Кои градови се сообраќајно најзагушени?

Холандскиот производител на навигациски уреди Том Том објави најнова листа на градови од Европа и Северна Америка со најголеми гужви во сообраќајот, а на прво место се наоѓаат Истанбул и Лос Анџелес.

Том Том се занимава со истражување на проток на сообраќајот во поголемите светски градови од 2007 година, за да ги развијат навигациските системи во возилата на корисниците на своите услуги.

Наместо следење на математички модели, оваа компанија собира податоци по пат на ГПС системите од милион возила ширум светот кои ги користат навигациските уреди на Том Том. На тој начин, се создава база на податоци која постојано се ажурира и која Том Том ја користи за подобрување на навигација на автомобилите во големите градови.

Врз основа на оваа база, објавена е листа на градови во Европа и Северна Америка со најголема загушеност во сообраќајот. Првото место на европската листа го зазаде Истамбул, со индекс на загушување од 57 отсто. Потоа следи Варшава со индекс 45 отсто, а на трето место е  Марсеј со индекс 42 отсто.

Што се однесува до северноамериканскиот континент, тука очекувано на прв е Лос Анџелес со индекс 34 отсто, потоа следи канадскиот град Ванкувер со 33 отсто, додека трет е уште еден калифорниски град Сан Франциско 29 отсто.

Ако се прашувате каде тука на пример е Скопје, ќе останете без информација за загушување на нашиот главен град. Поголемиот дел од источна Европа и речиси целиот Балкан се изземени од оваа статистика.

Погледнете ја листата на сообраќајно најзагушените градови во Европа и Северна Америка:

Европа:
1. Истанбул, 2. Варшава, 3. Марсеј, 4. Палермо, 5. Рим, 6. Париз, 7. Штутгарт, 8. Брисел, 9. Хамбург, 10. Стокхолм.

Северна Америка:
1. Лос Анџелес, 2. Ванкувер, 3. Сан Франциско, 4. Монтреал, 5. Торонто, 6. Вашингтон, 7. Сиетл, 8. Њујорк, 9. Чикаго, 10. Мајами.

 

Извор: www.tirekovmirece.com

На мотори до Папрадиште

Дружење на велешките мотористи на илјада метри надморска височина, во некогашно Ѕвезданово.

Последните денови на убавото есенско време мотористите од клубот Носачи на крстот од Велес   го искористија да минат викенд во селото  Папрадиште. Фотографии од дружењето, но и од патувањето на овие љубители на моторите и природата.  Тие еден викенд минаа во планинарскиот дом Папрадиште.

Извор: www.tirekovmirece.com

И велешани возеа на Балканското мото рели

На Балканскиот одговор на мото релито Дакар, учествуваа и велешаните Сашко Ванов и Методија Саздов. Колку тоа било опасно зборува и тоа што еден возач загина на патеката низ Бугарија.

Седум дена педесетина мотористи од  десетина  држави во Европа возеа  на четвртото  Балканско маратон рели  низ четири Балкански држави, вклучувајќи ја и Македонија. По шума, камен, реки, песок, по оф роуд предели го крстосуваа југот од Балканот. Ова е наш регионален одговор на светски познатото рели Дакар.  Победници на релито се  во ГПС класата – Красимир Колев (Бугарија),  кај мотоциклите во М1 – Хено Ван Бергеијк (Холандија), во М2 – Мартин Фонтин (Белгија) и кај теренските возила во Т1 – Трајанов/Маринков (Бугарија). Учесниците за седум дена од Тирана Албанија, преку Велинград Бугарија, Драма Грција стигнаа до Игуменица при што минаа 2,5 илјади километри.

Најдобар пласман од македонските мотористи имаа  Александар Петровски и Сашко Ванов кои го поделија 13-тото место додека Методија Саздов беше 18-ти. Сите тие возеа мотори  јамаха. Кај четвороциклите учествуваше Тони Димитровски (Хамачи рејсинг),  кој го освои 8 место. Тие четворицата беа македонската селекција на Балканското маратон рели.

Ова беше врвен предизвик, бидејќи се возеше низ сурови услови. Ова е Балкански одговор на познатото рели Дакар. Колку беше силен предизвикот зборува што  учесници на светски познатото рели, дојдоа да возат на оваа оф-роуд трка. Македонскиот дел од патеката беше мошне тежок, по планински и непрооден терен – вели Сашко Ванов еден од македонски учесници.

Четвртото Балканско маратон рели се одржа  од 7-ми до 14-ти септември.  Вкупна должина беше околу 2.500 километри од кои околу 2 илјади  километри се специјални испити по макадамски патишта. Натпреварувачите со мотоцикли, четвороциклите (АТВ) и теренски возила минаа  530 км низ Македонија на 8 и 9 септември. Се возеше на делниците  Ќафасан – Дебар,  Лазарополе – Маврово – Леуново,   Катланово – Градско,  четвртиот на релација Криволак – Штип и последниот  на релација Штип- Делчево. Македонски претставници се задоволни од нивниот настап оти за прв пат учествувале.

За разлика од останатите натпреварувачи немавме ЏСП навигација ниту неопходниот роудбук Така бевме во подредена позиција спрема овие волци на патиштата. И учеството беше по пат на самофинансирање, бидејќи мото спортот во Македонија е маргинализиран – додава Ванов.

Но се надева дека до година ќе имаат подобра организација, поголема поддршка и подобар резултат.  Вкупно 50 пријавени учесници од десеттина земји, од Италија, Германија, Велика Британија, Австрија,Франција, Израел, стартуваа на досега најтешкото маратонско рели во Европа, а само половина од нив пристигнаа  во петокот ,на целта во Игуменица Грција. За предизвиците низ каков терен се возело, колку е тешка патеката, зборува податокот што на  трасата низ Бугарија во близина на градот Гоце Делчев, загинал  55 годишниот  моторист Крис Стаболидис  од Грција. Меѓу учесничките  биле и две жени, Гркинка и Бугарка.

Извор: http://www.tirekovmirece.com

А место за паркирање?

Најавениот нов сообраќан режим ќе оневозможи диво паркирање на улица Благој Ѓорев.

Со новиот сообраќаен режим ќе биде оневозможено незаконското паркирање по главната градска улица Благој Ѓорев. На тој начин околу 40 диви паркинг места ќе бидат избришани. Локалната власт предвидува решение за ова преку два нови паркинг простори кои ќе овозможат најмалку нови 60 легални паркинг места.

Првиот е уредување и поплочување  на паркингот кај ЕВН, кој сега најчесто е пуст и празен. Второто е уредување на лента за паркирање на улицата Наум Наумовски Борче, таа која е спроти ЕВН  во дворот на  Гимназијата. И онака сообраќајната а не го санкционира паркирањето на крстосниците, каде тоа не смее да се случува а во пракса сите сме сведоци дека го има, посебно пред Панини – вели градоначалникот Горан Петров

Извор: http://www.tirekovmirece.com

Крстосницата кај “Панини” најопасна

Колку велешките крстосници се опасни по учесниците во сообраќајот со постојниот сообраќаен режим на Благој Ѓорев? Дали со новиот тие ќе се намалат?

Откако во градот се разви дебата за и околу новиот предложен  сообраќаен режим на улица Благој Ѓорев, најмногу интерес привлекува, колку велешките крстосници се опасни по учесниците во сообраќајот?

На ова прашање одговор даваат статистичките показатели за бројот на сообраќајни незгоди на најфреквентните крстосници во градот, кои треба со новиот режим на сообраќај да се менуваат, некои со семафори други со кружен тек.

ТРМР  дојде до податоците за сообраќајките на  шест крстосници, каде се собрани сообраќајните незгоди за последните седум години.  Бројките покажуваат дека најмногу сообраќајки има на крстосницата кај ресторан “Панини”.

Патем од Сообраќајната полиција стигна поддршката за новиот сообраќаен режим, со тоа што тие порачуваат дека кај ЗОИЛ не треба да се менува сообраќајниот режим.  Сообраќајната полиција при СВР Велес ги собрала и документирала  сообраќајките за период 2005-20011 и еве ова се податоците:

Крстосница пред Панини:
вкупно незгоди 26, незгоди со материјална штета 14, незгоди со повредени лица 12, од кои три се со тешки повреди.

Крстосница кај Железничката зграда:
Вкупно незгоди 21, незгоди со материјална штета 15,  незгоди со повредени лица 6 од кои две се со тешки повреди.

Крстосница  семафори кај Макпетрол:
Вкупно незгоди 21, незгоди со материјална штета 15 и шест со повредени лица од кои еден е со тешки повреди.

Кружен тек  кај Коњот, НА-МА
Вкупно незгоди 8, незгоди со материјална штета 3, незгоди со повредени лица 5 од кои едно е со тешка.

Крстосница кај влез во Велес, кај Башино село
Вкупно незгоди 18, со материјална шета 11, со повредени лица 7, од кои едно е со тешка повреда.

Крстосница кај ЗОИЛ ( за две години период)
Регистрирани две сообраќајки, една со материјална штета и едно со тешка повреда.

Извор: www.tirekovmirece.com

Пилот студија за нов сообраќаен режим на улица Благој Ѓорев во Велес

Се предвидува враќање на двонасочниот сообраќај до свиокот кон Болница, поставување на нови семафори, кружени текови,укинување на постојниот семафор или комплетно нов сообраќај по најфреквентните улици.

 Велес ќе добие нов сообраќаен режим за централните градски улици. Се предвидува  враќање на двонасочниот сообраќај  до свиокот кон Болница, поставување на нови семафори, кружени текови, укинување на постојниот семафор  или комплетно нов сообраќај по најфреквентните  улици Благој Ѓорев и  Алексо Демниевски Бауман. Проектантската куќа ЗУМ Проект од Скопје по барање на локалната власт понуди  студија за дел од улична мрежа во Велес со варијантни решенија за девет крстосници.

Оваа студија е работена на ниво на идејни решенија, кои можат да претрпат измени. Понудивме решенија кои се оптимални за градот, имаме повеќе кружени крстосници кои во пракса во Скопје се  покажаа како добри.  Работевме на задоволување на нараснатите потреби на градот кои ќе се јават во блиско време, пред се со изградбата на новиот театар и новата црква – изјави  Јани Христовски сообраќаен инженер еден од  авторите на студијата.

Тие избројале  дека во ударните термини наутро во осум и попладне во 4 низ главната градска улица во еден час минуваат по 900 автомобили, или на секој четири секунди по еден. Третина од нив се упатуваат кон Којник, вртат повеќе од километар за да сигнат дома. Пресметките покажале дека за ова тие трошат десетина минути  повеќе од стандардната релација. Ова е проблем за околу шест илјади велешани.

Со оваа студија се предвидува воведување на двонасочен сообраќај од Пошта до кривината кон Болница и од Трговскиот во Нова Населба до крстосницата кај Железничката зграда, отворање на нова улица до театарот и едно насочен на улица Прва Комуна. Кај крстосницата пред Пошта се нуди светлосна сигнализација, со тоа што ќе мора да се одземе  од просторот од пред зградата кај Градска аптека. На крстосницата за влезот кај Брза помош би се поставило едно островче.

На крстосницата кај Болница  а завршува  еднонасочната улица и започнува двонасочната, за што ќе треба да се постави хоризонтална и вертикална сигнализација. Влезот од новата улица од пред театарот на главната Благој Ѓорев ќе биде со семафори. Крстосницата кај ОУ Блаже Конески би се регулирала со разделно островче.  Кај  крстосницата Панини е предвидено во една варијанта  со турбо кружен тек а со втората со семафор. И во двете варијанти се отвора премин од лево кон улица Прва комуна за сите возила да одат директно кон неа. За реализација на двете варијанти ќе треба да се одземе простор од дворот на Гимназијата.

За крстосницата кај железничката исто така е предвидено две варијанти, семафори и кружен тек. Поставувањето на семафори на овие крстосници е со т.н. јамки кои преку индуктори овозможуваат влез на автомобили на главната улица Благој Ѓорев  само кога на споредните има возила. Во сите други случаи движењето по главната улица е постојано и непречено. Ако се оди на кружен тек ќе се дислоцираат сите времени објекти во негова близина и ќе се одземе дел од тротоарот од пред фонтаната.

Со воведувањето на двонасочен сообраќај од Трговски до Железничка, крстосницата пред Трговскиот нема да има промени. На крстосницата пред сендвичара Круг кај ЕВН се предвидува поставување на островче. На семафорите  кај бензинската на Макпетрол се предвидува наместо семафори да се  изгради турбо кружна крстосница. За  негова реализација е потребно да се добие простор од дворот на ЕВН и од дворот на Макпетрол. Авторите на оваа студија по барање на инвеститорот- Општина Велес понудија решение и за крстосницата кај ЗОИЛ Македонија, каде би се регулирал со разделни острови. Сигурно е дека на влезот од Велес  во правец од Штип ќе се гради кружен тек.

Повеќе фактори влијаеја да се побара изработка на ваква  сообраќајна студија. Основно е зголемениот број на возила во Велес, било приватни,  службени и такси превоз. Потоа привршува изградбата на два јавни објекти, црква и театар на главната градска улица, кои ќе го отежнат сообраќајот на неа. Имаме и барање на одреден број жители кои директно се погодени со постојниот сообраќаен режим. Важен ни е и пристапот до здравствените институции Болница и Брза помош, до кој сега да се стигне е потребно за дел до  велешани да кружат еден километар. Со воведување на светлосна сигнализација и  кружни токови на одредени делови ќе се поедностави,  сообраќајот ќе биде побезбеден, ќе се  намали  брзината,  со што ќе се придонесе по безбедноста на пешаците – вели Горан Петров градоначалник на Велес.

Тој сега очекува граѓаните да се изјаснат по оваа студија а потоа, откако ќе се соберат реакциите, ќе се пристапи кон избор на решенија и нивна реализација. Рок на воведување на овој нов сообраќаен режим би бил најмногу до една година.

Извор: tirekovmirece.com