Внимание: Две илјади евра за возење под дејство на алкохол !!!

Во Македонија за надминување на брзината од 30 км на час над дозволеното во населено место, т.е. надминување на брзината од 50 км на час над дозволеното надвор од населено место, се плаќа казна од 300 евра. За некористење на сигурносни појаси 20 евра, за возење во алкохолизирана состојба 350 евра.

Внимание: Две илјади евра за возење под дејство на алкохол

Според податоците на балканскиот Автомото сојуз, казнените мерки за прекршоци во сообраќајот се најостри во Црна Гора, каде несовесните возачи кои ќе возат под дејство на алкохол ќе платат и до 2.000 евра парична казна, додека во Србија за надминување на дозволената брзина следи и затворска казна од 30 дена. Македонија иако со високи казни далеку заостанува зад овие држави.

Учесниците во сообраќајот во Црна Гора, кои ќе ги паркираат своите возила и притоа пречат на регуларното одвивање на сообраќајот, но и тие кои ќе фрлаат отпадоци од автомобилите, ќе бидат санкционирани со парична казна од 100 до 450 евра. Казната за користење на мобилен телефон во текот на возењето се движи од 60 до 150 евра.

За надминување на дозволената брзина во населено место од 50 км на час, во Хрватска се плаќа казна од 670 до 1.980 евра. Истата висина на казни важи и за возачите кај кои ќе се утврди над 1,5 промили алкохол во крвта. Некористење на сигурносни појаси чини 65 евра, како користење на мобилен телефон, додека поминување на црвено светло од 260 до 670 евра.

Во Босна и Херцеговина казните за надминување на брзината можат да достигнат и до 500 евра. За тие кои во населено место возат со брзина над дозволената од 50 км на час, казната може да изнесува од 200 до 500 евра. Истата казна важи и за возење со две или повеќе промили алкохол во крвта.

Во Србија за надминување на брзината во населено место од 51 до 70 км на час, се плаќа казна од 135 до 270 евра, а можна е и затворска казна од 30 дена. За возење со 1,61 до 2,0 промили на алкохол во крвта, казната достигнува и до 270 евра, а можна е и 30-дневна затворска казна. Надминување на брзината во населени места со над 70 км на час, во однос на максималната дозволена брзина, ќе се санкционира со парична казна во износ поголем од 1.000 евра.
Во Македонија за надминување на брзината од 30 км на час над дозволеното во населено место, т.е. надминување на брзината од 50 км на час над дозволеното надвор од населено место, се плаќа казна од 300 евра. За некористење на сигурносни појаси 20 евра, за возење во алкохолизирана состојба 350 евра.

Меѓутоа, казните за сообраќајните прекршоци во многу европски земји се многу поригорозни:
Во Норвешка за поминување на црвено светло и недозволено заобиколување се казнува со 697 евра, а за надминување на брзината до 35 км на час повеќе во однос на дозволената, казната е 1.045 евра. Во рамки на овие мерки на претпазливост спаѓа и одење на суд за прекршоци.
Во Австрија за возење под влијание на алкохол се плаќа казна од минимални 300 до 5.900 евра, вклучувајќи и одземање на возачка дозвола. За надминување на брзината од 40 км на час, во однос на дозволената брзина во населено место или 50 км на час надвор од населено место, казната е од 150 до 2.180 евра и одземање на возачката дозвола најмалку на две недели. За непрописно паркирање може да се плати казна од 726 евра.

Некористење на сигурносни ремени во Италија и некористење на детско седиште се казнува со парична казна од 76 до 306 евра. За надминување на брзината казната е од 39 до 3.199 евра, погрешно паркирање се казнува од 39 до 318 евра, возење под влијание на алкохол над 0,5 промили од 500 до 6.000 евра, возење под влијание на други опијати 1.500 до 6000 евра, одземање на дозволата и затворска казна во траење од една година.

За надминување на брзината во Германија возачите плаќаат од 15 до 600 евра, за поминување на црвено светло од 90 до 320 евра, додека казната за возење под влијание на алкохол или дроги е 500 евра.

Во Словенија за надминување на брзината над 50 км на час во населено место се плаќа казна од 1.200 евра со можност за одземање на возачката дозвола.
Во Шведска за надминување на брзината во населено место каде максималната дозволена брзина е од 50 км на час се плаќа казна од 230 евра, а на возачите кои се соочени со ваква казна им се заканува и кривично гонење.

 

Извор: www.vecer.com.mk

Advertisements

ПО БАРАЊЕТО НА ССК, ВЛАДАТА ДОПРВА ЌЕ СЕ ИЗЈАСНУВА…Ограничување на увозот на половните возила!?

Увозниците на нови возила сметаат дека меѓу другото влезот на половни автомобили со еуро 1 и еуро 2 норматив негативно влијае на автомобилскиот сектор во Македонија

ПО БАРАЊЕТО НА ССК, ВЛАДАТА ДОПРВА ЌЕ СЕ ИЗЈАСНУВА...Ограничување на увозот на половни возила на владин колегиум.

Владата се уште нема одговор на барањето на импортерите на нови возила, увозот на употребувани автомобили да се ограничи на не постари од седум години. Оттаму информираат дека пред конечната одлука, барањето прво треба да ги помине сите утврдени владини процедури.
– Барањата кои Владата ги добива од субјектите по однос на одредени теми се разгледуваат во соодветна процедура која опфаќа разгледување на генерален колегиум и на комисиите на Владата, за потоа да дојдат на владина седница. По разгледувањето на ова барање со соодветна аргументација и препораки од телата ќе заземеме став за кој и ќе информираме – вели владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.

Импортерите на возила организирани во Сојуз на стопански комори (ССК) кои пред извесно време го доставија ова барање до Владата, објаснуваат дека се решиле на ваков чекор затоа што сметаат дека мерките со кои се дозволува увезувањето на возила со еуро 1 или еуро 2 норматив станале контрапродуктивни бидејќи во државата влегуваат многу стари возила кои се големи загадувачи на животната средина, а поради староста и техничката неисправност претставуваат и директна опасност во сообраќајот. Од друга страна, објаснуваат во ССК, со увозот на над 110.000 користени автомобили во последните три години е задоволен социјалниот момент на сегментот на потрошувачи кои покрај тоа што не беа во можност да купат нов автомобил, успеаја да го заменат својот престар автомобил со само стар автомобил кој не одговара на еколошките стандарди.
– Увозот на половни возила негативно влијае на автомобилскиот сектор во Македонија. Во 2012 во однос на 2008 година продажбата на нови возила е намалена за околу 73%. Овој податок не е во прилог на привлекување странски инвеститори во автомобилскиот сектор. Инвеститорите од овој сектор произведуваат производи по најнова технологија, производи кои ќе бидат продавани во ЕУ и во целиот свет, а додека со увозот на повеќе од 110.000 половни возила се дава прибежиште на старите технологии, односно возила за кои земјите со развиена автомобилска индустрија со разни мерки се борат да ги отстранат од сообраќај – објаснуваат од Комората и додаваат дека импортерите на нови моторни возила инвестираат во државата преку изградбата на модерни центри, дилерски салони, сервиси и технологии, исшколувале над 2.000 кадри и вработиле повеќе од 3.500 лица, за разлика од увозниците на половни возила кои немаат никакви инвестиции.

Импортерите на нови возила се жалат дека го живеат најтешкиот период, отпуштаат вработени, а може да се затворат и некои салони. Тие објаснуваат дека намалената продажба не може да биде причина за поевтинување на новите возила, бидејќи, како што велат, нивната цена сега е сведена на минимум.
Пред да се овозможи увозот на употребувани возила со намалени давачки, во 2009 година, во автосалоните се купуваа 3,5 пати повеќе возила отколку на плацовите за половни. Денес соодносот е обратен, во корист на продавачите на половни возила. Дилерите на нови автомобили предупредуваат дека новите возила се карактеризираат со ниска емисија на јаглерод диоксид и штетни честички во воздухот и имаат посебни филтри кои ги задржуваат штетните канцерогени честички да не влезат во атмосферата. Возилата со еуро 1 или еуро 2 норматив, пак, немаат заштитни филтри и емитуваат огромна количина на штетни честички во воздухот.

Извор: www.vecer.com.mk

ПО НАЈАВАТА ДЕКА ГЕРМАНСКА КОМПАНИЈА ВО ВЕЛЕС ЌЕ ГРАДИ ФАБРИКА…

Советот на општината го вклучи алармот – подготвува локација.

Советот започна процедура за промена на планот и земјиштето од земјоделско да стане градежно. Со ова ќе се овозможат услови новите инвеститори непречено да дојдат и да инвестираат во Велес, вели Славчо Чадиев, претседател на Советот на општината

ПО НАЈАВАТА ДЕКА ГЕРМАНСКА КОМПАНИЈА ВО ВЕЛЕС ЌЕ ГРАДИ ФАБРИКА...

Владата најави изградба на германска фабрика од автомобилската индустрија во Велес, а општинските власти се растрчаа да подготват терен. Советот започна постапка за промена на Деталниот урбанистички план во индустриската зона Речани 2″, бидејќи таа локација, според инвеститорот, била најпривлечна.
– Советот започна процедура за промена на планот и земјиштето од земјоделско да стане градежно. Со ова ќе се овозможат услови идните инвеститори непречено да дојдат и да инвестираат во Велес. Наше е да им понудиме добри услови – вели Славчо Чадиев, претседател на Советот на општина Велес.

Веста за фабриката брзо се прошири во Велес. Граѓаните засега се претпазливи. Дел се сомневаат дека целата работа можеби е предизборен маркетинг. Сепак, сите се согласуваат во тоа дека на Велес, некогаш најразвиен индустриски центар, му е потребна ваква инвестиција.
– Слушнав и мислам дека е за поздравување. Најавуваат дека 600 луѓе ќе работат таму. Тоа е одличен број за да заживее градот. Ако се реализира тоа, ќе биде одлично, пред се за младиве. Нема да бараат работа во светот, туку ќе имаат шанса да се вработат – вели жител на Велес.

Овој и наредниот месец се клучни дали германскиот инвеститор ќе гради фабрика во Велес. Министерот за странски инвестиции, Веле Самак, изјави дека пречки засега нема. Изградба на фабрика во Велес е неговиот приоритет.
– Најизгледен проект ни е германска фирма од автомобилска индустрија која начелно го има избрано Велес како една од локации, иако не споредуваа со Србија и Бугарија, но јас се надевам дека до крајот на февруари ќе ги завршиме овие преговори и ќе донесеме и во Велес уште една гринфилд инвестиција – вели Самак.

Ако се реализираат најавите, изградбата на фабриката ќе чини 20 милиони евра. Таму ќе се вработат помеѓу 500 и 1000 лица.

Извор: www.vecer.com.mk

На повидок нова фабрика за делови на БМВ и Мерцедес во Велес

Фабрика за делови за БМВ и Мерцедес

Во Велес ќе се гради фабрика за делови за автомобилите на БМВ и мерцедес во што германскиот инвеститор ќе вложи 20 милиони евра и која ќе овозможи вработување на 600 лица во првата фаза.
– До крајот на февруари се надевам ќе завршиме со преговорите и ќе успееме и во Велес да донесеме една нова гринфилд инвестиција. Таму има доста квалификувана работна рака и градот има позадина на индустрија. Се надеваме дека ова ќе направи пресврт во уште еден град и регион надвор од Скопје. Тој проект мене лично ќе ми биде во фокусот следниве два месеци – изјави министерот за привлекување странски инвестиции, Веле Самак, во интервју за Сител телевизија.

Според Самак, инвестицијата ќе претставува комбинација од трудоинтезивно и високотехнолошко производство.
– Се работи за некој вид комбинација од она што го прави “Џонсон Контролс” во Скопје и дополнителни пластични, рачни обработки. На крајот, деловите генерално ќе влегуваат во луксузните германски брендови, начелно БМВ и мерцедес – изјави министерот Самак кој вели дека компанијата “Мерцедес” направила ревизија и дала одлична оценка за почетното производство на “Дрекслмајер” во Кавадарци.
Министерот 2012 ја сумираше како незапаметена година во Македонија во поглед на бројот на нови фабрики кои почнаа да се градат или веќе да произведуваат и најави дека има уште неколку проекти за кои во моментов нема индикации дека ќе бидат откажани, а ќе се објават во текот на оваа година.

Извор: www.vecer.com.mk

И ПОКРАЈ ЗАДОВОЛИТЕЛНИОТ КВАЛИТЕТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ГОРИВА…

ПОНИСКИТЕ ОКТАНИ ГИ ТРЕСАТ ВОЗИЛАТА

Експертите предупредуваат дека кај дизелот треба да се води посебно сметка, оти има летен и зимски дизел и при премините на сезоните во пролет и есен има најмногу хаварии кај возилата што го користат ова гориво.

Има ли Македонија квалитетен бензин и дали тој е изработен според европските стандарди? Задоволни ли се возачите од тоа како им работи возилото и дали согледуваат разлики кога патуваат во странство и користат бензин од други нафтени компании? Зошто напролет на многу дизел-автомобили им се случува хаварија, односно им се затнува филтерот и целиот довод на горивото? Дали дизелот во земјава е неквалитетен и не ги задоволува пропишаните стандарди? Ова се само дел од прашањата што ги поставуваат возачите, а одговорите ги побаравме од експертите.

Тие предупредуваат дека кај дизелот треба посебно да се води сметка оти има летен и зимски дизел и при премините на сезоните напролет и наесен има најмногу хаварии кај возилата што го користат ова гориво. Сепак, во автосервисите сметаат дека горивата што се точат на бензинските пумпи низ државата се квалитетни, бидејќи последниве години немале работа со дефекти на возила предизвикани од лош бензин или дизел, за разлика од пред неколку години, кога тоа масовно се случувало.

Нема возила со оштетен систем поради лош бензин.

Во сервисниот центар на АМСМ велат дека прават само редовни сервиси и годишно одржување на возила и немаат искуства со дефекти поради лош квалитет на горивата. Истото го кажуваат и во сервисниот центар на “Аутомакедонија”.
-Квалитетот на горивата во последниот период е подобрен. Немаме возила со оштетен систем на гориво поради лош бензин – вели директорот на сервисниот центар, Васко Младеновиќ.
Тој објаснува што се случува кога бензинот е со помалку октани од тие што се препорачани од производителот на автомобилот. Вели дека тогаш може да се јави поголема потрошувачка, тропање на вентилите или сецкање при возењето.
-Доаѓаат и возила со такви проблеми, но ние при прегледот пристапуваме многу аналитично и не сме ги поврзале со октаните на бензинот – додава Младеновиќ.

Поправки на возила со дефекти предизвикани од лош квалитет на гориво немале ниту во сервисот “Ауто Мазак”. Оттаму велат дека пред пет-шест години таквите случаи биле бројни, а сега квалитетот на горивото е далеку подобар, па дефектите предизвикани од него не се вредни ниту за споменување. Сопственикот на овој сервис, Александар Арсовски вели дека од неквалитетен бензин страдаат дизните, бош-пумпите, а можат да пукнат и црева, во зависност од тоа колку се агресивни додатоците во горивата. Поправките на ваквите возила чинат многу. Чистењето на резервоарот кое во некои случаи може успешно да се изврши чини 50 до 60 евра, додека за промена на дизните треба да се издвојат 400 до 600 евра, а за пумпата од две до три илјади евра. Арсовски потсетува на периодот пред пет-шест години кога имале многу работа со возила оштетени од неквалитетно гориво. Тој потсетува на случајот со “Пежо”, кои земале примероци од горивата на нашите бензински пумпи и кога констатирале дека квалитетот им е лош, престанале да примаат рекламации за новите возила поврзани со дефекти предизвикани од горивото. Арсовски го пренесува искуството на своите муштерии, кои кажувале дека автомобилот подобро им одел кога полнеле гориво во Грција. Тој вели дека тоа може да се поврзе со октаните и објаснува дека секогаш треба да се користи бензин со октанска вредност која ја пропишува производителот на возилото. Ако бензинот е со помалку октани, вели тој, тогаш моторот послабо работи, но разликата може да се види ако се вози на многу долги релации.
-Не може да се каже дека имаме горива со врвен квалитет, но сепак, тој е добар. Ако се појави дефект на возило поврзан со горивото, тогаш тој не е предизвикан од квалитетот, туку од чистотата, односно со тоа дали резервоарот на бензинската пумпа е чистен или не. Исто така, може да се случи нафтата, зиме, кога е многу ладно, да кристализира и да предизвика некои оштетувања – објаснува Арсовски.

Македонија со европски горива.

Од Министерството за економија потсетуваат дека во моментов за квалитетот на течните горива се применува Правилник за квалитет на течните горива кој е донесен во 2007 година и дополнет во 2008 година и е согласно европските стандарди и директиви.
Инспекцискиот надзор за тоа како се спроведува Правилникот го врши Државниот пазарен инспекторат согласно законската регулатива, додека квалитетот на нафтените деривати при увоз го контролира Царинската управа на Република Македонија.
-Утврдувањето на барањата за граничните вредности на квалитативните својства на течните горива се врши со лабораториска анализа во акредитирани лаборатории согласно бараните светски стандарди – велат од ресорното министерство.

Тие укажуваат дека согласно Законот за енергетика кој е донесен на почетокот на 2011 година, изготвена е Уредба за квалитет на течните горива за што веќе е спроведена јавна расправа. Според нив, Предлог-уредбата содржи и План за следење на квалитетот на нафтените деривати, со кој се утврдува обврската на трговците на големо и трговците на мало за следење на квалитетот на течните горива, посебно за летен и зимски период во зависност од продажбата на секој вид течно гориво.

Согласно последната Одлука за определување на највисоките малопродажни цени на нафтените деривати донесена од страна на Регулаторна комисија за енергетика, цената на Еуросупер БС 98 е за 1,5 денари повисока од цената на Еуросупер БС 95.
Од скопската рафинерија ОКТА предупредија дека земјава од извозник на нафтени дериватни, до 2016 година ќе стане увозник. Токму затоа тие предлагаат државата да направи независна лабораторија за да го контролира увозот на нафтените деривати. Од Економија укажуваат дека според Правилникот за нафтени деривати, со донесувањето на уредбата ќе се овозможи бараниот мониторинг.

Според професорот од Машинскиот факултет, Миле Димитровски, од пред пет години македонските стандарди за горивата се усогласени со оние на ЕУ.
-Октанскиот број не може драстично да влијае врз оперативноста на возилото, може само да опадне моќноста и да има повеќе издувни гасови – појаснува Димитровски.

Октанскиот број го покажува квалитетот на бензинот.

Октанскиот број го означува квалитетот на горивото за мотори со внатрешно согорување и ја покажува детонационата карактеристика на бензинот. Тој ни покажува колку може горивото да се компримира пред да се запали моторот.
Октанската вредност се определува спрема референтни горива и тоа:
– изооктан кој е отпорен на детонација и има октански број 100, и
– хептан кој е склон кон детонации и има октански број 0.
Бензин со октански број 95 се однесува како смеса од 95% изооктан и 5% хептан.
Октанскиот број е важен за работата на моторот и треба да се употребува гориво со препорачан октански број од производителот на возилото. Доколку се употребува гориво со помал октански број тоа би довело до предвремено палење на горивото, што ќе доведе до детонации во моторот, неправилна работа и губење на силата на моторот, а со тоа и до зголемена потрошувачка на гориво.

Кривични пријави за царинска измама и криумчарење.

Надлежните служби деновиве утврдија дека скопска компанија за преработка на нафта и нафтени деривати увезувала стока забранета за увоз. Против неа се поднесени кривични пријави за “царинска измама” и “криумчарење”, а се водат и прекршочни постапки за вкупно 561 записник за царински прекршок
Царинската управа и одзеде девет одобренија за поедноставени постапки на скопската компанија откако утврди дека сериозно ги прекршила царинските правила и прописи.
-Укинати се одобренијата за овластен примач, за локално царинење при увоз, за овластен испраќач и за локално царинење при извоз бидејќи компанијата не се придржувала кон одредбите од одобренијата и од Царинскиот закон, како и кон Уредбата за спроведување на Царинскиот закон – соопшти македонската царина. Од Царината информираат дека надлежните служби утврдиле дека компанијата увезувала стока забранета за увоз. Против неа се поднесени кривични пријави за “царинска измама” и “криумчарење”, а се водат и прекршочни постапки за вкупно 561 записник за царински прекршок.
Според Царинската управа, компанијата скоро цела година работела без потврди за општа гаранција за транзитна постапка и не ги доставувала сите потребни документи веднаш, или најдоцна до наредниот работен ден што претставува грубо кршење на царинските прописи.
Во соопштението на Царината се препознаа од компанијата ОКТА од каде вчера во допис до медиумите искажаа реакција на одлуката на Царинската управа. Оттаму истакнаа дека одлуката на Царината во целост е неоснована и неоправдана, и нивното донесување значително ќе влијае на нормалното снабдување со нафтени деривати на локалниот и косовскиот пазар. Одлуката, велат од ОКТА, ќе создаде и сериозни проблеми во енергетскиот биланс на двете земји.
-Аргументите во овие одлуки се неиздржани и не се докажани, поради што ќе ги искористиме сите правни средства во рамките на управната и судската постапка, за докажување дека истите се неточни – тврдат од ОКТА. Тие нагласуваат дека донесувањето на наведените одлуки ќе предизвика сериозни логистички проблеми. Рафинеријата ќе вложи напори да продолжи со сите потребни активности за нормално и непречено снабдување со нафтени деривати на пазарот.

Извор: www.vecer.com.mk