Следната година пристига кабрио изведба на Opel Adam

Според последните гласини, најмалечкиот Opel, градскиот шик модел Adam ќе добие своја кабриолет изведба. Британскиот AutoExpress, повикувајќи се на извори од компанијата, пишува дека моделот со мек покрив бил веќе комплетиран од Mark Adams (дизајнерот на Adam) и неговиот тим и истиот ќе се појави на пазарот веќе следната година.

Поради помалите пропорции, кабриолет верзијата на Аdam, најверојатно ќе го следи примерот на кабрио изведбите на Fiat 500 и Citroen DS3 и ќе биде со склоплив платнен покрив кој ќе ги остави кровната линија и рамките на вратите непроменети. Задното ветробранско стакло ќе се повлекува рамно врз багажникот како што ќе се склопува платнениот покрив врз него, што значи дека Adam би требало да го има истиот багажен простор, но просторот на задната клупа, кој и онака е мал, ќе биде уште повеќе компромитиран.

Ако овие гласини, се испостават како точни, тогаш кабрио верзијата, својата премиера најверојатно би ја имала на женевскиот (март) или пак на саемот во Франкфурт (септември).

Извор: www.avtoportal.mk

 

Освежениот Spark и новиот Trax, главни адути на Chevrolet во Париз

Главна атракција на изложбениот простор на Chevrolet на овогодинешниот саем во Париз претставува целосно новиот модел Trax, а некако во сенка, поминува премиерата на освежениот Spark.

Chevrolet Trax

Chevrolet-овата верзија на Opel Mokka, моделот Trax е одговор на се поголемата побарувачка на возила од суб-компактниот SUV сегмент и со него американската компанија ќе се обиде да го зајакне присуството на европскиот пазар. Со својот допадлив изглед, надополнет со високата разноврсност и малата потрошувачка, главна цел на Chevrolet ќе бидат младите купувачи.

Понудата на мотори ќе ја сочинуваат 1.4-литарски турбо бензински мотор со 140 КС, 1.6-литарски бензински мотор и 1.7-литарски турбо дизел мотор со 130 КС. Сите мотори ќе бидат впарени со шест-степен мануелен менувач со Start/Stop функција, додека погонот на сите тркала ќе биде достапен за 1.4-литарскиот турбо бензинец или 1.7-литарскиот турбо дизел.

Максималниот товарен простор на Trax изнесува 1,370 литри. Како дополнување на делливата задна клупа (60/40), предното патничко седиште може да се преклопи и да се добие рамна површина со што се нуди уште поголема флексибилност на товарниот простор.

Кај повисоките нивоа на опрема, MyLink системот ќе биде дел од стандарндата опрема. Инаку Chevrolet MyLink е мултимедијален систем кој ја префрлува содржината од паметните телефони на 7-инчен екран на допир. Следната година ќе биде достапна и специјална апликација за навигација која ќе може да се инсталира на паметните телефони и истата ќе биде препознаена од гореспоменатиот систем преку кој пак ќе се појавува на екранот во боја.

Spark (MY 2013)

Судејќи според продажбата на македонскиот пазар во последните неколку години, најинтересна премиера за нас е онаа на освежениот Spark. Популарниот мини на Chevrolet отсега ќе доаѓа со редизајнирана двоја централна решетка и преден браник, како и реобликувани стакла на предните светла и магленките. Освежениот Spark добива и 14- и 15-инчни бандажи со поспортски изглед.

На задниот дел, стоп светлото, кое досега беше поставено на горниот дел од задното ветробранско стакло е интeгрирано со кровниот спојлер со што се добива поголема видливост.

Модификациите извршени во внатрешноста вклучуваат нови декор елементи, како и преобликувана централна конзола со зголемен простор за предмети.

Извор: www.avtoportal.mk

Први фотографии од Suzuki S-Cross Concept

Се појавија првите фотографии од новиот S-Cross, crossover концепт на Suzuki пред неговата официјална премиера, денес во Париз.

Новиот crossover кој треба да го замени веќе застарениот SX4 и воедно да погне во напорите Suzuki да ја врати својата компетитивност во сегментот на мали crossover модели кој практично тие го создадоа. Од компанијата потенцираат дека концептот ја отелотворува “Емоција x Квалитет x Аеродинамика” дизајнерската тема, која се карактеризира со специфични динамични линии кои почнуваат од предниот браник се искривуваат по вратите и завршуваат на задниот дел од каросеријата.

Развојот на производствената верзија на S-Cross е во тек и инженерите на Suzuki веќе подолг период тестираат неколку примероци низ Европа. Нормално, производствениот модел ќе остане без поголемиот дел од стилски и дизајн елементи како LED светилките, големите хромирани бандажи и спортскиот издувен систем, но ќе ги задржи основната форма и линии на концептот.

Извор: www.avtoportal.mk

Протекоа првите фотографии од Jaguar F-Type

Вчера се појавија првите неофицијални фотографии на Jaguar F-Type кои го покажуваат спортскиот roadster од сите можни агли, вклучително и неговата внатрешноста. Од Jaguar во меѓувреме како да се навлекоа на промовирање на моделот во камуфлажа, па ако пред неколку месеци тие така и го најавија, оваа недела продолжуваат со серија на видеа на кои е прикажано како е тестиран камуфлираниот F-Type. Додека од британската марка тактизираат и сакаат уште повеќе да ја зголемат мистичноста на новиот модел, некој друг добро си ја завршил работата, па на неколку дена од официјалната премиера, можеме да го видиме прекрасниот roadster.

C-X16 купе концепт моделот, прикажан минатиот септември во Франкфурт, јавноста го прими одлично и не беше тајна дека новиот F-Type ќе позајмува некои дизајнерски потези токму од него, но никој не очекуваше дека двата модели ќе бидат речиси идентични. Jaguar по се изгледа, се потпрел на проверената формула – тимот што победува не се менува (во овој случај дизајнот на моделот) – па направил ситни измени и го отстранил покривот.

Кога станува збор за погонот, Jaguar не беше толку мистичен, па знаеме дека понудата на мотори за новиот F-Type ќе ја сочинуваат два 3.0-литарски V6 мотори со натполнење и “R” модел погонуван од 5.0-литарски V8 мотор со натполнење.

Извор: avtoportal.mk

Hyundai во Париз ќе ја претстави три-вратната изведба на i30

Hyundai во Париз ќе ја прикаже третата каросериска изведба на моделот I30. Покрај досега претставените, стандардниот пет-вратен хечбек и караванската изведба, наскоро на пазарот ќе се појави и три-вратна верзија на моделот.

Освен очигледната разлика во бројот на вратите, оваа изведба од пет-вратниот модел се разликува по различниот дизајн на предниот браник кој има нови магленки, а променети се и централна решетка и предните светла. Помалку видливи се промените на задниот дел каде што браникот е со променет дизајн..

Што се однесува до техничкиот дел, три-вратната изведба нема да се разликува во ниту еден дел со останатите две верзии, што меѓу другото подразбира и дека моторите остануваат исти.

Извор: AvtoPortal

Citroën DS3 Electrum

Citroën потврди дека во Париз, покрај кабрио изведбата на DS3, својата премира ќе ја има електричниот DS3 Electrum.

Станува збор за целосно електричен концепт врз основа на премиум супермини моделот DS3 Кој е погонуван од два електро мотори на предната оска со моќност од 65 kW (87 КС) и 17.5 kWh литиум-јонска батерија (Panasonic) која може да се полни преку штекер кој се наоѓа на местото за точење гориво.

Од Citroën тврдат дека автомобилот на европскиот тест круг има опсег од 120 km и дека со користење на станица за брзо полнење, батеријата на DS3 Electrum може да се наполни 80 проценти за само 30 минути. Исто така, од француската марка потенцираат дека електичните мотори се доволно компактни за да не се потребни компромиси во кабината или пак багажниот простор на DS3.

Засега, производителот не открива дали DS3 Electrum ќе остане како концепт или пак ќе има негова производвена верзија.

Извор: AvtoPortal