Игор Спиров – Зизи го освои 4. место во отворениот Источно-Европски шампионат

Игор Спиров на Батајница

Претставникот на Мотоциклистичката федерација на Македонија и МК Гого, Игор Спиров го постигна досега најголемиот успех на македонски натпреварувач во рамките на отворениот Источно-Европски шампионат во мотоциклизам на кружни патеки. На крајот од сезоната Спиров се проби на четвртото место во генералниот пласман од класата супербајк до 600 ссм.

Во 2012 се одржаа 5 натпревари во ова престижно меѓународно натпреварување: по две трки во Плевен (Бугарија), две во Истанбул (Турција) и последната, изминатиот викенд на Батајница крај Белград (Србија). Во класата супербајк до 600 ссм настапија вкупно 38 натпреварувачи, а на крајот најуспешен беше Душан Благојевиќ (Србија), пред Ахмет Коџјигит (Турција) и Красимир Михајлов (Бугарија). Третото место му „избега“ на Спиров за само 6 бодови.

По првата половина од сезоната младиот Марин Сугарев (МК Сакамото) имаше шанса за подиум во генералниот пласман во класата спорт јуниор до 125 ссм, но поради технички проблеми на мотоциклот во Истанбул на крајот мораше да се задоволи со делба на петтото место, само еден бод зад четвртопласираниот Мартин Вугринец (Србија). Неговиот сонародник Никола Гајиќ ја освои шампионската титула во конкуренција на 23 млади мотоциклисти.

Марин Сугарев

Во класата супербајк до 1000 ссм искусниот Сашо Николов (МК Тумац) исто така заврши на делба на петтото место. Во најбројната класа годинава настапија дури 57 натпреварувачи, а најуспешен беше бугарскиот натпреварувач Димо Неделчев.

Сашо Николов – Тумац

Боите на Македонија годинава ги бранеа 8 натпреварувачи, а на крајот тимот на Мотоциклистичката федерација на Македонија го освои петтото место зад Бугарија, Србија, Романија и Турција. Вкупно 196 натпреварувачи поделени во 6 класи настапија во текот на 2012 година со што се потврди квалитетот на ова регионално натпреварување.

Извор: www.motori.com.mk

Advertisements

Во Белград претставен „Фиат 500Л“

Белград, 19 септември 2012 (МИА) – Новиот модел на „Фиат“ – 500Л, кој ексклузивно се произведува во Крагуевац, е претставен во италијанската Амбасада во Белград, со најава дека оваа година Србија од неговиот извоз ќе оствари профит од 450 милиони евра.

„Фиат“ планира до крајот на годината да произведе 30.000 возила од овој модел, чија официјална продажба во Србија почнува на 22 септември.

„Фиат Автомобили Србија“ очекува идната година да произведе меѓу 140.000 и 160.000 „Фиат 500Л“, а земјата од извозот може да очекува профит од речиси две милијарди евра.

Моделот 500Л ќе се продава на повеќе од 100 пазари во светот, меѓу другите и во САД. Понудата на мотори опфаќа два бензински и два дизел агрегати. Основниот модел во Србија ќе чини 13.490 евра.

Сериското производство на моделот 500Л почна на 4 јули годинава.

Извор: mia.com.mk