Советот на општината го вклучи алармот – подготвува локација.
Советот започна процедура за промена на планот и земјиштето од земјоделско да стане градежно. Со ова ќе се овозможат услови новите инвеститори непречено да дојдат и да инвестираат во Велес, вели Славчо Чадиев, претседател на Советот на општината
Владата најави изградба на германска фабрика од автомобилската индустрија во Велес, а општинските власти се растрчаа да подготват терен. Советот започна постапка за промена на Деталниот урбанистички план во индустриската зона Речани 2″, бидејќи таа локација, според инвеститорот, била најпривлечна.
– Советот започна процедура за промена на планот и земјиштето од земјоделско да стане градежно. Со ова ќе се овозможат услови идните инвеститори непречено да дојдат и да инвестираат во Велес. Наше е да им понудиме добри услови – вели Славчо Чадиев, претседател на Советот на општина Велес.
Веста за фабриката брзо се прошири во Велес. Граѓаните засега се претпазливи. Дел се сомневаат дека целата работа можеби е предизборен маркетинг. Сепак, сите се согласуваат во тоа дека на Велес, некогаш најразвиен индустриски центар, му е потребна ваква инвестиција.
– Слушнав и мислам дека е за поздравување. Најавуваат дека 600 луѓе ќе работат таму. Тоа е одличен број за да заживее градот. Ако се реализира тоа, ќе биде одлично, пред се за младиве. Нема да бараат работа во светот, туку ќе имаат шанса да се вработат – вели жител на Велес.
Овој и наредниот месец се клучни дали германскиот инвеститор ќе гради фабрика во Велес. Министерот за странски инвестиции, Веле Самак, изјави дека пречки засега нема. Изградба на фабрика во Велес е неговиот приоритет.
– Најизгледен проект ни е германска фирма од автомобилска индустрија која начелно го има избрано Велес како една од локации, иако не споредуваа со Србија и Бугарија, но јас се надевам дека до крајот на февруари ќе ги завршиме овие преговори и ќе донесеме и во Велес уште една гринфилд инвестиција – вели Самак.
Ако се реализираат најавите, изградбата на фабриката ќе чини 20 милиони евра. Таму ќе се вработат помеѓу 500 и 1000 лица.