување на финансирање, добивање и грант од ЕУ во износ од околу 40 милиони евра започнавме да ја градиме и последната делница на Коридорот 10 на автопатот Александар Македонски во должина од 28,2 километри, делница која што би рекол е најтешка односно најскапа затоа што има најнеповолна конфигурација на теренот во смисла на планини во смисла на изградба на тунели, мостови итн. и токму затоа и најскапа инвестиција и била оставена да се гради последна, истакна Груевски.

Тој рече дека износот кој што почнува веќе да се инвестира во оваа делница е 220 милиони евра и согласно договорот, планот и целиот вклучен аранжман кој што е во соработка со Европската банка за обнова и развој и со Европската комисија која даде грант од 40 милиони евра. Планот е, како што истакна, некаде до почетокот на 2016 година да заврши изградбата на оваа делница и се надевам дека оваа градба ќе си даде и свој придонес во нашата економија во градежниот сектор итн.

– Што се однесува до другите автопатишта пред изборите излеговме со ветување дека најпрвин ќе се обидеме да најдеме концесионер, а доколку не  успееме да најдеме ќе бараме други алтернативни патишта за реализација на проектот за Коридорот 8, патниот Коридор 8 од Крива Паланка до Куманово, од Гостивар до Струга и Охрид, односно албанска граница и од Миладиновци значи од Скопје во делот на Миладиновци до Штип односно Кочани и кога  го спомнав и патниот Коридор 8 да напоменам дека тука влегува делот од Куманово-Крива Паланка, посочи Груевски.

Така што како што најавивме, рече тој, подготвивме проекти за овие делници, за сите овие немаше проекти претходно, немаше ниту идеен, ниту основен  ниту главен проект.

– Инвестиравме значајни износи  подготвивме проекти земавме и консултант кој ни помагаше, меѓународен консултант за подготовка на тендерска документација за објавување на меѓународен тендер, за изградба односно за изнаоѓање концесионер кој што би ги градел овие патишта, предвидовме и значителна сума на субвенции од државата бидејќи бевме свесни дека бројот на возила во Македонија кои просечно месечно или годишно се движат по овие патишта е понизок од меѓународните стандарди кои се потребни проектот да стане исплатлив  од аспект на банкарски кредити, истакна Груевски.

За жал, потенцира премиерот, банките кои најчесто даваат ваков вид кредити на компании се откажаа од финансирање на овој проект иако се јавија голем број на компании да подигнат документација.

– Со оглед на тоа ние преминавме на втората резервната варијанта, а таа беше изнаоѓање на други начини да се изградат овие патишта и во моментов сме во разговори со различни страни за обезбедување на поддршка за изградба на овие автопатишта. Би сакале делумно да биде финансирано од буџетот делумно од надворешно финансирање. Но, останува да видиме што ќе се случи кога ќе ги завршиме разговорите, рече Груевски.

Извор: www.press24.mk

Изградбата на автопатиштата започнува во 2013-та

Премиерот Никола Груевски денеска пред Бизнис заедницата објави дека очекува следната година да почне изградба на дел од автопатиштата, на патниот правец Гостивар-Кичево и Скопје – Блаце.

Пред членовите на стопанските комори во државата, Груевски го презентира резервниот план кон кој пристапи Владата по неможноста да се најде концесионер за изградба на автопатиштата заради малиот број автомобили кои просечно се движат низ нив и неодобрувањето кредити од меѓународните банки на заинтересираните концесионери.

Оттогаш, истакна Груевски, преминавме на резервниот план и моментно сме концентрирани на две работи, подготовка да се понудат за концесија два нови патни правци за автопати за кои имаме сигнал дека би се добила поддршка.

– Тоа се патните правци Гостивар-Кичево и Скопје-Блаце. За останатите почнавме разговори за кредити и за изнаоѓање други начини за финансирање, рече Груевски и додаде оти се надева дека во наредните три, четири месеци Владата ќе ги има прелиминарните резултати од тој обид. Доколку, најави, оваа операција заврши успешно, извесно е да се очекува дека барем дел од овие автопати ќе почнат да се градат во 2013 година.

– Засега од првичните разговори сме оптимисти, но сепак треба да се заврши целиот процес за да видиме дали ќе успееме во оваа замисла, нагласи премиерот.

Пред претставници на голем број големи извозни компании и мали и средни фирми, кои се организирани преку коморите во државата, македонскиот премиер се осврна  меѓу другото на досегашните реформи и проекти на Владата. Од доаѓањето на власт во 2006 година, укажа премиерот новите економски политики на Владата што се спроведуваат веќе шест години внеле многу промени.

– Овие нови политики внесоа многу промени во економијата, решија многу проблеми и создадоа многу подобри услови за бизнис. Се разбира има многу уште работи кои треба да се подобрат и проблеми кои треба да се решат, а предизвиците на оваа должничка рецесија дополнително ги потенцираа дел од преостанатите слабости кои постојат и на кои ќе останеме фокусирани и посветени во периодот пред нас, рече Груевски.

Извор: kurir.mk