Сообраќајот се одвива без забрани и ограничувања

Според најновите информации добиени од ЈП Македонија пат, сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата се одвива непречено, по претежно суви коловози.

Сообраќајот се одвива без забрани и ограничувања

Влажни коловози се бележат на повисоките планински и осојничави места. По клисурите и засеците можна е почеста појава на поситни одрони, посебно на патните правци Маврово-Дебар-Струга, Д.Капија-Удово и Катланово-Велес, кои можат да го попречат движењето на возачите. Дежурните екипи на ЈП Македонијапат се на терен, редовно ги контролират и одржуваат проодни сите патни правци.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.

На граничните премини нема подолготрајни задржувања за влез и за излез од државата.

АМСМ ги потсетува сите возачи дека законската обврска за поседување на зимската опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба, трае до 15.03.2013.

 

Извор: www.kurir.mk

Advertisements

Мото ГП: Хонда ги претстави адутите за борбата со Јамаха

Премиерната трка во новата сезона од Мото ГП шампионатот е закажана за 7-ми април во Катар.

Мото ГП Хонда ги претстави адутите за борбата со Јамаха

Сепак, иако сме далеку од стартот на новата кампања битки на најбрзите мотоциклисти на планетата, една од екипите која што вообичаено важи за фаворит во натпреварувањето Репсол Хонда, одлучи да ги открие своите адути за борба со ривалите.

Имено, вчера во седиштето на нафтeната компанија „Репсол“ во Мадрид, беше претставен мотоциклот, но и возачкиот тандем со кој тимот ќе се натпреварува во 2013-та. Машината е именувана RC213V, а ќе ја управуваат Дани Педроса и Марк Маркез.

На промоцијата говореше и извршниот потпретседател на Хонда, Шухеи Накамото, кој од своја страна објасни дека мотоциклот не е радикално редизајниран, меѓутоа во многу аспекти е унапреден. Меѓу другото, потежок е за три килограми, а воедно машината му е помоќна.

Минатата сезона титулата ја освои Хорхе Лоренцо од Јамаха со 350 бодови, додека Дани Педроса заврши на втората позиција со 332. Марк Маркез пак, беше првак во Мото 2 шампионатот.

Во сезоната која е пред нас, најголем конкурент на тимот на Репсол Хонда ќе му биде токму Јамаха, со мотоциклистите Хорхе Лоренцо и „Докторот“ Валентино Роси.

 

Извор: www.kurir.mk

Апел до сите учесници од сообраќајот од РСБСП

Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, апелира до сите учесници во сообраќајот да обрнат посебно внимание на сложените услови за одвивање на сообраќајот за време на зимскиот период. Во продолжение проследете ги во целост препораките упатени до учесниците во сообраќајот.

getimagethumbnail2

Препорачуваме, во секоја можна пригода да се користи градски или јавен превоз.

Возачите на моторни возила треба да обрнат посебно внимание на одржување на техничката исправност на своите возила.

Препорачуваме употреба на зимски гуми, заради зголемената безбедност при управување со возилото.

Поседувањето на комплетна зимска опрема е задолжително.

Пред возење, по потреба, возилото треба темелно да биде исчистено од снег и мраз, а стаклата од замагленост.

Потребна е добра проценка на состојбата на коловозот при учество во сообраќај, заради можноста за снежни наноси и голомразица, кои се основни причини за сообраќајни незгоди во овој период.

Брзината на движење и растојанието помеѓу возилата мора да биде прилагодено на условите на патот, а будноста и свесноста за движењето на останатите учесници во сообраќајот да биде на високо ниво.

Доколку се патува вон градските средини, потребно е навремено да се провери состојбата на тој патен правец. За таа цел, најпогодна е консултација на телефонскиот број на АМСМ,15 555.

Во случај за потреба од помош на пат, обратете се на телефонскиот број 196.

Природниот гас поевтинува за шест денари

Компанијата Макпетрол а.д. Скопје ја намали цената на природниот гас за стопанството за 6,23 денари.

Природниот гас поевтинува за шест денари

Новата цена изнесува 30,03 денари за кубен метар гас за разлика од досегашните 36,26 денари.

Според компанијата, споредено со минатиот месец намалувањето е за 17,18 проценти.

Причина за намалувањето е пониската набавна цена на гасот за првиот квартал годинава во споредба со четвртиот квартал од минатата година за 14,3 проценти, односно цената од 579 долари за 1.000 метри кубни се намалува на 496 долари, соопшти „Макпетрол“.

 

Извор: www.kurir.mk

Еве зошто зимската опрема е неопходна (ВИДЕО)

Еден голем шлепер повлекол со себе влечно возило во 200 метри длабоката провалија во Леифјорд во Норвешка, лизнувајќи се од автопатот прекриен со снег.

Еве зошто зимската опрема е неопходна.

Видеото делува застрашувачки, но за среќа никој не го загубил животот!

Се се случило минатата зима, но несреќата е добар потсетник за тоа што се случува кога немате зимска опрема во возилото.

ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ВИДЕОТО !!! 

 

Извор: www.kurir.mk

Проработе ли свеста на возачите под дејство на алкохол?

Дури 65% од возачите кои биле во алкохолизирана состојба ги оставиле своите автомобили и дома се вратиле со такси превоз. Ова е резултат од досегашната кампањата на такси компанијата Ин Такси за избегнување на возење автомобил во алкохолизирана состојба.

Проработе ли свеста на возачите под дејство на алкохол

-Идејата за да спроведеме една ваква кампања се роди од фрапантните и поразителни податоци дека само во 2011 година имало 160 случаи каде причините за сообраќајни незгоди биле управување под дејство на алкохол. Тоа покажува дека еден од најголемите проблеми е што возачите седнуваат зад волан во алкохолизирана состојба. Нашата кампања е насочена на таргетирање на овие возачи и давање на опција – враќање дома со такси превоз, изјави Оливер Никушев, директор на Ин Такси.

Патроли на  „Ин Такси“ одеа низ локали, ресторани и ноќни клубови во Скопје каде беа тестирани лица за нивото на алкохол во крвта. Доколку „дрегерот” покажува присуство повеќе од 0,5 промили на алкохол во крвта, што е над законски дозволената граница, се даваа вредносни ваучери за користење на такси превоз. Ваучерот вклучуваше повик на такси од било која локација во Скопје, кое безбедно ќе ги однесе до нивната дестинација.

-Одличните резултати на кампањата и подигањето за свесност за проблемот е основното за продолжување на кампањата. Имаме веќе и позитивни реакции од граѓани и државни институции за целата кампања, а тоа значи дека треба многу малку да се подигне нивото на свесност, додаде Никушев.

„Ин Такси“ во следниот период ќе продолжи со своите „контроли“ во локалите низ Скопје и останатите градови.

 

 

Извор: www.kurir.mk

Како се вози кога има магла?

Од АМСМ деновиве препорачуваат внимателно возење заради појавата на магла и намалената видливост на дел од патните правци. Еве неколку корисни совети за тоа како да возите кога има магла, кои што секако нема да ви бидат на одмет.

Како се вози кога има магла???

За безбедно возење низ магла најважно е да имате исправни фарови за да бидете забележани на патот. Во магла се користат кратки светла за осветлување на патот или специјални светла за магла, а може и двете истовремено.

Има возачи што не знаат како правилно се користат светлата за магла. Тие се вклучуваат само за време на намалена видливост за време на дожд, снег и магла. Во никој случај не треба да се користат во други прилики, на пример, ноќе, затоа што им пречат на останатите возачи.

Второто важно правило е да возите бавно. Најмногу 50 километри на час, но често ниту таа брзина не е возможна. Неопходно е да забавите кога ќе забележите возило пред вас затоа што заради намалената видливост тешко ќе процените дали тоа стои или се движи. Кога маглата е густа најчестите верижни судири се случуваат токму заради задоцнетото забележување на другите автомобили.

Исто така не се препорачува ниту претекнувањето, затоа што возилото што оди во спротивна насока тешко можете да го забележите, а оддалеченоста и брзината на автомобилот што го претекнувате исто така неможете точно да ја утврдите кога е намалена видливоста. Затоа немојте да се нервирате кога некој пред вас „лази“ и не обидувајте се да го заобиколите.

Исто така, зголемете го растојанието, сконцентрирајте се, ако е можно не разговарајте со останатите во автомобилот, намалете го тонот на музиката.

Ако сте се решиле да застанете и да почекате да се разведри во никој случај не заборавајте да ги оставите светлата на автомобилот вклучени.

 

 

Извор: www.kurir.mk