Тојота тестира „паметни“ автомобили

Тојота моментално работи на системи кои драстично ќе ги намалат сообраќајните незгоди, и ќе овозможат автомобилите да комуницираат меѓу себе и со патиштата.

Автомобилите примаат информации од сензори и предаватели кои се инсталирани на улиците, за да се минимизира ризикот од сообраќајќи во ситуации како поминување на црвено светло, пешаци кои ја поминуваат улицата и слично. Се тестира и преносот на такви информации меѓу автомобилите.

Претставници на Тојота изјавија дека технологијата на „паметни“ автомобили ќе почне да се тестира на јапонските улици од 2014-та година. Слични тестирања се планираат во САД, иако за тоа нема никакви детали.

Сите производители на автомобили развиваат безбедносна технологија за да ја зголемат вредноста на автомобилите, особено на развиените пазари во САД, Европа и Јапонија.

Конкуренцијата на Тојота, Нисан, неодамна претстави автомобили кои биле доволно „паметни“ сами да сопрат, да се паркираат и да избегнат пешаци кои неочекувано ќе им се најдат на патот.

Од Тојота велат дека технологијата наскоро ќе биде достапна, но нема официјален датум, и се претпоставува дека ќе ја имаат луксузните модели Lexus.

Професорот на Универзитетот Парма, Алберто Броги, кој е и експерт за системи за интелигентен транспорт, вели дека идејата за автомобили без ризик за несреќа е „многу актуелна“ и дека веројатно ќе стигне на патиштата за неколку години.

Извор: www.on.net.mk

ТOYOTA ПОДГОТВУВА НАСЛЕДНИК НА SUPRA ЗАЕДНО СО BMW

Откако Toyota и BMW ги претставија првите планови за соработка, веќе се појавија и најави дека Јапонците сакаат да направат нов спортски автомобил заедно со баварскиот концерн.

Во интервју за Autoblog, шефот на британската филијала на Toyota, Џон Вилијамс, изјави дека компанијата започнува развој на нов модел, кој ќе биде наследник на легендарната Supra. Според Вилијамс, Toyota треба да го искористи успехот на GT86 и да се развива во соодветна насока. Новиот модел ќе биде хибрид, кој ќе располага со најсовремените технологии на Јапонците и на BMW, а во гените ќе носи ДНК на култ изведбите, како Celica, Supra и MR2.
Ова е модел што ќе биде спакуван од Јапонците, но ништо не се наведува што е тоа што BMW ќе користи од Тоyota, што е особено интересно по разводот на Баварците со Peugeot.

Извор: www.avtoplus.mk

Зголемена продажбата на автомобили во САД во септември

Производителите на автомобили „Тојота“ и „Крајслер“ во септември забележаа солиден успех во САД, додека нивните конкуренти „Џенерал моторс“ (ГМ) и „Форд“ соопштуваат за мал раст на продажбата, иако вкупната прогноза во автомобилската индустрија делува позитивно.

ГМ го евидентираше најуспешниот септември од 2008 година, со раст на продажбата од скромни 1,5 отсто или 210.245 возила, пренесоа светските агенции.

-Продажбата на автомобили и натаму е светла точка во американската економија, што е особено добра вест за ГМ, бидејќи во 2013 и 2014 година ќе исфрлиме повеќе нови производи, рече шефот за продажба во ГМ во САД, Курт Мекнили.

ГМ наведува дека „ агресивно работи на замената на постојните возила со модели со подобар дизајн, повеќе технологија и поекономична потрошувачка“, што значи дека оваа и следната година дури 70 отсто од неговите модели ќе бидат нови или редизајнирани.

„Крајслер“, исто така, очекува добри резултати, откако продажбата во септември беше зголемена за 12 отсто, на 142.041 возило, од што продажбата на автомобили нараснала за 27 отсто, а на камионите за шест отсто.

„Тојота“ наведе дека продажбата во септември им нараснала за 42 отсто, на 171.910 возила.

„Форд“ евиденира пад на продажбата од 0,1 отсто на 174.976 возила, бидејќи продажбата на камиони им се смали за осум отсто, иако вториот по големина американски производител на автомобили го истакна фактот дека продажбата на нивните мали автомобили нараснала за 73 отсто, или на највисокото ниво во последната деценија.

„Фолксваген“ ја зголемил добивката по агресивното ширење на американскиот пазар, со раст на продажбата од 34 отсто, на 36.663 возила во септември.

Извор: www.kurir.mk

FORD FOCUS Е НАЈПРОДАВАН АВТОМОБИЛ ВО СВЕТОТ ВО 2012 ГОДИНА

За седум месеци од годинава се продадени над 500.000 возила на планетава, со што е најдобар во овој период, а воедно со Focus е поврзан и друг клучен настан за Ford, излегувањето како 350-милионитиот произведен автомобил во историјата на компанијата.

Ford Focus е најпродаван автомобил во светот за 2012 година, надминувајќи ги и најголемите конкуренти во компактната класа. Над 500.000 автомобили од моделот Focus се продадени од јануари до јули, што секако претставува историски успех за компанијата чиј заштитен знак е синиот овал. Како досега течат работите мошне реално е да бидат надминати рекордните 860.000 продадени автомобили Focus минатата година. Всушност Ford продал точно 522.821 автомобили Focus за првите 7 месеци од 2012 година и ги надминува остварувањата за истиот период на Toyota Corolla и Volkswagen Golf.

Со Focus е поврзан и друг клучен настан за Ford, 350-милионитиот произведен автомобил во историјата на компанијата.

-Размислете подетално на момент, за бројката од 350 милиони автомобили, изјави Џон Флеминг, извршен потпретседател за глобално производство во Ford, по повод овој миг. -Тоа е еднакво на производство на еден автомобил на секои 10 секунди во текот на 109 години, и ако овие автомобили се ставаат еден зад друг ќе стигнат до месечината и назад, и тоа два пати!

Ford Focus се појавува за прв пат во Европа во 1998 година, а во 1999 година ја освои наградата Автомобил на годината. Оваа, трета генерација на компактниот модел, претставена минатата година, дизајнирана е со поинаков пристап, со голем број врвни технологии и карактеристики. Во Европа новиот Focus е достапен со 4 и 5 врати и караванска изведба. Оваа година Ford го претстави Focus ST со 250 КЅ. Треба да се напомене посебно дека во Европа се нуди новиот Focus со 1.0-литарски EcoBoost бензински мотор, прогласен за Светски мотор на 2012 година. Првиот целосно електричен патнички автомобил на Ford – Focus Electric со нулта емисија, ќе се нуди во 2013 година.

Извор: Avto +

ВОЗАЧИТЕ НА BMW СЕ ПОАГРЕСИВНИ НА ПАТОТ.

Возачите кои управуваат со модели на баварскиот гигант се далеку пред другите во својата агресивност на патиштата, според истражувањата на ADAC.

Кога ќе седнеш зад управувачот на BMW, очигледно адреналинот нагло се зголемува и едноставно возењето станува агресивно. Ова тврдење е тешко прифатливо за некого, но сега тоа официјално беше потврдено од анкетата, организирана од германскиот автомобилски клуб (ADAC). Истражувањето на оваа организација покажа дека возачите намоделите на баварскиот производител се далеку поагресивни на патот од останатите. Барем со такво мислење се 50.6% од оние кои учествувале во анкетата. Второто место на оваа листа е за сопствениците на автомобили од Mercedes-Benz (32.2%), следени од оние на Toyota (10,9%) и Porsche (8.7%).

Друг показател за однесувањето на возачите на патот, според мислењето на експертите од ADAC, е бојата на возилото кое го управуваат. Најмногу непријателски се возачите на црните автомобили (43,5%). Далеку по нив се редат сопствениците на автомобили, обоени во сива боја – 9.7%. Речиси сите анкетирани, меѓутоа, сметаат дека најголемата закана на патот се возачите на моќни автомобили.

Претходно оваа година австралиската осигурителна компанија AAMI, направи сопствено истражување, според кое брендот не игра улога во однесувањето на возачите на патот. Експертите на оваа организација беа на мислење дека најопасни се возачите на мали автомобили, кои со агресивно возење сакаат да надоместат за тоа што не се големи.

Извор: Авто+