Груевски: По 27 години реконструиран патниот правец Катланово – Велес

Владата на Република Македонија во време на светска економска криза најде начин за целосна реконструкција на 27 километри долгиот автопат на делницата Катланово-Велес.

Груевски По 27 години реконструиран патниот правец Катланово-Велес

Ова го истакна премиерот Никола Груевски на свечено пуштање во употреба на автопатот.

Груевски  подвлече дека патниот правец Катланово – Велес е еден од најкористените патишта во Македонија како дел од Коридорот 10, а кој последен пат е рехабилитиран 1985 година.

– Од тогаш па до денес поминати се 27 години во кои немало никакви посериозни интервенции на овој патен правец, а истиот беше целосно амортизиран. Дваесет и седум години во кои велешани, скопјани, штипјани, прилепчани, битолчани, струмичани и сите наши граѓани кои го користеа овој пат возеа по делница која се карактеризираше со дупки, со одрони, лоша сигнализација и други недостатоци. И не само нашите граѓани, по овој пат поминуваат и многу странски граѓани кои ја посетуваа нашата земја или транзитираа кон Грција или Србија. Токму затоа Владата изнајде начин и средства да направи целосна рехабилитација и модернизација на овој патен правец, рече премиерот Груевски.

Тој најави дека се планира во текот на идната година рехабилитација и на другата автопатска делница од Велес кон Скопје која, рече, е исто така во лоша состојба и на која долго време не е интервенирано.

Премиерот посочи дека во меѓувреме се работи на проектот за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица кој претставува една од најголемите инфраструктурни инвестиции во последните 20 години во државата. Во тек се, додаде, и завршни активности за пуштање во сообраќај на делницата Радовиш – Струмица и патот кон ски-центарот Кожув.

Тој најави и повеќе нови проекти за подобрување на инфраструктурата.

– Сите овие проекти, како и оние кои во изминатите години ги реализиравме јасно говорат дека Македонија е способна за големи дела и крупни инвестиции во транспортната инфраструктура. Сите овие проекти ние ги ветивме, а граѓаните ги поддржаа на минатите парламентарни избори. Ние сме должни и обврзани пред граѓаните да го исполниме она што сме го ветиле и она за што тие ни дале мандат. Зад тоа стоиме и за тоа одговараме. Сите овие патишта се патишта на народот, се градат од средства на народот и ги користат сите граѓани без разлика на партиска, етничка, верска или национална припадност. Ќе продолжиме да градиме и да издвојуваме големи средства од Буџетот за вакви капитални и значајни проекти, рече премиерот Груевски.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески посочи дека на делницата Катланово

– Велес е извршена обнова на асфалтот, поставена на современа хоризонтална сигнализација, изработени се целосно нови банкини, мрежа за заштита од одрони, а поставени се и повеќе од 230 знаци во вертикална сигнализација по целата должина на делницата.

Тој додаде дека во соработка со НАТО се реализира проект за рехабилитација и зацврстување на 13 мостови на овој дел од Коридорот 10, инвестиција од 8,6 милиони евра за што, вели, постапката за избор на изведувач е во тек, а градежните работи треба да отпочнат 2013 година.

– Обезбедени се средства од европските фондови за рехабилитација на патните делници по должината на Коридорот 10. Приоритет е даден на проектот за рехабилитација на делницата Велес – Катланово како дел од овој Коридор и ако се биде во ред реконструкцијата треба да започне во првата половина од 2013 година, рече Јанакиески.

Директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски истакна дека со Буџетот за 2013 година се планира да отпочне рехабилитација на регионалните патишта Струга – Дебар, Радовиш – Конче – Лувница, Ангелци – Вељуса – Водоча – Баница, Липково, Арачиново, Тетово, Јажинце и на Велес – Кадрифаково. Воедно во 2013 година треба да се изрши реконструкција и рехабилитација на 180 локални патишта во вкупна должина од 280 километри.

Градежните работи на делницата Катланово – Велес ги изврши АД „Гранит“, а траеја 16 месеци.

Тунелот Солиште доби целосна светлосна сигнализација, а  во должината на целиот автопат се поставени банкини.

Груевски посебно им се заблагодари на пратениците кои со гласањето на буџетот овозможија да се заврши реконструкцијата на овој автопат.

Вкупната сума за реконструирање на овој автопат е 7. 300.000 евра.

 

 

Извор: www.kurir.mk

Advertisements

СОСТОЈБА НА ПАТИШТАТА ВО МАКЕДОНИЈА

 

 

петок, 21 септември 2012 06:14:00
СОСТОЈБА ВО МАКЕДОНИЈА: Сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата се одвива непречено, по наместа влажни коловози. ВНИМАТЕЛНО: Посебна внимателност на патните правци Дебар – Струга, Маврово – Дебар, Катланово – Велес и Демир Капија – Удово, каде е можна појава на одрони кои може да го попречат движењето на возачите. РАБОТА НА ПАТ: Повнимателно и на магистралниот пат М-1 делница Катланово – Велес каде се одвиваат работи на реконструкција на патот, за што има поставено соодветна сообраќајна сигнализација. ФРЕКВЕНЦИЈА: Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. ГРАНИЧНИ ПРЕМИНИ: На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.

Извор: АМСМ

Почна изградбата на делницата Демир Капија – Смоквица

Почна изградбата на делницата Демир Капија – Смоквица

 

Почнаа работите на последната и најскапа делница на меѓународниот патен Коридор 10 која чини вкупно 257 милиони евра. Почетокот на работите на делницата Демир Капија – Смоквица го означија премиерот Никола Груевски и владиниот тим. Делницата во наредните четири години ќе се гради делумно и со европски пари како грант од 45 милиона од Европската Унија, а 130 милиони се кредит од Европската инвестициска банка и 90 милиони кредит од Европска банка за обнова и развој.

Започна изградбата на автопатската делница од Демир Капија до Смоквица во должина од 28 километри. Ова е најголема инвестиција во патната инфраструктура во изминатите 21 годинa, истакна денеска премиерот Никола Груевски на поставувањето на камен – темелникот.

„Започнувајќи го овој проект Република Македонија докажува дека е способна за големи и капитални проекти, проекти кои носат големи придобивки за многу генерации. Ние знаеме дека добрите патишта се основа за безбедноста на нашите граѓани и забрзан економски развој“, вели Никола Груевски, премиер на Владата.

Инвестицијата вкупно чини 271 милиони евра. Од нив 45 милиони се неповратни средства од ЕУ, додека останатите се обезбедени преку кредити од Европските банки.

„Овој автопат ќе помогне во забрзувањето на регионалната интеграција и на тој начин ја симболизира самата амбиција на ЕУ подобро поврзување на нејзините граѓани и нејзините пазари ќе го намали времето за патување и ќе ја подобри безбедноста на патиштата. А со тоа ќе го подобри квалитетот на животот“, истакна Аиво Орав, специјален претставник на ЕУ во Македонија.

Градежните работи на изградбата на оваа делница од автопатот „Александар Македонски“ започнуваат на одбележувањето на денешниот празник, Денот на независноста. Ако пред 21 година македонскиот народ го доби најдрагоценото нешто, желба на многу генерации претходно, сега ние генерациите коишто живееме во Македонија треба да работиме за неа, за нас и за поколенијата, рече вицепремиерот Ставревски.

„Денес треба да ја продолжиме визијата на Даме, Гоце и на сите оние коишто го дадоа животот за Република Македонија. А таа визија е да се работи да се гради да се создава нова вредност и да се остави наследство на идните генерации“, смета Зоран Ставревски, вицепремиер на Владата.

Изградбата на овој дел од Коридорот 10 ќе заврши во наредните 4 години.

„Ќе биде изградена најтешката делница и ќе биде отстрането најтесното грло односно со целосно автопатско решение ќе биде премостена Демиркаписката клисура“, рече Пешевски,

„ Во целост ќе се комплетира изградбата на делот од меѓународниот Коридор 10 кој поминува низ Македонија на ниво на автопат. Нашата визија и цел за современа здрава патна инфраструктура станува реалност “, изјави Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски.

Новата автопатска делница од Демир Капија до Смоквица ќе се гради од спротивната страна на постоечкиот пат и реката Вардар и опфаќа две клучки, два двоцевни тунели, шест мостови, седум подпатници и пет надпатници.

Извор: http://www.kanal5.com.mk

КАКОВ ПРЕВОЗ НЕ ОЧЕКУВА ВО ИДНИНА – ОД ЊУЈОРК ДО КИНА ЗА 2 ЧАСА

Јавениот превоз на иднината би бил експрес вакумски туби кои ќе развиваат брзина од 6 500 километри на час. Конструкторите велат дека превозот на вакум ќе биде поефтин, посигурен и помирен од превозот со возови или авиони. 

Вакумските туби имаат 6 седишта. На патниците ќе им бидат потребни само 45 минути да стигнат од Њујорк до Лос Анџелес, а кругот околу светот ќе трае само 6 часа.

Конструкторите на вакумските туби велат дека овој систем на превоз може да биде 50 пати поефикасен од воз или електричен автомобил поради начинот на кој се сече воздухот. Овој начин на превоз ќе биде поефтин за изградба а патниците ќе бидат подложени на минимални Г сили иако брзината која ќе се развива ќе биде огромна.

1.Погледнете го видеото за превозот на иднината…

2.Погледнете го видеото за превозот на иднината…

Извор: Fakulteti.mk

СОСТОЈБА НА ПАТИШТАТА ВО МАКЕДОНИЈА

четврток, 6 септември 2012 12:30:00
СОСТОЈБА ВО МАКЕДОНИЈА: Сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата се одвива непречено, по суви и чисти коловози. ВНИМАТЕЛНО: Посебна внимателност на патните правци Дебар – Струга, Маврово – Дебар, Катланово – Велес и Демир Капија – Удово, каде е можна појава на одрони кои може да го попречат движењето на возачите. РАБОТА НА ПАТ: Повнимателно и на магистралниот пат М-1 делница Катланово – Велес каде се одвиваат работи на реконструкција на патот, за што има поставено соодветна сообраќајна сигнализација. ФРЕКВЕНЦИЈА: Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. ГРАНИЧНИ ПРЕМИНИ: На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Напомена дека оваа информација се однесува само за македонскиот дел од премините.

Извор: АМСМ

Привршува реконструкцијата на автопатот Скопје-Велес.

До крајот на октомври или во почетокот на ноември целосно треба да заврши реконструкцијата и ревитализацијата на делницата од Скопје до Велес, а до крајот на 2016 година целосно ќе биде обновен и доизграден коридорот 10 со што ќе ги задоволува сите барања за современ автопат.

Ова го истакна министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески при денешната посета заедно со директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски на делот од автопатот меѓу Скопје и Велес каде фирмата Гранит  врши реконструкција и ревитализација на коловозот и на косините на патот.

– Станува збор за инвестиција од околу 7,5 милиони евра со која дрстично се подобрува делот на автопатот од Скопје до Велес, посебно асфалтната подлога која не беше во добра состојба. Добро е што во текот на работите за рекнструкција ќе се отстранат и 10 проблематични косини со што во иднина нема да има поголеми одрони на камења, изјави министерот Јанакиески, посочувајќи дека веќе се завршени околу 65 проценти од градежните работи.

Владата, додаде, планира до крајот на 2015 година целосно да се реконструира коридорот 10, односно сите делови што претходно се изградени.

– За тоа веќе поднесовме ИПА  апликација и се очекува градежните работи да започнат во 2014 година, а овој месец ќе започнеме и со градежните  работи на делот од Демир Капија до Смоквица. Очекувам  во 2016 година, кога ќе заврши изградбата на делницата Демир Капија-Смоквица, коридорот 10 да биде патен правец со сите највисоки стандарди, посочи Јанакиески.

Од наредната година во соработка со НАТО ќе започне и реконструкцијата на преостанатите 13 мостови на коридорот 10, ивнестиција во износ од околу 8,6 милиони евра.

– Прва наредна делница што ќе се рекнструира во 2014 година ќе биде од Велес до Скопје, бидејќи за нејзе веќе има изработено проект. На оваа делница ќе се реконструира асфалтната подлога и сигнализацијата, рече Јанакиески инагласи дека  рекнструкцијата ќе започне и пред 2014 година доколку се обезбедат средства.

Директорот на агенцијата за државни патишта појасни дека реконструкцијата на делот од Велес до Скопје, чија поректантска вредност изнесува 8 милиони евра, ќе се финансира преку ИПА фондовите на Европската унија и додаде дека работите најверојатно ќе стртуваат кон крајот на идната година.

– Се надевам дека до крајот на годинава ќе добиеме потврда од Европската комисија дека проектот е одобрен за во рок од девет месеци да се изврши избор на изведувач и да се почне со градба, рече Георгиевски.

Тој посочи дека дел од комплетната реконструкција на патниот правец од Скопје до Велес и обратно ќе биде и подобрувањето на безбедносната состојба на тунелите.

– Ќе се постави осветлување пред и после тунелите, ќе се корегира и замени осветлувањето каде што е неопходно и тунелите ќе се одбележат со соодветна сигнализација, рече Георгиевски.

ПОВТОРНО СЕ НАЈАВУВА ЕЛЕKТРОНСKАТА НАПЛАТА НА ПАТАРИНИТЕ НИЗ ДРЖАВАВА

ПАТАРИНИТЕ БЕЗ ИНКАСАТОРИ ПО 2014

Електронскиот систем за наплата засега нема да ги поскапи патарините, иако Македонија има најниска цена во регионот, вели Љупчо Георгиевски, директор на Агенцијата за државни патишта

Патарини без инкасатори, бесплатна телефонска линија за поплаки и видеонадзор за следење на метежот на наплатните рампи. Ова е само дел од обемниот и амбициозен план за модернизирање на патарините, кој го најави Љупчо Георгиевски, директор на Агенцијата за државни патишта, која од 1 октомври ќе ја преземе надлежноста за нив од „Македонијапат“. Според него, воведувањето на новиот систем на наплата засега нема да ги поскапи патарините, иако, како што вели, тие во Македонија се најниски во споредба со земјите во регионот.
Електронската наплата на патарините се очекува да почне од 2014 година, најпрвин по Kоридорот 10, а потоа и по Kоридорот 8, со што се очекува да се надминат долгите колони и чекања пред рампите, како и проневерите со собраните пари. На 4 септември завршува рокот за пријавување на јавниот повик за електронска наплата на патарините, а од Агенцијата за државни патишта очекуваат дека до крајот на годината ќе биде познат изведувачот. Рокот на изведба на проектот е 18 месеци, а 17-те милиони евра се обезбедени од Европската банка за обнова и развој.
Планираме целосно да се изземе човечкиот фактор. Наместо со готови пари, ќе се плаќа со банкарски картички или со специјални смарт-картички, кои ќе може да се купат во секоја трафика, дуќан или бензинска пумпа. Ако некој нема картичка, не мора да плати веднаш. Неговото возило и регистрација ќе бидат снимени и ќе добие сметка на домашна адреса, која ќе треба потоа да ја плати. Странците ќе имаат опција да плаќаат со банкарски картички – појаснува директорот Георгиевски.
Тој информира дека ќе бидат преземени 257 вработени од „Македонијапат“, кои работат на патарините и кои ќе треба да се придржуваат кон новиот правилник за работа.
Со преминувањето кај нас тие потпишуваат дека ќе ги почитуваат правилникот и нашите акти, каде што стои дека мора да има резервен инкасант, раководител и 24-часовно присуство на дополнителен помошник-раководител. Недозволиво е од четири наплатни рампи да работи само една и не смее да се случи рампата на патарините да биде подигната. Ако не се почитува правилникот, ќе бидат спроведени санкции кон вработените – истакна Георгиевски и најави дека во следните три години, односно до воведувањето на електронскиот систем за наплата, нема да има намалување на нивниот број, освен тие што ќе си заминат доброволно или поради пензионирање.
За да се засили работната дисциплина, ќе се вршат засилени контроли и ќе се воведе бесплатна телефонска линија за граѓанитена која ќе може да пријавуваат нерегуларности.

Во делот на модернизацијата се планира да се обноват наплатните куќички и во нивна близина да се изградат потребни помошни објекти за вработените, а ќе се постави ново осветлување и сигнализација. Се планира, на јасно видливо место на секоја патарина, да се постави набљудувачка кабина, во која ќе има човек што ќе се грижи за безбедноста на наплатувачите и на возачите. За таа цел на наплатните рампи ќе се постават камери, а видеонадзорот ќе може да го гледаат и граѓаните на веб-страницата на Агенцијата за да се информираат дали има метеж на патиштата. Агенцијата за државни патишта планира да распише и јавен повик за собирање на средствата од наплатните рампи, односно собирањето на парите најверојатно ќе се врши преку банка, која ќе биде задолжена еднаш во текот на денот да гарантира за парите и да ги уплати на нивна сметка.

Доцнат парите од техничките прегледи

Апелирам до фирмите за технички преглед на возила редовно да ги плаќаат долговите кон Агенцијата за државни патишта и другите државни институции инаку ќе бидеме принудени да преземаме строги мерки за да ги добиеме овие пари, вели Георгиевски.
– Според законот, парите за одржување на патиштата што ги наплаќаат од граѓаните при техничкиот преглед на возилата мора да ги уплаќаат на наша сметка во рок од десет дена. Последната инспекција на работата на сервисите за технички преглед утврди дека тие ни должат околу 4 милиони евра за последниве неколку години – вели Георгиевски.

Тунелите ќе се осветлат

Во текот на следната недела ќе биде објавен и јавен повик за безбедносно средување на тунелите со комплетна промена на осветлувањето, белење на ѕидовите и обележување со флуоросценти бои. Исто така, ќе се осветлат влезовите и излезите од тунелите.
Според најавите, наскоро ќе се постави камен-темелник за автопатската делница од Демир Kапија до Смоквица и ќе се санира патот Смрдлива Вода-Kожув, кој беше оштетен од лошите временски услови. До Нова година ќе се доврши патниот правец Радовиш Струмица во должина од три километри. Годинава се завршени 56 локални патишта во 40 општини со вкупна должина од 129 километри во вредност од 10 милиони евра. До крајот на годината е планирано да се завршат уште 63 патишта во 44 општини со вкупна должина од 132 километра и вредност од 11 милиони евра.